X
 10.04.2017 Живот

Високите плати како медицински претставници ги примамуваат стоматолизите да ги напуштат ординациите

Платите во ординација се движат помеѓу 12.000 до 25.000 денари, додека како медицински претставник, почетната плата се движи од 25.000 до 40.000 денари, со многу поголема веројатност дека ќе се зголеми


Фото: Pixabay

Во развиените земји стоматолозите припаѓаат на една од најплатените и најпочитуваните професии, воопшто. Се студира минимум шест години, тоа чини многу пари, но затоа вложеното отпосле си се враќа. Идеалната дестинација за стоматолозите би била Шпанија, зашто таа отскокнува од сите европски земји и по неколку пати во однос на платите на стоматолозите – дури 179.000 долари годишно. На второ место е Швајцарија (96.800 долари), а на трето – Норвешка (93.100 долари). Во САД просечната годишна плата на стоматолозите изнесува 124.174 долари.

Но, каква е сликата кај нас? Ординации има на секој чекор, огромен кадар кој работи дури за потпросечни плати, а малкумина се тие што можат да се пофалат дека живеат убаво од професијата.

Во последните десетина години сѐ повеќе доктори на стоматологијата (а и доктори на медицина) се решаваат да ги напуштат стоматолошките ординации и да се втурнат во нова професија – а најпримамлива е фармацевтската индустрија, каде најчесто работат како медицински претставници.

Факултети.мк разговараше со неколкумина дипломирани стоматолози кои пред да се одлучат да ја напуштат професијата, прво ја практикувале.

Стоматолог по вокација, Крсте Димитровски кој живее во Скопје, работел во ординација половина година, веднаш по обавувањето на задолжителниот стаж и полагањето на државниот испит.

-Тоа беше една интересна понуда од страна на блиска другарка и колешка, која најверојатно дојде во прав момент на трагање и барање на работа во фармацевските компании. И пред да најдам работа во стоматолошка ординација, бев решен дека се гледам себеси во фармацевтскиот бизнис. И разделувањето со ординацијата беше сплет на околности... Договорот што го имавме беше на 6 месеци, и во тоа време, морам да напоменам, иако звучи нескромно, дека одлично се вклопив и ја засакав работата...Во фазата на преговори за продолжување, се појави интересна понуда на работно место од фармацевска компанија, на кое што аплицирав и бев примен. Без размислување ја прифатив понудата.

Димитровски вели дека првично кон оваа професија го привлекол начинот на живот, типот на работа, динамиката, но и платата.

-Платите во стоматолошка ординација се движат помеѓу 12.000 до 25.000 денари. Искрено, не би сакал да верувам дека има и пониски плати. Додека како медицински претставник, почетната плата се движи од 25.000 до 40.000 денари, со многу поголема веројатност на зголемување.

На прашањето дали некогаш би ѝ се вратил на стоматологијата, Димитровски вели:

-Мислам дека тоа би се случило единствено кога би се отселил од Македонија, некаде каде што да се биде стоматолог е достигнување и привилегија на најсреќните и способните. Некаде каде што лекарската фела воопшто, е ценета и адекватно платена.

Фармацевтската индустрија била привлечна и за Бојана Бошковска од Скопје, која четири години работела во стоматолошка ординација, паралелно со студирањето и две години во приватна ординација.

-Преку ноќ решив да го променам правецот на кариерата. Првично бев мотивирана од платата, која беше повеќекратно поголема во однос на таа во ординацијата. По договорот во ординацијата заработував на процент од сработеното, без притоа да имам фиксен надомест, кој и тоа како е потребен за планирање на секојдневниот живот. Втор аспект на новото работно место беше регулираното работно време во една смена (само прва) кое многу ми значи за планирање на секојдневните обврски дома, од аспект на родител со мали деца, со оглед на тоа дека градинките работат само прва смена – објаснува Бошковска.

Таа се потсетува дека нејзините блиски и семејството си ја доживеале таа одлука многу страшно, со совети дека не треба да се откаже од долгогодишниот труд и вложеното време.

-Но, јас лично практично размислував дека човек треба да се насочи во она што ќе му донесе помирен, посигурен и полесен живот. Доколку во тоа време одлучев да инвестирам во сопствен бизнис,(за што родителите максимално ме поддржуваа), тоа ќе беше огромен трошок за нив, за кој прашање е кога ќе успеев да го надоместам. Приватни ординации има на секој чекор и како млад и сѐ уште неискусен доктор, би требало многу време за да се стекнат пациенти и нивната доверба. Ако тоа време го вложев во ординацијата во која работев или која било друга (понудата за млади стоматолози во приватните ординации е слична), ќе требаше некој финансиски да ме покрива сите тие години. Можеби долгорочно гледано, сум направила погрешен избор, но никогаш не знаеме какде нѐ носи патот – вели Бошковска.

Се запишав на стоматологија оти имав силна желба да станам стоматолог, објаснува Ема Стојановска. По само прво вработување, мислењето ѝ се променило.

-Малата плата беше првата причина за промена на работното место (во просек од 10.000-11.000 денари). Веднаш потоа се вработив како медицински претставник во фармацевтска компанија. Кога ќе излезете од една средина со четири ѕида и излезете на терен, теренската работа станува поисполнителна и динамична, а секако и повеќекратно платена. Не би рекла дека е полесна, напротив, е понапорна со секојдневни патувања и отсуства од дома, а и поодговорна во многу аспекти. Притисоците се постојано присутни, како и работа после работно време. Желбата за повторно да бидам стоматолог уште постои, во иднина би се вратила на професијата, само доколку добијам повисока плата – вели Стојановска. Ниската здравствена култура на народот, како и лошиот стандард го убедил и Даниел Ѓорески да ја смени професијата, иако многу ја сакал од почетокот на работењето.

-Не можев да се помирам со фактот дека имав пациенти на кои не им беше проблем по 500 денари да дадат за фризура, а 450 денари за пломба им беше многу. Се пренасочив на бизнис и менаџмент и воопшто не зажалив. Можеби потрошив многу години за стоматологијата, ама што се шест години за еден цел убав живот со помалку грижи и нервози – вели Ѓорески.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот