X
 27.05.2017 Технологија

Професорот од Србија кој ја расплети мрежата на „Фејсбук“, интересен и за Би-би-си


Српскиот професор Владан Јолер
(Фото: Youtube screenshot)


Податоците кои ги има „Фејсбук“ за своите корисници, ја прават една од највлијателните организации на светот. Една српска компанија посака „да ѕирне што се крие под хаубата“ на оваа мрежа и да ја открие нејзината структура, пишува Би-би-си.

Пред неколку години Владан Јолер и неговите пријатели од Белград, почнале да го истражуваат внатрешното функционирање на една од најмоќните светски корпорации.

Тимот, составен од експерти за сајбер-форензичка анализа и визуелизација на податоци, веќе истражувал „различни форми на невидливи структури“  на интернет-провајдери во Србија, но во овој случај Јолер презел „многу покрупен залак“ со проектот „Share Lab“.

„Кога Фејсбук би бил држава, би била поголема од Кина“, вели Јолер, професор на Универзитетот во Нови Сад.

Тој се потпира на познати, но сепак несфатливо големи бројки: компанијата од Силициумската долина чува околу 300 петабајти податоци, има речиси два милијарди корисници и само во 2016 година забележала приход од околу 28 милијади долари.

„Секогаш кога нешто ќе напишеме, коментираме или ги тагнуваме пријателите, всушност ние работиме за Фејсбук“, вели Јолер.

Податоците за нашата интеракција на таа социјална мрежа му даваат информации на сложените алгоритми кои управуваат со неа, и благодарејќи на истите, нашето однесување на интернет се претвора во производ кој може да се нуди на пазарот.

„Се обидовме да ги мапираме сите инпути, полиња со кои влегуваме при секоја интеракција на Фејсбук и резултатите од тоа. Ги мапиравме лајкувањата, споделувањата, пребарувањата, статусите, фотографиите, пријателите, имињата, сè што нашите уреди зборуваат за нас, сите дозволи што им ги одобруваме на Фејсбук преку апликациите, како статусите за нашите мобилни телефони, wi-fi конекциите и можностите за снимање на аудио-записи“, истакнува Јолер.

Резултатите што ги добиле биле неверојатни.

Приложената мапа покажува како податоците кои му ги даваме на „Фејсбук“ се користат за пресметување на нашата „етичка припадност“ (термин кој го користи ФБ), сексуалната ориентација, политичките ставови, општествената класа, плановите за патување и многу други работи.

Една мапа прикажува како сè она што го лајкуваме или го објавуваме, но и другите активности што ги работиме на други агли од сајбер-просторот („Инстаграм“, „Ватсап“ и други сајтови на кои се логираме преку ФБ), можат да бидат влез во огромен алгоритамски процес, кој му овозможува на „Фејсбук“ да ги таргетира корисниците со зачудувачка точност во секој сегмент од нивниот живот.

Друга мапа детално прикажува сè она што самите му го дозволуваме на ФБ преку бројните апликации , вклучително и да ни ги чита сите  СМС пораки, да презема податоци  од уредите без барање дозвола за тоа и да ја одредува прецизната локација каде што се наоѓаме во моментот.

Поединечно, ова се моќни алатки кои кога ќе се комбинираат со машината за собирање податоци,  отвораат можности за експлоатации од огромни размери.

„Фејсбук“ со години наназад тврди дека приватноста на корисниците и безбедноста на операциите им се најважни во работењето, но Јолер не е убеден во тоа.

Податоците засекогаш остануваат во рацете на една компанија, што значи не постојат  гаранции дека во иднина, кога би се сменила управувачката структура или  деловна политика, не би можеле да се злоупотребат.

Аналитичарите имаат само пофални зборови за проектот „Share Lab“.

„Тоа можеби е најсеопфатната мапа на Фејсбук што сум ја видела досега“, вели доктор Џулија Пауелс, експертка за закони од областа на ИТ.

„Она што е најстрашно е фактот дека еден ентитет има моќ над информациите, а поголема моќ од тоа не постои“, додава таа.

Јолер истакнува дека ниту нивната голема мапа не дава сосема точна слика за сите можности на оваа гигантска социјална мрежа и не ја исклучува можноста за постоење и на многу други алгоритми за кои никој не знае.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија