X
 04.09.2016 Култура

САМРАКОТ НА ВЕЧНАТА БУНТОВНИЧКА - падот на најмоќната жена на Латинска Америка

Дилма Русеф, отсекогаш била  повеќе вечна бунтовничка отколку вешта политичарка. Преживеала мачење и тортура во затворите на воената диктатура, пред да биде избрана за првата жена-претседател на Бразил, за вчера да биде сменета од таа функција од страна на Сенатот заради кршење на финансиските државни прописи.

Првиот пат кога Русеф беше изведена пред суд, беше овековечен со легендарна црно-бела фотографија, во 1970 година за време на воената диктатура, на која се гледа како  младата марксистичка герилка  му пркоси со поглед на воените судии.

Тогаш и никој не можеше да помисли дека младата бунтовничка од сликата, облечена во џинс и спортска маичка со кратки ракави еден ден ќе биде избрана за првата претседателка на најголемата латиноамериканска земја. А уште помалку дека, четири децении подоцна, во демократски Бразил, ќе биде судена по вторпат, пред Сенатот, под обвинение за финансиски малверзации.

Во склад со својот животен пат и темперамент, Русеф (68) во вторникот пред Сенатот, повеќе од 14 часа се бранеше сама од обвинувањата, презентирајќи ја својата последна лекција за борбеност. Со смирен но одлучен тон,  таа потврди “дека има мирна совест и дека нема кривична одговорност по нити едно обвинение” и дека го осудува “парламентарниот државен удар кој има за цел да постави узурпаторска влада” покрај волјата на 54 милиони Бразилци кои во 2014 година ја реизбраа за свој претседател.
Потсетувајќи на мрачните години од својот притвор, таа на двапати, видно потресена од емоции , призна: “Се плашев од смртта, од последиците од измачувањето на моето тело и мојата душа(...) но не попуштив.  Се спротивставив. Денес единствено се плашам од смртта на демократијата.”

Дилма Русеф стапи на власт во 2010 година како член на Работничката партија основана од страна на нејзиниот ментор, работник и синдикалец, Луиз Инацио де Лула, кој отслужи два претседателски мандати.  Благодарение на својата голема популарност, Лула успеа да ја наметне Русеф во партијата, поставувајќи ја најпрво за министерка за рударство и енергетика, а потоа и за шеф на неговиот кабинет.
Бразилците за кратко време беа освоени од економистката родена во Бело Хоризонте, во семејство на бугарски доселеник и мајка професор, особено од нејзината отвореност и острина со кои ги критикуваше своите министри пред јавноста. На почетокот на нејзиниот прв мандат, нејзината популарност достигнуваше фантастични 77%, за пет години подоцна да спадне на само 13%.

На средината од нејзиниот прв мандат, бразилското стопанство и економија почнаа да бележат загрижувачки тренд на забавување. Упорноста со која Русеф го протежираше државниот интервенизам како одговор на тоа, резултираше во сè поголем отпор на стопанските кругови кон нејзината политика.
Борбената и солидна техничарка, покажа дефицит на природен политички талент кој беше карактеристичен за нејзиниот ментор Лула. Покажувајќи голем презир кон парламентот составен од голем број различни политички субјекти, малку по малку сама се доведе во состојба на изолација.
Во 2014 година е реизбрана за претседател на Бразил, но со тесен резултат.  Набргу по изборите се соочи со побуна на конзервативните кругови на партиите од центарот во нејзината коалиција, по обзнанувањето на големиот корупциски скандал во Петробрас, што фрли сериозна сенка врз нејзината Работничка партија и нејзините сојузници, што резултираше со голема економска рецесија и значајно ослабување на нејзината позиција.

Тонејќи во изолација, Русеф не успеа да ги протурка своите закони во Парламентот, за на крајот да остане и без главниот столб на својата коалиција - партијата на нејзиниот заменик, потпретседателот Темер.
Последните денови, многу сенатори признаа дека ќе гласаат против неа  многу повеќе заради нејзиниот однос и поведение, отколку заради,  од правен аспект, кревките обвиненија за финансиски малверзации.
За своите противници, Дилма Русеф  ќе влезе во историјата како непредвидлива и затворена личност која не умееше да воспостави дијалог со парламентот и личност која е најмногу одговорна за економската ситуација во Бразил.

Сега, кога Сенатот веќе ја употреби својата “гилотина”, Русеф ќе ја напушти Бразилија и ќе се врати во својот дом во Порто Алегре, каде ја чекаат нејзината ќерка и  нејзините деца.
Нејзините поддржувачи, пак, ќе ја паметат како храбрата бразилска хероина, која “и кога умира -  не се предава.”


Дилма Русеф
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура