X
 11.01.2016 Живот

Правила за добар сон од успешните млади претприемачи

Сонот е многу важен за здравјето, но и за искористување на физичкиот и психичкиот потенцијал. Може да се рече дека позади секоја успешна личност стои мирно преспиена ноќ. Неколку успешни лица разговарале со „Huffington post“ за да ги откријат своите навики во спиењето. Што може да научиме од нив?


Шрејанс Џејн (21), ко-основач на фестивалот „Клуб 25“

Овој фестивал е најголем индиски фестивал за млади претприемачи, уметници, дизајнери, музичари и создатели. Според Џејн, сонот е многу важен дел од неговата дневна рутина. Тој спие осум часа секоја ноќ, а ако не отспие, денот му се претвора во болна досада. Тајната за добриот одмор за него е „среќно спиење“.

- Некаде прочитав дека пред спиење сите треба да мислат на нешто за што се благодарни тој ден. Позитивното размислување навистина функционира. Ако ништо друго, го подобрува расположението. Јас пробав и навистина функционира.

Џордан Флигел (29), основач на „CoachUp“

Спортистот и претприемач Џордан е свесен за важноста на сонот. Затоа, кон него се поставува како и кон работата.

- Без сон, не само што нема да можете да го достигнете психичкиот врв, туку и целиот оној труд кој сте го вложиле во теретаната или на игралиштето ќе биде нарушен. Сонот не е ништо помалку важен за успехот на работно и приватно поле, дури и доколку не сте спортист.

Џордан пред спиењето чита и медитира десетина минути. Времето за спиење го бележи како дел од работата како и сите други обврски.

Викто Гаи (27), илустраторка

Илустраторката од Њујорк во својата кратка кариера веќе собрала завидни клиенти во портфолиото. Таа научила за значењето на сонот на потешкиот начин. Пред три години, кога започнувала со кариерата, Викто се посветила на работата толку многу што забележила проблеми поради недостатокот на сон. Таа започнала да ја губи косата бидејќи спиела само 3 или 4 часа. Тогаш научила дека сонот е важен и секогаш треба да се најде време за него. Таа одбегнува да гледа во екрани пред спиење.

- Секогаш ќе има проекти, но јас имам само едно тело - вели таа.

Ерон Фајрстајн (29), дизајнер и ко-основач на „BucketFeet“

Ерон верува дека тајната за добриот сон е одбегнување на стрес пред заминување на одмор.

- Многу луѓе легнуваат во кревет со мобилниот во раката. Јас имам правило да не гледам во телефонот пред спиење. Поголемиот дел од ноќите сè е во ред, но никогаш не знаете кога ќе стигне некоја порака која носи стрес.

Џулијан Џан (25), основач на „Tablelist inc“

Џулијан учествувал во продажба на недвижности вредни 30 милиони долари пред да дипломира. Што се однесува до сонот, стратегијата му е едноставна: Изморете се со вежбање!

- Иако се занимавам со ноќниот живот, секоја ноќ сум во кревет во 10. Станувам во 5 наутро и околу 6 сум во теретана, а поради тоа полесно ми е да заспијам.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот