X
 20.10.2015 Образование

На час по претприемништво - Конкурентноста на една земја започнува во училницата



Националниот центар за развој на иновации и претприемничко учење минатиот месец организирал обуки за 90 наставници кои предаваат бизнис и претприемништво во училиштата за средно образование во државава. Целта на овие обуки била наставниците да се запознаат со новата наставна програма како и со методите и активностите за реализација на програмата.

Додека се чека да стасаат учебниците, средношколците веќе изучуваат иновации и претприемништво во редовната настава. Учениците во прва година учат за претприемачка заедница, во втора година се учи за претприемачки бизнис, во трета за претприемачки менаџмент, а во четврта година се учи за претприемачко лидерство.

Да се претворат идеите во дела

„Конкурентноста на една земја не започнува во фабриката или пак во инженерската лабораторија. Таа започнува во училиницата.“ Со овој цитат на Хенри Форд, започнува презентацијата од обуката на која учествувале наставниците. Во документот кој е поставен на веб-страницата на Бирото за развој на орбазованието, има се` за претприемништвото - што е тоа, што се бизнис и иновации, а ги има и целите кои треба учениците да ги постигнат изучувајќи ги овие теми.

„Важни аспекти на претприемништвото се: Успешен - да прави пари, Одржлив - да го повторува успехот, Потенцијал за раст - да биде стратешки дизајниран за раст, Може да се продаде - бизнисот е производ на претприемачот", пишува во презентацијата.

Како го третирате вашиот бизнис?

Во документот има и многу вежби односно дискусии по одредени прашања, на кои треба одговори да дадат учениците заедно со нивните наставници.

„Кога наидувате на можност каде успехот или неуспехот се неизвесни, што правите? Како ги третирате плановите во вашиот бизнис? Дали се статични или динамични? Дали едноставно запирате со акции и започнувате со анализи, истражувања и разгледување на секој можен агол за секој предизвик на кој налетувате? Дали поминувате денови или недели во размислување дали да се фатите со предизвикот пред вас?" Ова се само дел од дилемите кои и наставниците и учениците треба да ги разрешуваат на часовите по претприемништво.

Кој смее да предава иновации и претприемништво?

Според нормативот за наставен кадар, наставата по претприемништво и иновации конкретно за прва година во гимназиското и средното уметничко образование, може да ја изведува само лице кое исполнува еден од следните услови: Да има завршени студии по економија VII/1 степени на акредитираните универзитети во РМ или во странство со домашна акредитација, со соодветна педагошко-психолошка и методска подготовка. Предметот може да го предава и лице со завршени студии од областа на економијата по Европски кредит трансфер систем (240 ЕКТС), како и лице со завршени студии на факултет за наставници или други студии со стекната педагошко-психолошка и методска подготовска и следена обука за иновации и претприемништво.

Автор: Антонија Поповска-Христов / antonija@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование