X
 23.02.2015 Живот

Интервју со Кевин Спејси во пресрет на третата сезона на House of Cards


 
Македонските граѓани почнувајќи од 28 февруари, само 24 часа по американската премиера, ќе можат да уживаат во секоја епизода на мега-популарната серија Куќа од карти (House of Cards) која ќе биде достапна на регионалната интернет телевизија Pickbox, со македонски Главната улога во оваа серија (“Френсис Андервуд“) ја игра ненадминливиот Кевин Спејси.

П: Како би го опишале Френсис?
О: Мислам дека Френсис е ѓаволски и чудесен лик. Знаејќи дека ликот е создаден според Ричард Трети и Јаго, некои од тие работи се неразделиви од неговиот карактер. Но, тешко ми е да ги окарактеризирам ликовите како целосни негативци - не е толку едноставно. Не знам како да играм негативец. Јас само го играм она што ќе го напишат сценаристите и оставам работите да се развиваат сами од себе.

П: Дали сте љубител на оригиналната верзија на Би-Би-Си "Куќа од карти"?
О: Апсолутно. Сум ја гледал оригиналната серија, бидејќи мајка ми ја сакаше. Таа верзија ја користевме на почетокот, но како што почнавме да ја обликуваме, знаевме дека ќе ја развиваме во различни насоки.

П: Дали воопшто бевте под влијание на незаборавната изведба на Ијан Ричардсон како Френсис во оригиналната верзија?
О: Не се потпирав на Ијан Ричардсон. Наместо тоа, се потпирав на искуството кое го имав играјќи го Ричард Трети. Во текот на 10 месеци, го играв 198 пати во 12 градa. Искуството беше извонредно. Ричард нема монолози. За разлика од Хамлет, тој не му се обраќа на светот. Тој луѓето ги гледа в очи и така ги прави соучесници. Не беше важно дали на публиката англискиот ѝ е прв или трет јазик. Кога го играв - публиката се соживуваше целосно. Се навалуваа напред, на работ од своите седишта, полни возбуда и задоволство дека само тие се дел од нешто. Беа восхитени што се дел од една тајна. Колку им се гледаше тоа во очите!



П: Како ја прилагодувате таа карактеристика за улогата на Френсис?
О: Прилагодувањето, главно го направив кога ѝ се обраќав на камерата. Помислив дека е нешто како најдобар пријател. Да речеме, си седите во кафуле со вашиот најдобар пријател и доаѓа некој друг. На тоа лице сте му испратиле е-пошта пред две недели, но сѐ уште не ви одговорил. И, криејќи ја устата зад својата рака, му велите на вашиот најдобар пријател: "Сега ќе дојде тука и ќе каже дека бил премногу зафатен за да одговори на мојата е-пошта" и токму тоа ѝ се случува. Како Френсис, се чини како да споделувам тајна со мојот најдобар пријател. Публиката станува лицето со кое Френсис најмногу ги споделува тајните и на кое најмногу му верува. Тој се открива себеси пред ова лице како што не се открил дури ни пред неговата сопруга. Тоа е многу интимно. Да го немав тоа искуство да го играм Ричард Трети, немаше ни да го постигнам ова.

П: Дали ликот на Френсис го темелите врз некој политичар од вистинскиот живот?
О: Важно ли е тоа? Не, не го темелам врз никого. Мајкл Добс и Бо Вилимон сето тоа брилијантно ни го разработуваат. Интересно е како некои политичари ги бие глас дека се безмилосни, како Линдон Џонсон. Сега, луѓето го менуваат мислењето. Да, бил ѓаволски карактер, но завршил доста работи. Донел три закони за граѓанските права за многу кус период на претседателствувањето. Кој ќе биде моралниот предизвик за публиката да ја гледа "Куќа од карти"? Да го гледа Френсис како прави вражји работи, но во исто време и како ги средува работите.

П: Дали најдовте некаков пример за Френсис во Холивуд?
О: Сум слушал за луѓе гладни за моќ, но не! Кога го снимав "Во вода со ајкули", сите мислеа дека карактерот сум го базирал врз некој од Холивуд, но не беше така. Никогаш не сум сретнал такви луди луѓе за коишто слушате. Одвреме-навреме, ќе наидете на арогантни или егоистични актери или режисери. Но, јас се чувствувам многу среќен. Благословен сум што работам на филмови кои ми донеле многу убави искуства и кои го издржале тестот на времето.



П: Како би го окарактеризирале односот помеѓу Френсис и Клер?
О: Таа носи панталони? Па, носам и јас! Тоа е многу интересно прашање - каков однос е всушност тоа? Јасно е дека си нудат нешто еден на друг, што не би го добиле на друго место.

П: Како е повторно да се соработува со Дејвид Финчер?
О: Инспиративно. Навистина му верувам. Делумно е поради и тоа што тој е голем перфекционист, а јас навистина сакам кога ме притискаат. Дејвид е познат по тоа дека многу сака да ги преснимува сцените. Снимајќи ја оваа серија, сфатив дека тој сака да ја избрка глумата од нас, да се ослободи од неа и сѐ да издестилира до најчист, најекономичен начин на раскажување.

П: Кажете ни нешто повеќе.
О: Тој е исто така еден од ретките режисери кој има работено во сите области, па точно знае што зборува и што точно сака. Во неговата работа има голема ефикасност и економичност. Кога Дејвид станува опседнат со нешто - а навистина е опседнат со ова сценарио - многу се внесува во тоа. Тој е нашиот гуру. Тој ги режираше само првите две епизоди, но неговото влијание се чувствува низ целата серија, па стилски, секој режисер го задржува истиот стил. Никој не прави нешто различно од она што Дејвид веќе го утврдил.

П: Какво е вашето мислење за содржината емитувана на Интернет?
О: Се чини дека филмската индустрија се движи во таа насока. Кога ќе прашаш пријатели: "Што ќе правите викендов?" велат: "Ќе седам дома и ќе гледам три сезони "Лоши навики" и две сезони "Игра на тронови". Луѓето во голема мера ги консумираат приказните и го следат примерот на останатите.

П: На крај, дали уживате во работата со Нетфликс?
О: Да. Ова не е првпат мене и на Дејвид да ни понудат снимање за телевизија, но чекавме, бидејќи претходно бевме нервозни околу ограничувањата на телевизијата. Но, ова ми изгледаше како вистински момент за ТВ-проект. Нетфликс ни рече: "Веруваме во вас. Не треба да одите на аудиција. Ајде, снимете 26 епизоди". Тоа беше фантастично!

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот