X
 07.04.2018 Наука

Научници од „Харвард“ откриваат какви последици би донел втор Биг бенг

биг бенг
Фото: NASA

Постојат голем број веројатни катаклизми што би можеле да ја избришат човечката раса. Земете го за пример проширувањето на Сонцето во црвен гигант. Тоа на крајот ќе ја апсорбира Земјата. Овој настан ќе се појави за околу 7-8 милијарди години. Единствениот начин да се избегне, како што тврди Илон Маск заедно со уште неколку научници, е да станеме меѓупланетарен вид - ако не и меѓугалактички. Дали ваквиот чекор засекогаш ќе ја заштити човечката раса?

Кога универзумот ќе заврши, е тема на дискусија меѓу теоретските физичари. Тие можат да се сложат само дека крајот ќе се случи помеѓу 2,5 и 22 милијарди години, почнувајќи од денес. Ќе мора да најдеме друг универзум што ќе можеме да го населиме, доколку постои и доколку е погоден за живот за нашиот вид.

Постојат три теории за тоа како ќе заврши универзумот. Една од нив е „Големата криза“. Оваа теорија наведува дека во одреден момент универзумот ќе престане да се движи во една насока и ќе почне да се намалува, веројатно кондензирајќи во сингуларноста.

Втората теорија е „Големото откинување“, каде што универзумот продолжува да се шири и да се забрзува со сè поголема брзина, сè додека не се откине огромен дел од  „ткаенината“, ширејќи катастрофа насекаде. Ова не само што би ги уништило ѕвездите, туку и црните дупки, планетите и цели галаксии. Универзумот буквално ќе се искине на парчиња.

Последната теорија се нарекува „Големото замрзнување“. Досега ова сценарио се сметаше за најверојатно. Потекнува од вториот закон за термодинамика, во кој се наведува дека ентропијата или хаосот во системот ќе се зголемува додека не го заземе целиот систем.

Универзумот ќе се прошири до тој степен, што гасовите повеќе нема да можат да се собираат, а тоа значи дека повеќе нема да се формираат ѕвезди. Без нови ѕвезди, кога ќе изумрат старите, универзумот ќе стане студена, безживотна празнина.

Неодамна физичари од „Харвард“ објавија дека го отфрлаат ова сценарио. Наместо тоа, според нив, вселената ќе заврши со втор Биг бенг. Овој настан ќе биде многу поинаков од оној што ја создал вселената.

Универзумот може да се скрши внатрешно, во зависност од тоа што се случува со Хигсовиот бозон, познат како „Божествената честичка“. Доколку тој се дестабилизира, целиот универзум би избувнал во масивна експлозија, согорувајќи сè од едниот до другиот крај на вселената.

Ова не би требало да се случи во наредните 10 милиони билиони билиони билиони билиони билиони билиони билиони билиони билиони билиони билиони години. Ова е точно само ако колапсот на субатомските честички не е веќе започнат. Бидејќи Хигсовото поле е рамномерно распоредено низ целиот универзум, ние веднаш ќе испариме, пред да имаме шанса настанот да го регистрираме во нашиот мозок. Научниците од „Харвард“ не гарантираат, но се 95 отсто сигурни дека космосот ќе заврши на овој начин.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука