X
 18.08.2019 Технологија

Соларни патишта што ни ја приближуваат иднината

Патиштата, тротоарите и велосипедските патеки од иднината можеби ќе можат да генерираат електрична енергија со помош на сонцето. Барем на тоа се надеваат девелоперите на соларните патишта.

Со оглед на тоа дека површината веќе се користи, оваа стратегија е сосема логична - сè додека е безбедна. Иако сега е претежно експериментално, не се исклучува можноста еден ден ваквите патишта да го заменат традиционалниот асфалт.

Колку би чинеле соларните патишта?

Цената на соларните патишта зависи од инсталираниот систем и од површината што ја покрива. Иако има неколку примери низ светот и повеќето се експериментални, сепак, имаме некои податоци.

На пример, еден од првите соларни патишта во светот, лоциран во едно француско село и долг само еден километар, чинеше 5 милиони евра за да се развие и инсталира. Друга инсталација од 14 метри квадратни во Ајдахо, САД, пак, чинеше околу 60.000 долари.

Дали соларните панели ќе го топат снегот?

За соларните патишта да бидат безбедни за употреба во сите временски услови, ќе биде неопходно тие да може да се справат со секаков вид врнежи, не само со снег. Но, има некои специфични примери кои сè уште се во развој и кои се дизајнирани да бидат способни да го топат снегот назима.

На пример, компанијата „Солар Роудвејс“ направила модуларни соларни плочки кои содржат загревачки елементи што може да спречат акумулирање на снег и мраз.

Еве неколку примери за соларни патишта од целиот свет.

1. Франција во 2016 година пушти во употреба соларен пат долг 1 километар

Површината на соларните панели со кои е направен овој пат е околу 2.880 квадратни метри. Овој пат беше еден од првите соларни патишта во светот. Пионерот во оваа област може да генерира доволно енергија за уличните светилки во малото село Турувр-о-Перш. Овој пат чинеше околу 5 милиони евра и секој ден го користат околу 2.000 возачи.



2. Кина изгради соларен експресен пат

Минатата година Кина ги заврши работите на експресниот пат во Ѓинан, долг еден километар. Развиен од страна на „Килу транспортејшн девелопмент груп“, тој се состои од три различни слоја.



Базата е направена од изолација со соларни панели во средниот слој и транспарентен бетон кој го покрива патот. Површината на овој пат е 5.875 квадратни метри и тој има две обични ленти и една лента за итни случаи. Овој соларен пат беше дизајниран да може да генерира околу 1 милион киловат-часови годишно.

Но, набрзо по изградбата, некои делови од соларниот пат беа украдени. Сепак, панелите не би имале голема комерцијална вредност.

3. Велосипедска патека во Холандија

Инсталирана во Кромени, Холандија, оваа велосипедска лента е покриена со специјални соларни панели. Овој проект ги надмина сите очекувања на дизајнерите што го направија.

Соларната патека е долга околу 70 метри и секој панел е заштитен од физичко оштетување со заштитен слој дебел 1 сантиметар.



Фото: Interesting Engineering

За една година оваа патека можеше да генерира 70 киловат-часови на квадратен метар. Тоа е доволно за да може три куќи да се снабдат со енергија.

Според дизајнерите, повеќето корисници не ја ни забележуваат разликата меѓу оваа и нормална патека.

4. Соларен тротоар на кој може да се напојуваат автомобили

Компанијата „Платио“ неодамна инсталира тротоар со површина 4,6 квадратни метри со соларни панели. Направен од рециклирана пластика, овој тротоар има двојна намена. Пешаците можат безбедно да минуваат додека тој генерира електрична енергија за полнење на електричните автомобили.



Фото: Interesting Engineering

Процесот на инсталација на овој тротоар во Будимпешта траел само еден ден. Кога соларниот тротоар не е зафатен за полнење на возила, енергијата што ја генерира помага во напојувањето на деловна зграда во близина.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија