X
 05.07.2022 Живот

Кристијан Даниловски: Fx3x креира нови можности за младите во Македонија

Компанијата Fx3x е домашна компанија што веќе 25 години е дел од сите големи филмски проекти на Холивуд, а од неодамна влезе во партнерство и со врвно светско студио за визуелни ефекти и анимација.

Имајќи ја предвид сè поголемата побарувачка на пазарот на трудот за овој домен на работа, Fx3x ја лоцираше потребата од продукција на нови, квалитетни кадри, кои постепено ќе навлезат во динамичниот и возбудлив свет на визуелните ефекти и анимацијата. Токму затоа, тимот одлучи да им пружи поддршка на младите амбициозни луѓе, кои сакаат постојано да учат, да се надградуваат и да осознаваат нови вештини и искуства, преку обезбедување стипендии во вредност од по 3.000 евра за специјализирани професионални обуки на 60 најдобри кандидати, со цел директно вработување и градење кариера. Сите заинтересирани кандидати што имаат афинитет во една од областите, а заради полесно совладување на материјалот, пожелно е да имаат и основно знаење и/или искуство во софтвери за обработка на слики, но не е неопходно.

-Пред дваесет и пет години со Fx3x започнавме двајца, а денес броиме повеќе од сто и педесет вработени. Целта беше да создадеме компанија од светски калибар со врвен тим од луѓе што работат упорно и посветено. Освен квалитетот за кој не правиме компромис, Холивуд нè избира нас пред другите поради моментот на доверба, знаат дека она што ќе го испорачаме, ќе биде производ изработен до перфекција. Сме работеле на многу светски блокбастери и оскаровци, на многу наградени култни филмови и серии. Чест ми е што имам можност да работам со млади амбициозни и креативни луѓе, и како компанија да ги поддржуваме во остварување на својот креативен и кариерен потенцијал – изјави Кристијан Даниловски, генерален менаџер и соосновач на Fx3x.



Обуките ќе се реализираат во школата на Fx3x за визуелни ефекти и анимација на VFX Nest, а се организирани во соработка со ЊуМенс бизнис акцелераторот. Предвидено е да се спроведат во две главни области, и тоа Визуелни ефекти за филм и 3D моделирање и анимација, секоја со по 450 часа предвидени за предавања и 100 часа предвидени за практични вежби и самостојна работа.

Обуките ќе ги изведуваат најдобрите домашни ментори со искуство на најпрестижните проекти во индустријата, а ќе се вклучи и интернационален тим експерти, со цел за само пет до шест месеци да ги остручат учесниците за директно вработување. Планирано е обуките да се одржуваат хибридно, во живо и онлајн, со можност учесниците надвор од Скопје да следат поголем дел од програмата онлајн.

-Менторите се супер и обрнуваат внимание на секој детаљ во предавањата. Исто така, секогаш се на располагање да помогнат со тешкотиите со кои секојдневно се сретнувам. На сите што се интересираат за кариера во овие области, топло би им препорачал да не се демотивираат и да се истрајни и упорни во својата работа. Како резултат на обуките добив неверојатна можност да бидам дел од тимот што работеше на ABBA Voyage и одлично е чувството кога ќе видите како заедничките напори се спојуваат во едно на денот на премиерата, како и да си го видите вашето име на одјавната шпица – изјави Раде Радевски, кој има завршено ваква обука во 2021 година и е вработен во Fx3x.



Можноста да се стекне драгоцено работно искуство во домашна компанија со светско реноме е огромна можност за младите во Македонија и затоа Fx3x нуди поширока перспектива за развој на нивните креативни вештини и потенцијали, поттикнувајќи ги да ја изберат токму оваа професија, која може да им обезбеди плодна кариера. За сите кандидати што редовно и успешно ќе ги завршат обуките и ќе го положат финалниот тест, ќе биде обезбедено работно место во Fx3x, со можност за натамошен напредок во кариерата, како и интернационална кариера и во рамките на партнерската компанија од светски ранг.

Сите заинтересирани кандидати можат да аплицираат за стипендирана обука на следниот линк: http://bitly.ws/smeK најдоцна до 15 јули. За да дознаете повеќе за Fx3x, посетете го веб-сајтот https://fx3x.com и прочитајте го разговорот со генералниот менаџер и соосновач на Fx3x, Кристијан Даниловски.

Кристијан Даниловски

Кој беше моментот на пробив за Fx3x кога компанијата од домашна, успеа да се наметне како интернационален играч во полето на визуелните ефекти и анимација?

