X
 05.09.2022 Живот

За иднината на македонското земјоделство

Античкиот филозоф Хераклит уште пред 2500 години ја изрекол неговата позната мисла „Сè тече и сè се менува“. Сите ние кога ќе погледнеме наназад, само го потврдуваме тоа дека ништо не е како некогаш. Промените во историјата се случувале некогаш побавно, а во поновиот период многу побрзо. И земјоделството се менувало и се менува.

Промените биле можеби побавни, но денес сме сведоци на брзи промени и во оваа област, често за дел од нас и неразбирливи и затоа сметам дека иднината на земјоделството припаѓа на новите генерации што доаѓаат и ќе навлезат во него.

Земјоделството, како една од најстарите стопански области, претставувало основата од која се создавала акумулацијата, која во текот на времето овозможила развој на преостанатите области, влијаело и врз развојот и формирањето на општествено-економските односи и на некој начин придонело за развој и формирање на државите. Но земјоделството со своите карактеристики и специфичности, а пред сѐ со биолошкиот карактер на производството и средствата за производство, со својот низок органски состав на капиталот (ниска техничка опременост), со бавниот обрт на капиталот и понискиот просечен профит, долг период заостанувало во развојот во споредба со другите области. Сепак, земјоделството како единствена област која обезбедува храна и со тоа опстанок на населението е детерминирано како една од клучните области за државите и затоа тие креираат земјоделски политики преку кои тоа силно се поддржува, преку разни мерки за пазарно-ценовни заштити, буџетски трансфери за поддршка на доходот на производителите и буџетска поддршка на структурни мерки со кои се поддржуваат инвестициите во земјоделството.

Покрај тоа, земјоделството има и социолошко значење за одржување на руралните заедници и придонес за регионалниот развој. Ваквото значење придонело историски земјоделството од едноставни операции на обработка на почвата и одгледување на културите, како и од одгледување и искористување на добитокот, да премине во т.н. мултифункционално земјоделство. Во вакво земјоделство, покрај основната функција на производство на земјоделски производи и обезбедување храна, се отвораат нови перспективи и аспекти на кои одговара земјоделството, а пред сѐ регионалниот развој и развојот и одржувањето на селата и населението во нив, заштитата на животната средина со сите аспекти, одржување на биодиверзитетот, одржување на пејзажите, земјоделството и климатските промени, безбедноста на храната и здравјето на населението. Сето ова овозможува и одржување на постојните традиционални занаети и развој на области кои се органски поврзани со земјоделството, како што е руралниот туризам.

Согласно овој развој и политиката се насочува да обезбеди одржливост на земјоделството со водење урамнотежена грижа за економските, регионалните и социјалните елементи на земјоделството. За сето погоре многу е пишувано, анализирано и аргументирано, но сето тоа е дел од минатото и сегашноста низ кое се движело и развивало земјоделството.


Проф. д-р Драги Димитриевски

Овој текст е посветен на иднината, односно е мое видување за идниот развој и место на земјоделството, за потребните знаења и вештини и човечките ресурси за управување со процесите во земјоделството во иднина. Со ова сакам да ги поттикнам и младите генерации да размислат за професијата земјоделски инженер, особено во периодот кога ја прават нивната одлука за упис на факултет.

Во време на најновата и би рекол најбрзата револуција на техничко-технолошки развој, образованието ќе биде клучот за подготовка на идните кадри кои ќе го управуваат земјоделството и ќе овозможат негова одржливост под перманентните закани од климатските промени и сѐ почестите кризи во кои влегува светот, а во нив и земјоделството. Образованието на земјоделските инженери треба да ги понуди фундаменталните технолошки знаења, а воедно континуирано да ги воведува новите техничко-технолошки достигнувања. Времето на интензивниот и брз развој на информатичката технологија на некој начин ги детерминира потребните знаења кои задолжително ќе треба да се внесат во образованието на идните земјоделски инженери. Веќе го гледаме навлегувањето на овие техничко-технолошки достигнувања во земјоделството, со што постепено се усвојува терминот „дигитално земјоделство“, кој обединува и други наслови: паметно земјоделство, прецизно земјоделство итн.

Во таа иднина земјоделството и процесите во најголем дел ќе бидат дигитално управувани, со силна поддршка од информатичките и комуникациските технички средства управувани од новите генерации земјоделски инженери. Верувам дека постепено и гореспоменатиот факт за неповолниот органски состав на капиталот ќе се менува и подобрува преку интензивни вложувања во напредни технички средства, а ќе се намалува трудоинтензивноста. Земјоделството ќе остане како многу значајна стопанска област, особено што со последните две големи кризи кои произлегоа од пандемијата на ковид-19 и од руско-украинскиот конфликт се покажа неговото силно влијание, како од стравот за обезбеденоста и достапноста до храна така и во влошувањето на економската состојба во светот и кај нас. Ова негово значење придонесе владите насекаде во светот и Светската организација за земјоделство и храна – FAO сериозно да се посветат на земјоделството, силно да го поддржат и да вложат средства со цел негова модернизација, зголемување на продуктивноста и неговите капацитети и да обезбедат остварување на една од милениумските цели на ООН за обезбеденост со храна и искоренување на гладот во светот.



И кај нас сериозно се пристапува кон земјоделството со цел да се обезбедат доволни количини основни прехранбени производи, но и да се следи чекор со новите техничко-технолошки иновации и воведување на дигитализацијата. И во Стратегијата за паметната специјализација, која е во тек на изработка, како една од приоритетните области е вклучено земјоделството, на кое ќе се работи во иднина за да се обезбеди мотивирање на земјоделските производители да креираат и да воведат иновативни и техничко-технолошки напредни решенија во своето работење.

Иднината на македонското земјоделство ќе биде многу различна од сегашноста. Тоа ќе мора да се трансформира во нов модел на дигитално земјоделство кое ќе ја задржи и зголеми мултифункционалноста и мора да биде следено од политики кои ќе обезбедат негова одржливост и развој. Оваа трансформација е големиот предизвик за сите нас што сме во системот на образование и наука и на целата останата струка во земјоделството, но ќе биде задача и предмет за спроведување на новите генерации кои ќе одберат да студираат во областа на земјоделските науки и храната. Се надевам дека ова ќе биде предизвик за нив, кои се родени и живеат во дигиталното време, ги разбираат овие технологии и ги користат како дел од нивните секојдневни вообичаени активности.

Автор: проф. д-р Драги Димитриевски

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот