X
 07.12.2015 Образование

Младинската организација "Мугра" против планот на МОН за изградба на два нови објекти

Младинската организација „Мугра“ е организација составена од студенти, средношколци и останати млади лица кои се обединуваат и организираат меѓусебно се со цел изнаоѓање и воспоставување на подобри идеи, кои би претставувале решение за проблемите со кои се соочуваме како млади во нашето општество. Таа подеднакво би ги застапувала правата на младите и би се спротиставувала на секој обид на нивно кршење. Идејата врз која оваа организација се заснова е пред сѐ да ги рашири прогресивните идеи помеѓу младите, а потоа и да се стреми кон нивно имплементирање во општеството.




СООПШТЕНИЕ

По повод планот на Министерството за образование и наука за изградба на два нови објекти (зграда за факултетот за физичко образование, спорт и здравје и зграда за факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство) во рамки на главниот универзитетски комплекс при Универзитетот Кирил и Методиј:

Младинската организација “Мугра” се спротивставува на ваквиот избрзан, несоодветен, недоволно подготвен, деструктивен и ретрограден план бидејќи при неговата реализација ќе се прекршат следниве правила и принципи:

1.    Брутално прекршување на автономијата на универзитетот. Таа е прекршена во три инстанци:

-    Автономијата на просторот е прекршена бидејќи овој план ја прекршува просторната автономија на универзитетот. Во Законот за високо образование стои дека на универзитетот му се гарантира неповредливост на универзитетскиот простор и на просторот на самостојните високо образовни установи ( Член 14 од ЗВО).

-    Автономијата на одлучување е прекршена така што во ниту еден чекор од носењето на одлуката за изградба на нови објекти во просторот на кампусот не се консултирани студентите на истиот кампус. Студентскиот парламент во овој момент е нерепрезентативно и нелегитимно тело со нелегален и нелегитимен претседател и тој не може да одлучува во име на студентите, а особено не за трајни, нереверзибилни акции со непоправливи последици.
-    Автономијата на универзитетскиот простор е прекршена така што на веќе целосно осмислен и одлично концепиран простор се наметнуваат нови градежни зафати кои на ниту еден начин не го почитуваат, а дури и го игнорираат постоечкиот просторен контекст. Територијата на кампусот не смее да се перцепира како обично градежно земјиште, туку таа е негов неизоставен дел кој има сопствен придонес во заокружувањето на кампусот како целина во која припаѓаат и зградите на факултетите и ректоратот.

2.    Прекршување на правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.
-    Според бр. 51/05 на Службен весник на Република Македонија, член 23, став 2, алинеја 2  при оформување на градежни парцели за објекти за високо образование се утврдува следната минимална површина на градежната парцела: 30m2 по студент/ка. Според Архитектонско – урбанистичкиот проект за Универзитетски комплекс на градежна парцела 1.1. согласно ДУП за дел од локалитет Крњево  1,  Урбан Блок 1, Општина Центар, површината на градежната парцела изнесува  91,779 m2  за сите факултети заедно.  Дури и без вклучување на нови факултети и изградба на нови објекти во комплексот не се запазени законските регулативи. Во сегашните услови бројот на студенти е веќе преголем за површината со располага кампусот.

3.    Прекршување на правилник за стандарди и нормативи за  проектирање на објекти. Во проектната задача за изработка на идејно решение за Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, за објектот предвидена е површина од 9.625 m2 за 3200 студенти (3 m2 по студент, кога минимум површината според Член 9 од Правилникот („Службен весник на РМ“ бр. 15/90, 11/91, 11/94, 18/99 и 25/99) изнесува 7-10 m2!

4.    Прекршување на авторските права на архитектот Марко Мушиќ, кој е сеуште жив и чијшто проект за универзитетски кампус бил првонаграден на архитектонски конкурс распишан во 1967 година. Со доградување на нови објекти во рамките на веќе комплетираниот универзитетски кампус се прекршуваат авторските права на најелементарно ниво.

5.    Нарушување на животната средина. Во овој план се предвидува уништување на 47 дрва и притоа најдиректно се загрозува еколошката средина на кампусот, со што индиректно се загрозува и здравјето на студентите. Универзитетот како авангарда треба да предничи во кревањето на свеста, а тука е вклучена и еколошката свест. Затоа сметаме дека и ова е уште еден огромен проблем во планот на Министерството за образование и наука.



Ние сметаме дека намерата да се инвестира во нови објекти, во насока на подобрување на состојбата на универзитетот е благородна, но не на начинот на кој е планирано да се спроведи. Упатуваме препорака овој план да се преиспита и да се најдат посоодветни решенија кои ќе ги земат предвид претходно наведените аргументи.

Нагласуваме дека како организација сме спремни да учествуваме во проектот со наши предлози, идеи и човечки капацитети сè со цел да изнајдеме заедничко прифатливо решение.

Доколку ова соопштение биде игнорирано и не се земе предвид, М. О. Мугра ќе ги преземе сите демократски расположливи средства за спречување на реализацијата на планот кој го презентира Министерството за образование и наука.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование