Еуролинк осигурување, во петокот, на настан по повод врачување на
“Еуролинк стипендијата”, додели 29 стипендии на перспективни млади луѓе,
18 за додипломски и 11 за постдипломски студии на Правниот факултет
“Јустинијан Први” – Скопје, во вкупна вредност од 1.100.000,00 денари.
Стипендиите за студентите на додипломски студии од сите насоки се
во висина од 25.000,00 денари за додипломците и 60.000,00 денари за
постдипломците и се наменети за да им се покријат трошоците за
кофинансирање. Стипендиите ги додели лично претседателот на Надзорниот
одбор на Еуролинк осигурување, Олга Костовска, која им честиташе и
истакна:
„Се надевам дека со овој наш гест, ви го правиме патот кон иднината
побезболен, укажувајќи ви на вистинските вредности со кои ќе си ја
обезбедите иднината, а тоа се истите со кои ја обезбедивте оваа стипендија.
Не ги заборавајте своите одговорности кон семејството, кон нашата
татковина и своите сограѓани. Отпочнете активен општествен живот,
прифаќајте предизвици, градете ја мрежата на пријатели, идни соработници
и идни работодавачи. Станете луѓе зачувувајќи ја благодарноста и
хуманоста во себе и наоѓајте начини да помагате на помалку
привилегираните од вас. “
Програмата за стипендирање студенти од Правниот факултет
„Јустинијан Први“ во Скопје е дел од платформата за корпоративна
општествена одговорност, „Еуролинк - Вашата врска со вистинските
вредности“ и е во редот активности преку кои се промовираат трајните
образовни, културни и општествени вредности во нашата држава.