X
 01.03.2021 Живот

Првпат во Јасен се следи балкански рис

На крајот од февруари Македонско еколошко друштво (МЕД) во соработка со вработените од Јавното претпријатие за стопанисување со повеќенаменското подрачје Јасен, обележа млад мажјак со ГПС-околувратник од загрозениот вид балкански рис. Ова е првиот рис што ќе се следи надвор од Маврово и околината.

- За присуството на балканскиот рис во Јасен имавме податоци подолго време, но досега немавме среќа да поставиме ГПС-околувратник на рис. Ова е првиот рис што ќе го следиме надвор од Маврово и околината, како подрачје каде што досега имаме потврда дека се размножува рисот. Се надеваме дека оваа единка ќе ни даде интересни информации за неговото хранење и движење во Јасен - изјави Диме Меловски од МЕД.





Рисот бил одбележан од страна на тројца членови на нашиот тим со поддршка на еден ловочувар од „Јасен“ и двајца стажанти од Германија и од Франција.

Фаќањето на овој рис е дел од полусистематската сесија за фотозамки која покажа и присуство на уште една единка на рис, како и присуство на лисици, куни, јазовци, елени, срни, диви кози, диви мачки, волци и мечки, соопштија од МЕД.




Активностите за воспоставување на мониторинг на рисот во „Јасен“ се спроведуваат во рамките на проектот „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“ во соработка со тимот на заштитеното подрачје, кој е финансиски поддржан од Европската Унија, а спроведен од УНДП со поддршка на МЖСПП.

Фотографии: МЕД
Тагови:

Издвојуваме

Живот