– Кога почнувавме во 1997 година, имаше многу малку луѓе што ја поддржуваа нашата идеја. Малкумина помислуваа дека она кон кое се стремевме е воопшто можно, освен потесен круг наши пријатели и соработници како и нашите семејства, но не верувам дека некој вистински веруваше дека ќе успееме со нашите холивудски аспирации во овој обем.

Би рекол дека клучни фази во нашиот развој имаше повеќе, само шестпати досега се реструктуриравме за да бидеме подобри, поефикасни, да понудиме поголем квалитет. Првиот клучен момент беше да се откажеме со партнерот Миливоје Ѓорѓевиќ од понудите да работиме индивидуално за големите студија, тој имаше понуда во Америка, јас во Англија, и самите да основаме компанија во Македонија. Вториот клучен момент беше одлуката по брзиот развој што ни се случи во првите години кога го освоивме пазарот за рекламни видеа со визуелни ефекти во Македонија, па и во регионот. Соочени со неможноста да се шириме понатаму со капацитет во смисла на артисти и притоа да работиме само на рекламни видеа, а да не можеме да стигнеме до работа на холивудски филм поради ограничениот број артисти, одлучивме да одиме на сѐ или ништо и да се обидеме на холивудскиот пазар. Во 2004 година се подготвивме за настап на тогаш најголемиот светски саем за визуелни ефекти SIGGRAPH, кој се одржуваше во Лос Анџелес, за што вложивме сѐ што имавме во тој момент. Бевме со мисла дека ако не нѐ бива, подобро да дознаеме сега кога вложуваме сѐ, таман ќе се провериме дали сме доволно добри. За среќа, со „Авијатичарот“ добивме позитивен одговор на тоа прашање. Следуваа два клучни моменти, за кои не знаевме што претставуваат во моментот кога ни се случија, тоа беше првата номинација за наградата ЕМИ за визуелни ефекти за ТВ-серии, а веќе следната година беше Оскарот за визуелни ефекти на „Златниот компас“, филм на кој и ние работевме. Ова ни помогна да се поставиме на мапата со квалитет и ни ги отвори вратите во поголемите студија, вклучително и компанијата на која отсекогаш ѝ се восхитувавме, Industrial Light & Magic на Џорџ Лукас, со што конечно си го потврдивме квалитетот. Следниот клучен момент ни се случи две години по започнувањето на оваа соработка и беше двојното зголемување на компанијата во рок од шест месеци. Не може да се опише таа фаза, среде работа со полн капацитет правевме обуки бидејќи е познато дека во Македонија не постои начин да добиете готов кадар од факултет без да го обучите. Ние обучувавме нови луѓе, испорачувавме проекти со очекуваниот квалитет и прилично успешно ја завршивме таа фаза.

Еден од нашите најголеми успеси е дека по 25 години постоење и покрај фазите низ кои интерно сме поминувале во различни моменти, ние спрема клиентите имаме конзистентен квалитет што е на највисоко светско ниво. Тоа претставува гордост, заедно со фактот дека сме работеле на сите филмови што ни биле инспирација, особено франшизите што придонеле да сакаме да го работиме ова, какви што се „Терминатор“, „Паркот Јура“, „Војна на ѕвездите“, „Стар трек“, Џемс Бонд итн.



Што е клучно во работата на големите холивудски филмови, каков начин на работа бараат тие?

– Холивуд е центарот на комерцијалната филмска индустрија, а со тоа и на визуелните ефекти, иновациите во тоа поле и престижот. Токму таму можеме да се докажеме бидејќи квалитетот е највисок, а тоа отсекогаш го посакувавме. Конкуренцијата меѓу која се докажуваме е глобална, со највисок квалитет, со постојан притисок со квалитет од врвните американски и британски компании, со цените од компании од Кина и од Индија, со притисок од огромни државни субвенции, кои на пример во Канада се над 40%, па и до 50% субвенции на холивудските студија за да работат таму. Предизвиците ни се големи, ама и задоволството е поголемо кога успешно ги надминуваме.
Работата на визуелните ефекти бара сериозни инвестиции во технологија и новитети за да ја задржат атрактивноста за публиката. Она што било интересно пред неколку години, денес ни оддалеку не ги задоволува барањата и очекувањата на публиката. Развојот некогаш е видлив и од филм до филм и од нас се бара тој развој да го следиме со знаење, соодветна технологија и опрема, да следиме сѐ ново што се појавува, да знаеме кои технологии се најефикасни и најдобри, да ги тестираме во нашиот систем на работа, а особено брзината е суштествена карактеристика.

