X
 13.03.2019 Здравје

Загадувањето на воздухот е одговорно за повеќе смртни случаи отколку пушењето

Бројот на луѓето што умираат како резултат на загадувањето на воздухот може да го надмине бројот на смртни случаи предизвикани од пушењето, покажува најново истражување.

Германските истражувачи проценуваат дека 8,8 милиони смртни случаи годишно на глобално ниво се поради загадениот воздух.

Во Европа истражувачите процениле дека 790.000 луѓе починале како резултат на загадувањето - со што е двојно зголемена претходната процена што не ја зела предвид дополнителната стапка на кардиоваскуларни заболувања.

- Ова значи дека загадувањето на воздухот предизвикува повеќе смртни случаи годишно од пушењето цигари, проценува Светската здравствена организација, и било одговорно за дополнителни 7,2 милиони смртни случаи во 2015 година - рече професорот Томас Мунзел, еден од авторите од Медицинскиот центар „Мајнц“.

zagaduvanje
Фото: РА


Фините честички и азотните оксиди што излегуваат од автомобилите, фабриките и електраните може да формираат штетен коктел што значително ги зголемува стапките на срцеви удари, мозочни удари и тешки напади на астма.

Регулаторите бараат да се укинат дизел-автомобилите во поголемите градови бидејќи тие се главни производители на микроскопски PM2,5 честички. Тие можат да содржат тешки метали и други хемикалии што се таложат во белите дробови и влегуваат во крвотокот.

Истражувањето користело компјутерски симулации за интеракција на природни и вештачки хемикалии во комбинација со нови информации за густината на населението, факторите на ризик од болести и причините за смрт.

Коавторот и професор Џос Леливелд од Институтот за хемија „Макс Планк“ рече дека големиот број дополнителни смртни случаи предизвикани од загадувањето на воздухот во Европа се објаснува со комбинацијата на слабиот квалитет на воздухот и густата популација, што доведува до изложување што е меѓу највисоките во светот.

Во Германија загадувањето на воздухот се смета за одговорно за дополнителни 124.000 смртни случаи во 2015 година и 2,4 години изгубен животен век. Околу 81.000 луѓе биле убиени од загадувањето на воздухот во Италија, а 64.000 во Велика Британија.

Научниците од истражувањето ја повикаа Европската Унија да усвои поцврсти безбедносни граници за PM2,5 честичките поставени од СЗО - бидејќи сегашните нивоа на загадување на воздухот во Европа се двојно поголеми од безбедноста поставена од страна на здравственото тело.

- Многу други земји, како Канада, САД и Австралија, го користат упатството на СЗО. ЕУ во тој поглед доста заостанува - вели професорот Мунзел.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје