X
 04.03.2024 Наша тема

Над 350 училишта и градинки се затоплуваат на дрва и на нафта: Кои институции користат греење со кое го загадуваат воздухот?

Државните институции се меѓу најголемите загадувачи во Македонија, а над 700 објекти на државната и на локалната самоуправа се греат со нееколошки системи кои како енергенти користат дрво, мазут, нафта и пелети.

Професорот д-р Дејан Мираковски од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, кој е експерт на темата загадување и заштита на воздухот, вели дека институциите што се греат на нееколошки горива се сериозни загадувачи на воздухот затоа што работат со многу моќни системи.

- Институциите имаат моќни системи, ако се греат на нееколошки горива како мазут, дрва и нафта, сигурно се сериозни загадувачи. Приватната куќа има мала моќност, а институциите располагаат со моќност од 30, 50, па и 100 киловати, значи се поголеми од стан или куќа најмалку десет пати. Овие потрошувачи во урбаните зони се загадувачи. Ако се променат системите за греење во објектите на државните институции, можеби нема да биде видливо, но ќе се намалат вредностите на загадениот воздух - објаснува Мираковски.



На дигиталниот регистар на Министерството за животна средина и просторно планирање постои база на податоци и мапа на сите јавни објекти под надлежност на државната и локалната самоуправа кои имаат доставено податоци за видот на гориво кое се користи за загревање, неговата потрошувачка и капацитет на ложиштето.

Според базата на податоци, на дрва се греат вкупно 82 објекти и само кај пет од нив постои можност за замена на греењето со пелети или фотоволтаици. Меѓу нив е и „Национални шуми“, кое користи дрво за греење на подружниците низ земјава и за нив троши 1.158 кубни метри за една сезона. Ниту еден од државните објекти не се наоѓа во Скопје.

На мазут се грее само ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа - Битола и таму нема можност за замена на постојното греење со друг поеколошки енергент.
На нафта се греат 135 објекти на државната управа, меѓу кои подрачни одделенија на Дирекцијата за заштита и спасување, министерствата за правда, за земјоделство, за култура, матични подрачја на Управата за водење матични книги, Фондот за ПИОМ и Царинската управа. Најмногу, 50 тони, троши Народниот театар во Битола, а се трошат околу 660 тони нафта годишно или нешто над 800.000 евра за греење на нафта.

Кај објектите под надлежност на општините, дрво како енергент користат 142 објекти и најголем дел од нив, вкупно 115, се основни училишта во села и помали населени места. Кај овие објекти има можност за замена на повеќе од 80 системи. На нафта се греат 272 објекти во општините, а 90 отсто од нив се детски градинки и основни и средни училишта. Само 58 објекти можат да ја заменат нафтата со поеколошки енергент како струја, гас или пелети.

- Генерална процена е дека значителен број од јавните институции користат системи за греење кои како гориво користат екстра лесно масло за горење (нафта) и дрва, додека одреден број користат мазут (главно здравствени установи) како гориво за греење. Јагленот како гориво е незначително застапен. Одреден број институции користат природен гас за загревање преку изградена градска топловодна мрежа или во општините каде што има изградена гасоводна мрежа или во сопствени системи за греење. Исто така, постојат институции, но не се во голем број, кои користат пелети како гориво за загревање, како и електрична енергија - рекоа од Министерството за животна средина и најавија дека во првите неколку месеци од 2024 година ќе објават нови податоци и процени за државните загадувачи.



Од Министерството за животна средина велат дека паралелно со мапирањето на институциите се работи на замена на нееколошките системи за греење, со спроведување проекти за зголемување на енергетската ефикасност на јавните објекти, што, според МЖСПП придонесува за помала емисија на штетни гасови во воздухот од согорување на фосилни горива.

Во моментов се спроведува проект на ЕУ во вредност од 10 милиони евра, но тој проект е наменет само за четири големи градови: Скопје, Битола, Куманово и Тетово. Целта на проектот е да се намалат емисиите на загадувачки материи, пред се PM2,5 и PM10 преку замена на застарени и неефикасни котли во 70 јавни објекти во овие градови, со што ќе се елиминира употребата на нафтата за греење.

Со овој проект треба да се намали загадувањето од јавниот превоз во Скопје преку модернизација на возниот парк со шест нови (CNG) екоавтобуси, ќе се изврши урбано зазеленување, ќе се изработи физибилити-студија за проширување на мрежата со парно греење во Скопје и ќе се инсталираат мобилни станици за мониторинг на квалитетот на воздухот.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема