X
 12.04.2016 Образование

Дански градинки: Места каде бебињата и во зима спијат надвор, а чоколадите се најстрого забранети

Во разговор со Македонци кои живеат во Данска се обидовме да дознаеме во што тие се разликуваат од градинките во Македонија, а во што се слични.




Градинка во која бебињата во зима спијат надвор во количка, децата си играат во дворот дури и кога истура дожд и наоколу сѐ е калливо, каде што таблетот е едно од основните помагала во едукативниот процес, а чоколади и други слатки работи не смеат да се внесат дури ни кога некое од децата слави роденден. Токму вакви се градинките во Данска, воспитни институции кои за македонските сфаќања и стандарди, имаат прилично невообичаен начин на работа. Во разговор со Македонци кои живеат во Данска се обидовме да дознаеме во што тие се разликуваат од градинките во Македонија, а во што се слични.

Децата во данските градинки за упис се пријавуваат најдоцна додека наполнат 4 месеци, при што се одредува датум кога родителите сакаат тие да почнат да посетуваат градинка. Најраната возраст на која се примаат деца е 26 недели, односно 6,5 месеци. Општината во која живее детето е должна да обезбеди место во градинка најдоцна до 4 недели од датумот кој родителите го навеле, но не мора да значи дека ќе обезбеди место токму во саканата градинка. Ако нема слободни места во градинките во општината за тој период, локалните власти мора да понудат алтернатива во друга градинка во некоја од соседните општини, да ги покријат трошоците за приватна дадилка или да им платат на родителите самите да го чуваат детето.  

- Ако во градинките нема место, општината покрива трошоци онолку колку што би покривала и во градинката, а тоа е околу три четвртини од цената. Исто толку им плаќаат и на родителите кои се решаваат самите да го чуваат детето дома. Месечната цена за градинките е различна и зависи во која општина се наоѓа, од возраста на детето и од тоа дали таму добива храна или си носи од дома. На пример, јаслите се поскапи од повозрасните групи. Ние плаќаме 420 евра месечно за две деца. Тоа е цена со попуст бидејќи имаме две деца во градинка. Автоматски се пресметува 50 отсто попуст на второ и секое наредно дете, а за семејствата со примања под некој законски лимит следува и дополнителен попуст - раскажува битолчанката Милена, која со семејството живее во Данска. 

Според неа, по надворешниот и внатрешниот изглед и опременост данските градинки не се разликуваат многу од македонските. Имаат едноставен мебел и играчки, украсени се со детски цртежи, слики и проекти што ги работеле децата. Работното време е различно и зависи од градинката. Најчесто почнуваат рано, од околу 6:30 часот, а работното време им завршува во 17 или ретко во 18 часот. Има и градинки кои што во петок работат до 16:30 часот.

- Во градинката каде што одат моите деца, внатре во средишниот дел има отворена работилница каде што децата сечат со пили, коваат шајки и изработуваат различни предмети, што нив им е многу интересно и забавно - раскажува Милена.



Сепак, најинтересен дел од работата на данските градинки е начинот на кој децата го поминуваат времето додека се таму. Тие си играат надвор речиси секој ден, по најмалку 2-3 часа, освен ако времето не е екстремно лошо, што за дански услови подразбира темератури под минус 10 степени и неверојатно силен ветер или виулици. Во лето постојано се надвор, таму и јадат. Децата во градинката имаат соодветна облека за секое годишно време. Во зима таму им стојат термо-пантолони и јакни, скафандери, капи и ракавици, а за во пролет и во есен имаат гумени јакни, пантолони и чизми за дожд. Децата до 2,5 години додека се во градинка спијат во колички надвор, на покриена тераса, дури и во зимските месеци.  

- Во Данска има и таканаречени шумски градинки, каде што децата се нон-стоп на отворено, во шума. Имаат само една колиба да се засолнат ако времето стане екстремно лошо. Овие градинки се многу популарни, дури и од една македонска мајка имам слушнато дека се најдоброто нешто што и се случило на ќерка ѝ - вели Милена.
 
Распоредот на оброците и храната им се слични како и во македонските градинки, со тоа што таму децата не пробуваат рафиниран шеќер. Го нема во ниту една ужинка што им ја делат. Кога некое дете слави роденден, родителите можат да однесат нешто за да ги почестат другите дечиња, но тоа никако не смеат да бидат слатки кои содржат штетни шеќери. Така, се носат кифлички со суво грозје, сушено или свежо овошје, пуканки. 

Проектите на кои работат данските деца се многу слични на тие во нашите градинки, со тоа што децата во Данска самите одлучуваат на која тема ќе работат. Тоа се прави така што сите деца, дури и во најмалите групи, со гласање на мнозинството одлучуваат која ќе им биде следната тема. За проектите многу користат предмети и растенија што ги наоѓаат во природата, но и неизоставен дел од едукацијата им е користењето на таблети со едукативни игри преку кои учат бои, бројки, букви, форми и сл. Секој ден по две деца се задолжени да помагаат во поставување на масата во групата, а исто така помагаат и во кујната. Кујната во која што се подготвува храната за секоја група е отворена, така што самите гледаат како се готви и можат да се вклучат кога нешто се меси.

- Според  мене, голем плус на данските градинки е тоа што децата се третираат како рамноправни личности и од најрана возраст се учат на самостојност. Добиваат можност да одлучуваат, но и учат да бидат одговорни. Родителите се многу вклучени во активностите на децата. Ние имаме среќа со градинката, супер е и децата многу убаво се вклопуваат, но можам да претпоставам дека на некои деца кои се по интровертни може да им биде премногу активно и многу ориентирано кон социјалниот аспект. Но, за нив има други опции, како што е дневна грижа во домови на жени кои се специјално обучени и се грижат за две до три деца, па можат да им посветат повеќе внимание - вели Милена.

Сите информации за градинката родителите ги добиваат онлајн, преку интернет-портал кој е заеднички за сите градинки и каде секое дете има свој профил достапен само за родителот. Меѓу другото, родителите преку порталот можат да пријават кога детето е болно и ќе отсуствува од градинка, да добијат контакти од други родители, добиваат покани за родендени и сл.  
Подготвил: Д.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование