X
 10.05.2017 Живот

Резултати од анкета за уписи на факултет: Најголем интерес за државните универзитети

На прашањето за тоа што е најважно при изборот на факултетот, најголем дел од студентите одговориле дека најмногу ги ценат можностите за вработување со дипломата, стекнувањето на практични знаења и професионалниот наставен кадар, а помалку го ценат имиџот на факултетот.



Повеќе од половина од матурантите кои одговорија на нашата анкета за годинешните уписи на универзитетеите веќе знаат што сакаат да студираат, а исто толку (односно 66.2 проценти ги следеле своите интереси при носењето на таа одлука. Најголем број (60.2 проценти) решиле да го продолжат своето образование за да се здобијат со повеќе знаење од областа што ги интересира, а 48,4 проценти сметаат дека со факултетска диплома полесно ќе дојдат до работа.

Голем процент(33,2 отсто), сметаат дека дипломата ќе им донесе повеќе можности за работа во странство. Некои матуранти избрале да студираат бидејќи тоа го очекуваат од нивното семејство, некои бидејќи не сакаат веднаш да работат, а 10 проценти бидејќи не знаат што друго би правеле после завршување на средното образование.

Не прифаќаат да студираат нешто што не сакаат

На прашањето под кои услови би се согласил/а да студираш нешто што не сакаш, наголем дел од матурантите одговориле дека не би прифатиле такво нешто во никој случај (34.4 %), а приближно толку не размислувале за ова прашање. Поради финансиската состојба да студираат нешто што не сакаат би се одлучиле 28.5 отсто од анкетираните. Речиси половина од матурантите нема да студираат во местото каде што живеат бидејќи таму го нема саканиот факултет, а 34 отсто ќе студираат во градот каде што живеат. Некои студенти се одлучуваат да студираат во друг град иако, факултетот го има во нивниот. Еве зошто:

- Во Скопје има повеќе шаниси за работа и понатамошен успех, а воедно сакам и да живеам самостоен живот.
- Едноставно сакам да стекнам нови искуства кои би ми помогнале во животот понатаму.
- Бидејќи во странство ќе научам повеќе и ќе стекнам други искуства.
- Би сакала сама да пробам да се снаоѓам во друг град оддалечена од блиските, а и факултетот таму е еден од најдобрите во државата за разлика од тој што е во мојот град.

Речиси 94 проценти од вкупно 337 -те учесници во нашата анкета ќе се запишат на факултет, а не на висока школа. Дури 83,7 проценти планираат да студираат на државен универзитет, наспроти 4, 5 отсто кои одбрале приватен. Останатите ќе пробаат на државен, а приватниот факултет им е опција само ако не успеат. Еве дел од нивните одговори зошто избрале државен или приватен универзитет:

- Многу повеќе се цени диплома од државен универзитет одколку приватен. Финансиската состојба исто така е голем фактор.
- Одлучив за државен факултет бидејќи дипломата од приватен факултет не е призната можеби никаде.
- Сметам дека државните се подобри од приватните и се повеќе признати и имаат подобар кадар, но и бидејќи не се плаќа многу.
- Би продолжил/а со студии на државен факултет поради финансии, инаку не ми е по волја бидејќи државните факултети во нашата држава се катастрофа.
- На приватен нема гастрономија.
- Сметам дека ќе стекнам подобро знаење на државен факултет.
- Цената на приватен факултет е далеку повисока, а дипломата помалку призната.
- Тие пари што ќе ги дадам за на приватен факултет за сите 4 години можам да основам свој бизнис или пак стан да си купам.
- Државен, бидејќи се повеќе ценети за вработување и имаат многу, многу по сериозен пристап кон тоа, студентите, да се стекнат со потребните знаења за професијата за која се одлучиле.
- Приватните факултети применуваат поголема пракса во нивните предавања. Државните се сведени само на теорија и кога ќе излезес од тој факултет подобро ти е со книгата во раце да шетас, но сепак нема фајде. Теорија и пракса не е исто, ни некогаш било.
- Не гледам посебна прицина зошто би плаќал 1 до 2 илјади евра годишно на приватен факултет кој не гарантира ништо повеќе од државниот кој е од 200 - 400 евра.

При изборот на факултетот најважни им се можностите за работување

На прашањето околу тоа што е најважно при изборот на факултетот, најголем дел од студентите одговориле дека најмногу ги ценат можностите за вработување со дипломата, стекнувањето на практични знаења и професионалниот наставен кадар, а помалку го ценат имиџот на факултетот.

Дури 54,6 проценти од матурантите изјавиле дека факултетот ќе им го платат родителите, а 27,6 ќе аплицираат за стипендија. Само 16,3 ќе најдат хонорарна работа за да студираат.

Дека препишувањето на факултет не е ништо ново за студентите, ни потврдува и оваа анкета.

Дури 43,6 од матурантите изјавија дека не планираат, но дека би препишувале ако не се подготват добро за испитот. Само 23.4 проценти сметаат дека за препишувањето нема никакво оправдување. Најголем дел од нив планираат редовно да одат на предавања и вежби. На прашањето дали планираат да се вклучат во некоја студентска организација, можеби одговориле 43 проценти, да секако 27 проценти, а 21,7 не знаат.

Во нашата анкета учествуваа 337 матуранти од кои 214 од женски пол, најмногу од Скопје.

Најголем дел од нив се со висок просек на крајните оценки во последната учебна година, односно 180 се со просек 4,50 -5,00.
Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот