X
 13.09.2019 Технологија

„Фејсбук“ направи мала промена која има големо значење

Компанијата на Марк Закерберг неодамна на многу суптилен начин го промени слоганот на интернет-страницата за САД и за ЕУ.

„Фејсбук“ преку ноќ го промени слоганот на страницата за логирање. До неодамна пишуваше „It's free and always will be“ (бесплатно е и секогаш ќе биде), но сега пишува „It's quick and easy“ (брзо е и лесно). Со тоа компанијата на фин начин го демантира фактот дека членството не чини ни денар.

Според интернет-страницата „Вејбек машин“, „Фејсбук“го променил слоганот меѓу 6 и 7 август. Без разлика на тоа која е причината за менување на слоганот, промената претставува отстапување од досегашната реторика на „Фејсбук“, која и онака не држи вода, со оглед на тоа дека страницата функционира благодарение на користењето на приватните податоци за таргетиран маркетинг.

Вистинската причина поради која сме соочени со промена на слоганот е директивата на ЕУ, со која подолго време се врши притисок врз „Фејсбук“ поради користењето на приватните пораки како методи за плаќање на услугите. Меѓу другото, корисниците на оваа социјална мрежа со самата регистрација ѝ дозволуваат на страницата да ги користи нивните податоци за што и да ѝ е потребно (а потребни ѝ се пари).

- „Фејсбук“ не е бесплатен, ниту пак некогаш бил. Валутата на „Фејсбук“ отсекогаш биле корисникот и неговите приватни податоци. Страницата никогаш не била бесплатна затоа што токму тие приватни податоци вредат многу пари - истакнува експертот за дигитално право Хозе Антонио Кастиљо.
Подготвил: Билjана Арсовска

Издвојуваме

Технологија