Секогаш го споменуваме примерот со 3Д-техниката на изработка на визуелни ефекти: бевме меѓу првите во светот што можеа и знаеја да работат во стерео техника, дури направивме и наше 3Д-кино за да можеме да го видиме сработеното пред да го испратиме. Тоа дека ја следиме технологијата се подразбира, се трудиме да внесеме иновации во неа како што е примерот со хибридна анимација што ја развивавме во изминативе две години, каде што успеавме 900-минутна анимација да ја сработиме за една година со врвен квалитет, што е огромен успех, а веќе оваа година бевме вклучени во т.н. виртуелна продукција преку користење т.н. game engine во продукција на холивудски филм. Сѐ уште се водиме по старата девиза: „Добри сме колку што ни е добар последниот проект“ бидејќи нѐ проценуваат според најновото сработено, па се трудиме секогаш да е најдобро.



Што е најважно за вашата корпоративна култура?

– Во нашата корпоративна култура се важни, пред сѐ, тимската работа, фокусираноста врз резултатот и, секако, доверливоста.
Речиси секогаш станува збор за многу големи проекти каде што паралелно работат многу различни артисти и потребна е добра синхронизација и разбирање и почитување на процесите што доаѓаат и пред и потоа за да се дојде до квалитетен финален резултат, па затоа соработката е високо ценета. Дополнително, кадрите на кои работиме ќе излезат во јавност многу подоцна, некогаш дури и по неколку години, па затоа и покрај возбудата да се сподели на што се работи во моментот, доверливоста на артистите е клучна за да може да се дел од нашиот тим.

Предноста, пак, за вработените во нашиот тип на работење е што индивидуалните резултати се видливи и лесно мерливи, и во смисла на квантитет и на квалитет, така што секогаш гледаме трудот на артистите да е соодветно вреднуван и награден.



Што треба да знаат младите креативни луѓе пред да се определат за работа во полето на визуелните ефекти и анимацијата?

– Визуелните ефекти не само што го сменија светот на филмот, и тоа дури непропорционално, ја сменија и публиката. Искуствените доживувања на публиката се разликуваат поради динамиката, интензитетот и брзината на движење во филмот и тоа не е повеќе очекување само на помладата публика, често и меѓу повозрасните има љубители на динамична акција. Тоа дефинитивно ја одредува иднината на филмот, би рекол и ја ограничува на некој начин, бидејќи сметам дека филмот мора да содржи сериозна доза на раскажување приказна, драматуршки елементи што визуелните ефекти треба само да ги нагласат. Едно е сигурно: публиката е таа што ќе го дефинира развојот на филмот во иднина.

Мојот совет би бил да бидат фокусирани на својата цел, свесни дека нема да ја реализираат преку ноќ ниту, пак, дека ќе биде лесно, тоа од сопствено искуство можам да го гарантирам. Ако се во оваа професија затоа што тоа сакаат да го работат, предизвиците и проблемите успешно ќе се надминат, полесно е човек целосно да се вложи кога ја сака работата што ја работи. Никогаш не сме потклекнувале пред предизвиците, сме барале решение како да си ја оствариме целта и секогаш имало добри и лоши моменти.

Со упорност, истрајност и фокус кон она што сакате да го постигнете, сметам дека може да се оствари замислената цел. Потврда за тоа е и нашиот пат, а еве, во нашата 25-та година, одлучивме да станеме дел и од глобална групација од светски ранг и со тоа да креираме уште повеќе можности за младите луѓе од Македонија, кои ќе имаат можност за професионален раст и развој и надвор од границите на нашата земја.



Што е следниот голем предизвик за вашата компанија?

– Следејќи го трендот на зголемување на бројот на филмските продукции и потребите на пазарот, а во согласност со новите партнерства, следува неколкукратно зголемување на нашиот капацитет преку забрзан раст во Македонија и регионот во идните три години. За таа цел воведуваме и нови тренинзи и обуки, на кои помладите кандидати ќе се стекнат со неопходното знаење да започнат со работење во областа на визуелните ефекти и дигитална анимација. Секако, тие што веќе имаат искуство се добредојдени и директно да нè контактираат доколку сакаат да станат дел од нашата приказна.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот