Студии по географија

Додипломски студии

  студии по географија (8 семестри)  
- наставна географија
- географски информациски системи
- туризам  
- демографија
- физичка географија




На Институтот за географија, како што е споменато, од 1985 до 2005 г. егзистираа студиумите по географија и етнологија. На студиите по географија во периодот 1985-1995 г. егзистираа наставна и применета насока, но втората од 1995 г. наваму е во мирување, така што во моментот студиите по географија стандардно се одвиваат само на наставната насока. Студентите се стекнуваат со титула дипломиран професор по географија, односно дипломиран географ, според најновите студиски програми. Така, во моментот, на Институтот за географија егзистира само наставна насока како четиригодишни студии, организирани со студиски програми според европскиот кредит трансвер систем.

Институтот постојано е заинтересиран за осовременување на наставата и за нејзино приближување кон европските стандарди. Тоа значи дека, согласно со техничко-технолошкото ниво на развој на општеството и развојот на одделните географски дисциплини, перманентно се врши промена во студиските програми од географија. Така, во последните 20 г. се изменети 3-4 студиски програми при што последниот наставен план е од учебната 2001/2002 г. и тој заврши со учебната 2005/06 г. Од учебната 2006/07 г. се работи според студиски програми организирани во согласност со принципите на Болоњската декларација, односно според ЕКТС.

Првата генерација запишана во 1946 г. имала 46 редовни студенти по географија, а потоа бројот на запишани студенти се зголемувал, така што во средината на седумдесеттите години изнесувал околу 100. Но подоцна, поради рационализацијата и со воведувањето на државната квота, се запишуваа просечно по 50 до 100 студенти. Денес, бидејќи има и вонредно студирање, овој број може да биде и поголем.

На Институтот за географија, во периодот од 1947 до 2006 г., дипломирале 1828 студенти, од кои 1685 на студиите по географија, а 143 на студиите по етнологија. Интересот за студирање географија, поради ширината на видокругот на знаењата и информациите за земјата, за светот и пошироко, е постојано присутен. Така, Институтот за географија и студирањето географија перманентно е во позитивен развоен тренд. За тоа придонесува добро организираниот наставен кадар, опременоста на Институтот со технички средства и наставни помагала, организацијата на теренската настава и слично.

Постдипломски студии

На Институтот за географија, како надградба на додипломските студии, егзистираат повеќе насоки на постдипломски студиуми:

  • Просторно планирање,
  • Тематска картографија,
  • Географски основи на планирањето на туризмот,
  • Физичка географија.
Карактеристично е да се напомене дека во рамките на Институтот за географија постдипломскиот студиум по просторно планирање егзистира од 1976 г., а другите се отворени во последните десетина години, поточно, студиите по тематска картографија и географски основи на планирањето на туризмот се отворени во 1998 г., а студиумот по физичка географија е отворен во 2003 г. Со тоа значително се проширени можностите за стручно и за научно усовршување и специјализација на кадровскиот потенцијал од географија во Република Македонија, но и надвор од неа.

На Институтот за географија, во периодот од 1947 до 2006 г., на наведените студиуми магистрирале 59 лица, од нив 54 на географски, а пет на етнолошки науки. Со титулата доктор на географски науки се здобиле 48 лица, од нив 42 на географски, а шест на етнолошки науки.