X
 08.08.2016 Образование

Повеќе од 50 македонски факултети нудат студии за економија и право, но каде ќе работат дипломираните?

Ако сте матурант и сакате да студирате економија, бизнис,менаџмент или пак право или политички студии ќе имате навистина тежок избор со оглед на тоа што листата на факултети што ги нудат овие студии е предолга. Околу 50-тина државни и приватни универзитети, факултети или академии нудат студии по економија, маркетинг или менаџмент и правни и политички студии за македонските студенти.




Нема ништо спорно во овој список, секој има право на избор и добро е што идните студенти имаат поголем избор за студирање, но исто така долга е листата и на правници и економисти кои чекаат вработување. Интересот за упис на економските и правните факултети не стивнува, постојано се отвараат нови образовни институции, па логично се поставува прашањето, каде ќе се вработат овие млади луѓе?

Виолета Б. завршила Економски факултет во Прилеп, а сега работи како келнерка во кафуле во Скопје.
- Не знам на колку огласи се јавив за да најдам работа, не успеав да најдам по струката. Работев волонтерски во една фирма, не ме вработија. Морам нешто да работам, а во кафуле секогаш може да се најде нешто. Не е платава голема, ама барем не седам дома - вели таа.

Филип П. пак со завршен правосуден испит е без работа.
- Работев кај еден адвокат за речиси ништо со години. Решив дека подобро ќе барам работа која не ми е по струка отколу да работам за никаква плата. Сега сум во потрага по работа - вели тој.

Според податоци од Државниот завод за статистика во ланската студиска година од вкупно 59 359 студенти кои студирале, дури 21 563 запишале нов семестар на општествени науки. Во прва година пак се запишале 18 942 студенти од кои поголемиот дел повторно се одлучиле да студираат економија или право.

Професорот и декан на Економскиот факултет во Скопје, Љубомир Дракулевски вели дека точно е дека има повеќе од 50 институции кои нудат студии за економски и правни и политички науки.
- На ова тема би кажал само две работи и сè ќе биде јасно. Порано во Македонија имаше три Економски факултети од кои едниот во Штип, се затвори, затоа што беа многу. Втора работа која ќе ја потенцирам е дека голем број на факултети, односно квантитет не значи и квалитет - вели Дракулевски.

Факултети на кои се изучуваат правото и политичките науки имаат скопскиот, битолскиот, штипскиот и тетовскиот универзитет, кои имаат и дисперзирани студии. Речиси сите приватни образовни институции имаат факултети или наставни програми на кои се изучуваат овие науки, како Универзитетот на Југоисточна Европа, ФОН, Европскиот универзитет, Универзитет Американ колеџ Скопје, Меѓународен Славјански Институт „Г.Р. Державин“ − Свети Николе , Универзитет за туризам и менаџмент Скопје, Меѓународен универзитет Струга, Меѓународен Балкански универзитет Скопје, Високообразовна установа „Евро колеџ“ Куманово, Универзитет „Евро Балкан“, Меѓународен Универзитет „Визион“ – Гостивар, МИТ универзитет, Факултет за менаџмент, а правен факултет ќе има и новиот Универзитет „Дамјан Груев“.

Професор од правни науки, смета дека пазарот на трудот нема шанси да ги прибере сите дипломирани генерации, без оглед на тоа колку фирми, компании или фабрики се отвараат.
-  Мора да се стави ред со квотите за упис, да не се форсираат толку одредени науки, да се мисли да вработувањето на младите. Мене како професор на Правен факултет ми е во прилог да предавам на што поголем број студенти, да имаме студенти, но каде ќе работат тие откако ќе дипломираат - вели тој.

На државните факултети во Македонија, лани дипломирале 6. 385 студенти. Од нив, 1.446 дипломирале на економските и правните факултети. Од вкупно 2.069 дипломирани студенти на приватните факултети и универзитети, дури 1.327 се од економските и правните струки.
Подготвил: М.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование