X
 23.03.2016 Живот

Не влегувајте со празен мобилен телефон во авион, ќе мислат дека носите бомба


 
САД и Велика Британија воведоа порестриктивни безбедносни правила на аеродромите, според кои патниците мораат пред да се качат во авионот да ги вклучат сите електронски уреди што ги носат во рачниот багаж и на обезбедувањето да му докажат дека тие навистина работат. Во спротивно, обезбедувањето има право да не им дозволи да се качат во авионот.

Опасностите од терористички напади кои особено зачестија низ светот во последните неколку години, ги натераа европските земји да воведат нови безбедносни правила за патниците. Последни такви засилени мерки воведе Велика Британија, која од вчера има порестриктивни правила кои се однесуваат на сите кои патуваат со авион од и кон островската земја. Според новите правила, патниците мораат пред да се качат во авионот да ги вклучат сите електронски уреди што ги носат во рачниот багаж и на обезбедувањето да му докажат дека тие навистина работат. Во спротивно, обезбедувањето има право да не им дозволи да се качат во авионот.

Новите безбедносни мерки прво ги воведоа САД, а пред извесно време ги воведе и Велика Британија. Тие се однесуваат на сите патници кои од земјите во Европа, Африка и Блискиот Исток летаат од и кон Островот. Патниците пред да се качат во авионот мораат да ги вклучат мобилните телефони, лаптопите, таблетите и сличните уреди кои ги носат со себе и да докажат дека не станува збор за бомба. Доколку батериите на уредите се испразнети и не можат да ги вклучат од различни причини, ризикуваат обезбедувањето да ги спречи да патуваат или да им ги одземе уредите.

Досега овие мерки важеа само за патниците кои беа сомнителни и за кои аеродромското обезбедување одлучуваше дека требаат дополнителни проверки. По вчерашните напади, пишуваат странските медиуми, најверојатно овие мерки ќе важат за сите патници кои ги користат аеродромите во Велика Британија.

Двете земји ги воведоа новите безбедносни мерки минатата година, по информациите на разузнувачките агенции дека терористичките организации измислиле нови бомби кои може незабележано да поминат низ безбедносниот систем. Станува збор за експлозив кој се сместува во просторот за батеријата на уредите и кој безбедносните скенерите не го детектираат. Иако дополнителните мерки важат за сите авиокмпании, британските медиуми подолго време известуваат дека нискобуџетните компани кои летаат од и кон Велика Британија не ги применуваат. Најголемиот аеродром во Британија, „Хитроу“, дури и ги советуваше патниците да купат полначи на самиот аеродром доколку уредите им се празни за да може да се качат во авионот.

Раководството на аеродромот неодамна најави дека ќе обезбеди дополнителни места за полнење на уреди за да им излезе во пресрет на патниците. Друга можност, доколку батерите им се испразнат, е да ги пратат уредите по карго до саканата адреса. Иако дополнителните проверки на уредите одземаат многу повеќе време, досега не се регистрирани доцнење на летовите или поголеми застои поради безбедносните мерки.

Кои уреди подлежат на дополнителна контрола?

Мобилни телефони, таблети, лаптопи, МП3 плеери, фотоапарати и камери се дел од уредите кои мора да се вклучат пред качувањето во авион, е пропишано во правилникот на британското министерство за транспорт. Освен нив, како потенцијално опасни се сметаат и електрични апарати за бричење, мали пегли за патување, фенови, како и пегли и преси за коса. Доколку било кој од овие уреди кои патникот ги носи во рачен багаж не можат да се вклучат, патниците може да бираат да ги наполнат на самиот аеродром, да ги остават таму или да не се качат во авионот.
Подготвил: Ф.Д.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот