X
 13.08.2015 Образование

Кои зборови треба да се употребуваат на есеј за прием на Харвард?

Запишувањето на елитен колеџ или факултет никогаш не било потешко. Минатата година, стапката на прием на Харвард била пониска од било која година. Само 5.3% од кандидатите добиле писмо дека се прифатени. Стапката на Стенфорд пак, беше уште помала - 5.05%.

 

харвард


Денес потребно е многу повеќе од само импресивни оценки, целосна листа на воннаставни активности и длабока посветеност на служба на заедницата за американските студенти да можат да учат на елитен универзитет. Експертите велат дека најважниот дел е совршениот есеј, кој дефинитивно им овозможува место на вакви престижни универзитети. Но, она што е помалку познато е фактот дека универзитетите фаворизираат различни теми, па дури и специфични зборови кои се користат во самите есеи.

Ова е клучен пронајдок од „AdmitSee“, старт ап компанија која ги повикува студентите да ги споделат нивните апликациски материјали со потенцијални апликанти. Средношколците можат да платат за пристап до датотеката од успешни есеи, додека студентите на факултет кои ги споделуваат нивните материјали добиваат мала исплата секој пат кога некој ќе добие пристап до нивните податоци.

Стефани Шај, ко-основач на „AdmitSee“ вели дека овој модел и` овозможи на компанијата да собере голем број на податоци - досега, во нивниот систем имаат собрано над 15.000 есеи за прием на факултет. Многу од нив се од студенти кои биле примени на престижните факултети. Поголемиот дел од овие есеи доаѓаат од сегашните студенти кои биле примени последните две или три години.

„AdmitSee“ има тим кој ги анализира сите овие материјали, собирајќи квалитативни и квантитативни податоци. Тие пронајдоа доста добар увид за тоа што различните елитни колеџи бараат во еден есеј. Една од највпечатливите разлики беше меѓу успешните Харвард и Стенфорд есеи. Средношколците често пати аплицираат со сличен есеј - меѓутоа постојат огромни разлики во тоа што овие два универзитети бараат.

Како ги нарекувате родителите?

Термините „мајка“ и „татко“ се појавуваат почесто во успешните Харвард есеи, додека терминот „мама“ и „тато“ почесто се појавуваат во успешните Стенфорд есеи.

Харвард сака негативни есеи

„AdmitSee“ откри дека негативните зборови се појавуваат во поголемиот дел есеи прифатени од Харвард отколку во есеите прифатени од Стенфорд. На пример зборот „рак“, „тешко“, „тврдо“ се појавуваат почесто на есеите на Харвард, додека „среќен“, „страст“, „подобар“ и „подобрување“ се појавуваат почесто во есеите на Стенфорд.

Ова исто така има врска и со содржината на есеите. На Харвард, примените студенти пишуваат за предизвиците кои морале да ги надминат во нивниот живот или академската кариера, додека студентите на Стенфорд пишуваат креативни лични приказни или есеи за нивното семејно потекло или пак прашања и проблеми за кои се грижи самиот студент.

Најчестите зборови кои Харвард есеите ги имаат заедно се „искуство“, „општество“, „свет“, „успех“, „можност“, додека на Стенфорд се „истражување“, „заедница“, „знаење“, „иднина“ и „вештини“.

Општ увид е дека оние студенти кои преземаат ризици со содржината и структурата на нивниот есеј имаат тенденција да бидат поуспешни. Еден студент кој бил примен на неколку колеџи пишувал за зависноста од порно на неговиот татко, додека друг пишувал за неговиот дедо кој бил во затвор, и кој ја терал неговата мајка да му набави купони за храна на нелегален начин. Друг есеј содржеше листа на омилени книги, фокусирајќи се на тоа каде секоја книга била купена.

„Едно од големите прашања кои нашите корисници постојано го прашуваат е зошто тие треба да преземат ризик со своите есеи и да пишуваат нешто што открива интимни детали за себеси. Она што ние го откривме е дека успешните есеи не се оние кои зборуваат за остварување или пак претставување на студентот. Најдобрите есеи се оние кои допираат изненадувачки лични теми“, вели Шај.

Совет за крај? Доколку сакате да се запишете на Харвард и се одлучите да пишувате за вашите родители, добро би било да ги користите зборовите „мајка“ и „татко“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование