X
 11.08.2016 Култура

Зошто Турција треба внимателно да размисли за повторно воведување на смртната казна?

Смртната казна и демократијата не се исклучуваат меѓусебно во иста мера како и смртната казна и владеењето на правото, дури и ако тоа не им се допаѓа на критичарите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, велат експертите.

 

smrtna


Да ја земеме за пример Америка или Јапонија - и двете држави се демократски и правно уредени, а и понатаму ги погубуваат луѓето во името на правото и народот.

Слични примери постојат поблиску. Така во Франција последниот затвореник бил егзекутиран на гилотина и не толку одамна - во 1977 година. Смртната казна постоела и во баварскиот устав  до 1998 година, а германската сојузна република Хесен се'уште во својот устав има смртна казна. Европските земји во последните 40 години се согласија дека сериозниот криминал не повлекува смртна казна.

За време на раната модерна ера казната на кралевите и војводите им била исто толку важна како и круната: била знак на владеење над некоја територија. Криминалецот на бесилка симболизирал застрашувачка присутност на монополот над насилството кој од друга страна за некои земји го гарантирал мирот. Смртната казна била симбол за апсолутна власт.

Затоа денес земјите треба да се запрашаат дали смртната казна се'уште можат да гарантираат право и политичка стабилност, како што било случај пред стотици години. Ако се види листата на сите 56 земји каде се'уште се практикува смртната казна, на човек му станува јасно дека таа служи само за поддршка на диктатурата.

Смртната казна во Кина и Иран помага во пренесување на пораката „Прави како што ти се кажува или си мртов“. Смртната казна постои и во нестабилните држави во кои власта на тој начин се ослободува од сепаратистите кои обично ја претставуваат опозицијата во малцинството.

Кога станува збор за Македонија, последната смртна казна била извршена во 1987 година кога на смртна казна бил осуден Маље Зекири од кичевско Зајас поради силување, убивање и палење на сопствената ќерка. Во 1991 година беше укината, а нејзиното повторно воведување би се косело со европските и светските легислативи каде постои тренд на укинување на овој тип на казна.

Смртната казна во никој случај не води кон целите на демократските држави. Не постојат докази кои упатуваат на тоа дека смртната казна резултира со помал број убиства. Убијците не убиваат поради корист од нивниот чин. Америка е одличен пример за ваквата политика.

Она што демократските и правните држави ги мотивира да ја задржат смртната казна не е рационално аргументирано. Што се однесува до Америка, смртната казна претставува наследство од суровото колонијално општество. Во Јапонија тоа е идејата дека општеството е супериорно во однос на поединецот. Станува збор за земји каде поимите единство и цивилизираност се кревки, исто како во автократската Турција на Ердоган. Во овие земји државниците се понесени со идејата дека со помош на смртната казна себеси ќе си обезбедат монопол над насилството, а на земјата ќе ѝ обезбедат сигурност и цивилизираност.

Но, наводната политика на моќ е всушност знак на длабока несигурност. Дури ниту Ердоган не може да верува дека воведувањето на смртна казна ќе ги заплаши новите обиди за државен удар. Единствено нешто што смртната казна ќе донесе во Турција се нови немири.

За некој кој има вакви ставови нема место во Европската унија, а преговорите со Турција во врска со ова прашање треба да се водат јасно и строго.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура