X
 03.11.2016 Економија

И супербогатите држави имаат свои проблеми - богатството само по себе не е доволно


Катарскиот емир во вторникот изјави дека супербогатата заливска држава ќе мора поинаку да се постави во однос на потрошувачката, во моментите кога земјата е соочена со големиот пад на цените на енергенсите во светот.

Катар

Во говорот одржан на седницата на катарското Советодавно тело, шеикот Тамим бин Хама Ал-Тани повикал на намалување на „екстраваганцијата и непотребното расипништво“ со оглед на фактот дека емиратите за првпат во последните 15 години се соочуваат со буџетски дефицит.

Шеикот Тамам се согласува дека треба да се завршат сите почнати инфраструктурни проекти кои се однесуваат на одржувањето на Светското фудбалско првенство во 2022 година, но во исто време земјата би требало да се насочи кон поефективно планирање на трошоците на владата во новиот петгодишен план што ќе се носи следната година.

Новиот пристап би значел развој на „културата на планирањето, работењето и постигнувањата“, како и промени поврзани со културата, особено кога станува збор за младите.

„Тоа се предизвиците со кои треба да се справиме. Тие се поврзани со целите и вредностите на младите, како и влијанието на потрошувачката врз тие цели и вредности“, изјави емирот за катарската новинска агенција, додавајќи дека „без вакви планови не може да се продолжи понатаму“, затоа што „богатството само по себе не е доволно“.

Емирот и оваа година го повтори истото што го кажа и минатата година кога им порача на жителите на Катар дека владата повеќе не може да обезбедува средства за сè, па ги повика младите луѓе да се одлучат за нови кариери и поинакви деловни планови.

Огромната заработувачка од продажба на нафта и гас, го претвори Катар во една од најбогатите земји во светот, но приходите им се намалија заради падот на цените на енергенсите на глобалниот пазар.
Владата за 2016 година предвиде буџетски дефицит поголем од 12 милијарди долари, а сличен дефицит се очекува и во следните две години. Како можно решение за ова, владата размислува за воведување на данок на додадена вредност.

Емирот, исто така, истакна дека брзината на падот на глобалните цени на нафтата ги изненади сите. „Искрено зборувајќи, иако знаевме дека високата цена на енергетските ресурси нема да трае бесконечно, никој не очекуваше дека падот на цените ќе дојде толку брзо.“
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија