X
 09.02.2017 Култура

Проколнатиот филозоф - Барух Спиноза

Спиноза, чие латинизирано име e Бенедиктус, е роден во 1632 во Амстердам, а умрел во Хаг, 1677. Своите први мислителски патишта ги поминал во сензитивна општествена клима на расправи имајќи предвид дека во тој период во еврејската заедница дошло до проблематични несогласувања по прашања на верата.

Спиноза како момче бил свртен кон религијата и историјата на еврејскиот народ, и уште тогаш, поминувајќи ги деновите во синагогите, почнал подлабоко да ги преиспитува усвоените правила на религиското учење.

Почнал да се интересира и за античката филозофија, особено за Сократ и Платон, и со особена страст да ги разработува учењата на Џордано Бруно и Рене Декарт.


Фото: Wikipedia

Заради своите ставови бил обвинет за ерес и во 1656 година бил екскомунициран од еврејската заедница, при што и официјално бил проколнат:

Нека биде проклет и дење и ноќе. Нека биде проклет и кога легнува и кога станува. Нека биде проклет и кога поаѓа и кога доаѓа! И господ никогаш да не му прости! Нека осветата и гневот на Господ горат против овој човек кој врз себе ги навлече сите проклетства кои се напишани во Книгата на законите и нека се уништи неговото име!

Отфрлањето и проколнувањето од еврејската заедница не влијаеле премногу врз него. Тој и натаму продолжил  да се занимава со сопствените филозофски погледи и ставови.

Спиноза ја следел индивидуализацијата како принцип на добрина, бидејќи сметал дека човекот, сам по себе, тежнее кон самоодржување на сопственото битие, насочено кон достигнување на повисоко совршенство, среќа и задоволство за да ја достигне фазата на интелектуална љубов кон Бог.

За Спиноза луѓето, во политичка смисла, се наклонети кон бунт, кон отфрлање на законите, така што човековата природа не се наоѓа во дуалитетот меѓу духот и разумот туку тежнее кон самосвест. Заради ова и Хегел, а потоа и Ниче, го уважувале Спиноза како голем филозоф, вграден во историјата на филозофската мисла.

Според Спиноза, супстанцијата се состои од бескрајно многу атрибути кои ја одредуваат нејзината есенцијалност. Човечките афекти се одликуваат со дуалитет во дејствувањето па затоа и „омразата се зголемува со омраза, додека може да се уништи само со љубов“.

Исус Христос, за Спиноза, бил најголемиот човек, затоа што неговиот пат бил олицетворение на милосрдна љубов, а неговата филозофија се залагала за рамноправност и толерантност.

Во неговата интерпретација на интелектуалната љубов се назира платонистичкиот концепт за идејата, токму преку нагласувањето на постојаниот конфликт меѓу рационалниот и афективниот принцип.

При овој конфликт, Спиноза се залага за вистината како врховен принцип.

Влијанието на Спиноза врз современата филозофија е евидентно и се потврдува со актуелноста на неговите ставови и денес. Тргнувајќи од размислите за детерминизмот, природата и духот, афектот и разумот, Спиноза несвесно го отвори и централното прашање околу (не)можноста на науката да ги одговори прашањата за физичкиот свет.

Живеел повлечено, ја задржал својата доследност, кршејќи ја догматичноста на секој чекор, затоа што сметал дека слободата има пресудно значење во човековиот живот.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура