X
 14.06.2017 Култура

„На Балканот ќе му требаат минимум 25 години да ја достигне ЕУ“


Илустрација: знамето на ЕУ
(Фото: Thinkstock)

„На земјите од Западен Балкан ќе им требаат минимум 25 години да ја достигнат ЕУ. Проблемот со регионот е повеќекратен. Германскиот план сè уште е само идеја“, вели Тобијас Флесенкемпер.

Директорот на проектот за Балканот на Европскиот институт „ЦИФЕ“ од Ница и член на Советодавната група за јавни политики на Балканот во Европа, во своето интервју за Радио Слободна Европа истакнува дека земјите од Западен Балкан се посиромашни отколку што биле пред 30 години, заради што ќе им бидат потребни најмалку 25 години за да ги достигнат европските стандарди, под услов да забележат стопански  развој.

Заради тоа и Германија го предложила планот „Берлин процес плус“, потсетува тој, додавајќи дека „владеачките гарнитури на Балканот можат и сега да ги злоупотребуваат фондовите кои само се во најава за јакнење на своите позиции“.

„Заради тоа Габриел (шефот на германската дипломатија) потенцираше дека средствата ќе одат директно до граѓаните и граѓанското општество. Имено, средствата од европските претпристапни фондови се дистрибуираат преку балканските држави“, објаснува Флесенкемпер.

Меѓутоа, постојат причини за критика и сомнеж како ќе се реализира оваа иницијатива, наведува соговорникот во интервјуто и потсетува на искуството со Пактот за стабилност кој бил покренат пред речиси 20 години за да обезбеди фондови на сличен начин, но кој не дал богзнае какви резултати заради бирократизмот и бавните процедури.

Вториот проблем, како што вели тој, е постоењето на механизмот за претпристапна помош кој треба да се преиспита во следниот циклус од 2020 година, а третиот проблем е – брзината.

„За воспоставување на нов механизам е потребно време. Европјаните не се познати по брзината во реализацијата на ваквите иницијативи, додека останатите се поекспедитивни“, истакнува Флесенкемпер и додава дека прашање е дали и германската иницијатива ќе „заживее“ за брзо време.

Тој признава дека сето ова сè уште е на ниво на идеја. „Сè уште не сме чуле ништо конкретно околу фондовите, не постои дури ни правен механизам.  Сè е само идеја“.

„Меѓутоа, знаеме кои се потребите на регионот и нивното исполнување не зависи само од парични средства. Една од препреките за развој е огромниот дефицит во трговијата со ЕУ. Од 2006 година, тој пораснал на 98 милијарди евра. Тоа значи дека се воспоставени такви односи што европските земји можат да извезуваат стоки и услуги во Западен Балкан, додека економиите на тие држави не се оспособени за позначаен извоз на европскиот пазар“, вели тој додавајќи дека е пропуштена  и можноста за да се изгради ефикасна и разгранета инфраструктура.

„Железничката и мрежата на автопатишта прилично заостануваат зад европските стандарди. Не изгледа дека ЕУ брзо ќе се ангажира како што тоа го прават останатите актери. Постојат планови, но неопходните парични средства бавно пристигнуваат“.

Исто така, според неговите зборови, освен инфраструктурата, важен фактор е и образованието. „Како што знаете, квалитетот на обраованието опадна во последните 40 години, и покрај сè поголемиот број на приватни училишта и универзитети. Нивната структура и квалитет не се приспособени на потребата на економиите. Мнозинството граѓани бараат вработување во јавниот сектор, или настојуваат да заминат во странство“, истакнува соговорникот на РСЕ.

На констатацијата дека на Балканот се смета дека планот „Берлин процес плус“ би можел да послужи и како замена за полноправно членство во ЕУ, имајќи го предвид заморот од проширувањето на Стариот континент, Флесенкемпер одговара дека проблемот е повеќекратен.

Според негови зборови земјите од регионот веќе се поприлично интегрирани во европската структура. „Сите имаат трговски договори со ЕУ. Исто така, тие се инволвирани и во воздушниот сообраќај , дел од нив се членки на европската енергетска заедница... Недостасува интеграција на политички план, поточно, се поставува прашање дали и кога политичките системи на секоја од земјите во регионот, ќе станат доволно кредибилни да ги исполнат ветувањата и критериумите за членство во ЕУ. И оваа година се покажа дека нивото на демократија кај нив не е на европско ниво“, смета тој.

Тој вели дека ЕУ настојува да го намали економското заостанување на Балканот, но напоменува дека членството во ЕУ не значи и дека е достигнато нивото на Унијата.

„Значи, не е клучно прашањето дали балканските земји формално ќе станат членки на ЕУ, туку дали ќе го постигнат потребното европско економско ниво. Затоа и Габриел истакна дека треба сега да се инвестира во стратешки сектори, за да може овој регион да го намалува јазот. Исто така, членството не значи автоматски дека сте го достигнале европскиот просек. Некои земји успеаја во тоа , а други, како на пример Хрватска, не“, заклучи тој.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура