X
 08.12.2016 Образование

Презентација на студентот Руфат Демиров од Правен факултет е вистинско ремек дело

Како од најобична презентација за проект по предмет од политички науки се прави вистинско ремек дело, а и се докажува дека не се учи само за оценка, може да се види од примерот на студентот Руфат Демиров од Правниот факултет од Скопје.  

 

“ Идеологиите и боите. Од најоригиналната презентација на мојот студент на политички науки ( Вовед во наука за политика), Руфат Демиров. Освен што го бива за студирање политика, ептен талент за цртање, се воодушевив“, напиша на Фејсбук професорката Каролина Ристова Астеруд за еден од нејзините најуспешни студенти. Овој пост не поттикна да го исконтактираме Демиров за да ни раскаже нешто повеќе за себе и инспирацијата за презентацијата во која на мошне оригинален начин ја илустрира врската меѓу политичките идеологии и боите.

- Едноставно ја споив модната илустрација и политиката, на крај излезе интересна комбинација. Поврзаноста меѓу модата и политиката е голема. Сетете се само на сите револуции во минатото кои вклучуваа и начин на облекување. Првата линија на панталони за жени се случува истата година кога е потпишана декларацијата за полова рамноправност. Хипи проектот се случи како одговор на војната во Виетнам, а беа вклучени одредени естетски моменти во таа револуција. Облеката во минатото означувала припадност на сталеж, класа или означувала разлика меѓу владетелите и владеаните - вели Демиров.

student

Пред да се запише на Политички студии завршил модна школа во Линкопинг, Шведска. Прифесионално се занимава со модна илустрација, па затоа и овие цртежи се уметничко дело. Демиров вели дека во земјава се намалува бројот на квалитетни луѓе и се прашува што би било ако сите си заминеме.

-  Сакам да им бидам пример на моите врсници. Сепак и нашава земја нуди можности. Сè зависи од нас. Се вратив со желба да придонесам колку што можам Македонија колку да стане земја која барем ќе наликува на високоразвиените земји. Звучи како тешка мисија, но времето ќе ги покаже резултатите - вели тој.

Инаку, Демиров отсекогаш се одушевувал на филозофијата, политиката и антропологијата , па токму затоа најмногу му одговара науката за политиката. Презадоволен е од образованието што го добива на Правниот факултет "Јустинијан Први".

- Презадоволен сум од предавањата, професорите и начинот на кој тие предаваат. Уживам во предавањата на моите професори меѓу кои има и луѓе кои се претставници на групата на големи умови во нашата земја, како што се Каролина Ристова Астеруд или Ненад Марковиќ.

Овој студент е пример за тоа дека имаме многу млади умови кои не учат само за да завршат факултет, туку и да стекнат знаење.
- Студентите во Македонија ако зборуваме генерално, повеќе се фокусираат на студиите и материјалот што ни се предава. Постојат и исклучоци, па дури и некои македонски студенти кои јас ги познавам се добитници на меѓународни награди. Би ги советувал своите колеги што е можно повеќе да читаат литература надвор од наставната програма, да учествуваат на активности надвор од факултетот и да се надоградуваат во секоја смисла. Дипломата сама по себе не значи ништо, доколку немаме знаење, вештини и талент за областа која ја студираме - вели Демиров.

Ова се цртежите кои тој ги подготви за презентацијата за предметот Вовед во наука за политика, на тема идеологиите и боите:

 

ГАЛЕРИЈА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование