X
 28.11.2016 Живот

Лица со попреченост ќе учат ИТ вештини по програма успешна во Скандинавија

Фондацијата „iVote“ повикува лица со попреченост, на возраст од 15 до 35 години, кои би сакале да следат онлајн-обуки за развивање ИТ вештини. Повикот е отворен до 30 ноември (среда), а фондацијата „iVote“ ќе го спроведе во партнерство со Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ и Здружението на студенти и младинци со хендикеп. Работниот јазик на обуките ќе биде на македонски и на албански јазик и англиски за обуките за ИТ вештините. Еден од условите за учество на обуките што ги поддржува УСАИД е да посетуваат најмалку средно образование или да го имаат завршено, во редовно или посебно училиште.



Со Марија Арменски од фондацијата „iVote“ поразговаравме за идејата и целите на обуката.

Факултети.мк: Дали прв пат се организираат вакви обуки? Каков е интересот засега?

-Ваквиот тип обуки, впрочем, како и самата програма за прв пат се спроведуваат не само во Македонија, туку и во регионот. Идејата потекна од една многу успешна програма која постои десетици години наназад во Скандинавија и која сега е проширена ширум светот како успешна приказна. Станува збор за учење на далечина (online) на прилагодени обуки за меки вештини и деловно работење и ИКТ вештини. Интересот е голем бидејќи со оваа програма, без разлика на локацијата, младите луѓе со попреченост ќе имаат можност да учат и да се стекнат со нови вештини кои ќе им помогнат во нивниот професионален развој. Со ова ги поттикнуваме сите млади луѓе со попреченост да го погледнат повикот и доколку сметаат дека може да се пронајдат себе си во оваа област, да аплицираат најдоцна до среда 30 ноември. Ќе биде навистина интересно и корисно искуство со кое ќе се здобијат со вештини кои ќе им помогнат во нивниот кариерен развој.



Факултети.мк: Какво е искуството досега, македонските фирми вработуваат ли, воопшто, лица со попреченост?

-Досега, немаме многу случаи на едукација и вклучување на младите луѓе со попреченост во ИКТ индустријата. Сепак согласно светските искуства, голем дел од оваа група поседуваат одредени карактеристики, исклучителна фокусираност, ориентираност кон детали кои ги прават конкурентни за одредени ИКТ професии. Од друга страна, согласно претходните програми спроведени за стимулирање вработување помеѓу лицата со попреченост, сведочат за исклучителната лојалност, напорна работа и посветеноста на лицата со попреченост на нивните работни места.

Факултети.мк: Како е замислено да се реализираат обуките? Малку повеќе околу предавачите, програмите...


-Обуките ќе се реализираат онлајн, односно сите лица со попреченост кои имаат компјутер ќе можат да ги следат. На платформата која ќе биде изработена за потребите на оваа програма, ќе бидат поставени дваесет интерактивни обуки од кои десетина ќе бидат од областа на меки вештини и деловно работење, а останатите од ИКТ областите (мултимедија, бази на податоци, тестирање и базично програмирање). Учесниците ќе имаат целосен пристап до сите обуки за време на целото времетраење на програмата. Со цел успешно совладување на материјалот, учесниците ќе имаат ментори кои ќе им помагаат во текот на обуката, но и во понатамошниот професионален развој.



Факултети.мк: Ќе соработувате ли и со фирми после обуките на лицата со попреченост?


-Главната цел е по завршувањето на обуките, да им се овозможи волонтирање во дел од ИКТ компаниите кои се заинтересирани да бидат дел од програмата и кои имаат услови да вклучат млади лица со попреченост. Идејата е да ги практицираат нивните знаења во бизнис- секторот и доколку најдат заеднички интерес со компанијата, да бидат вработени во самата компанија. За прв пат кај нас, како дел од програмата ќе се формира ИТ Хаб (HUBIT!) кое ќе биде заедница на сите млади луѓе со попреченост кои ќе се развиваат во ИКТ области и кадешто ќе работат комерцијални проекти и ќе бидат движечка сила, место кое ќе дава поддршка и помош и за останатите.

На овој линк можете да се пријавите:

https://docs.google.com/forms/d/e/1FAIpQLSe8azWAAuMeR4HVQ8lzIf7v58KrAUC-Nk2HSOmOWV0vGJdm7w/viewform
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот