X
 09.03.2017 Наука

Временски кристал - нова форма на материја која ги крши законите на физиката

Тимови на научници успеаја да создадат нов вид на материја наречен „временски кристал“ во експеримент кој до неодамна се сметаше за теоретски невозможен.

kristal

Нормалните кристали како што се дијамантите и снегулките, имаат атоми распоредени во повторувачка тридимензионална решетка. Меѓутоа, атомите на временските кристали повторуваат шаблон и низ четвртата димензија - времето. Ова во суштина значи дека тие треба да осцилираат засекогаш без некое надворешно влијание.

Пред нивното создавање, дел од научниците се сомневаа дека временските кристали би можеле да бидат создадени со оглед на тоа што постојаното движење е во спротивност со законите на физиката. Меѓутоа се смета за возможно делумно поради чудниот начин на кој материјата се однесува на квантно ниво.

Се чини дека временскиот кристал е затворен систем, така што никаква енергија не се губи во надворешниот свет. Исто така, се чини дека има својства слични на суперпроводник така што електроните можат да се движат без никаков отпор. Ова овозможува набљудуваното движење да продолжи до бесконечност - барем теоретски.

Практичната примена на овие сознанија се далеку од замисливи, но се претпоставува дека единствените својства би можеле да направат квантните компјутерски операции да станат реалност.

Постојат прототипови на квантни компјутери иако треба да бидат силно заштитени дури и од најмалото влијание на надворешниот свет. Кристалите би можеле да помогнат во заштита на зачуваната информација и со тоа да се надмине една од најголемите пречки за широко користење на компјутери кои би биле милион пати побрзи од оние што ги користиме денес.

Еден од тимовите, предводен од научници од Универзитетот во Мериленд, првиот временски кристал го создал од наелектризирани атоми на елементот итербиум. Тимот користел електрично поле за да левитира 10 од овие атоми над површината, а потоа повеќе пати ги удирале со ласерски импулси. Атомите започнале самостојно да се превртуваат по точен шаблон, иако тоа го правеле на чуден начин - наместо да се движат со иста брзина како и ласерските импулси, тие се вртеле со половина брзина.

Научниците ова го споредуваат со притискање на типка од пијано два пати, од која би произлегувала само една нота.

Откритието за првпат било објавено во октомври минатата година, меѓутоа научниците чекаа да ги видат целосните детали во научно списание.

Тимот од Мериленд и тимот од експерти од Универзитетот Харвард сега објавија одделни трудови во магазинот „Nature“, еден од водечките научни списанија.

Професорот Ендру Потер, од Универзитетот Остин во Тексас, кој бил дел од тимот од Мериленд изјави дека ова ги отвора вратите од еден сосема нов свет на не-еквилибриумски фази.

„Теоретските тези за кои постојано разговаравме изминативе неколку години всушност ги изградивме во лабораторијата. Се надевам дека ова е само еден од примерите кои допрва ќе дојдат“, додава тој. 
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука