X
 17.06.2017 Економија

Скопјани ги огласуваат и каучите во дневните соби за сместување на странците што ќе допатуваат за Суперкупот во август

На специјализираната интернет-страница за периодично сместување „Ер би ен би“ (аirbnb) е наведено дека побарувачката за сместување во Скопје за периодот од 7 до 9 август е зголемена за дури 137%.



Соби со еден, но и со по осум кревети, малечки гарсониери, удобни дособни и трособни станови, модерно и ретро наместени, нови, реновирани и стари, сите овие видови простор се неверојатно барани за изнајмување за претстојниот фудбалски натпревар од Суперкупот на УЕФА кој треба да се одржи на 8 август во Скопје.

Сопствениците на сместувачки простор во Скопје видоа одлична шанса за дополнителна заработувачка во периодот кога во Скопје ќе се игра натпреварот меѓу екипите на Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид, па на специјализираната интернет-страница за периодично сместување „Ер би ен би“ (airbnb) го огласуваат за издавање секој слободен кревет, дури и во сопствениот дом. На оваа специјализирана страница е наведено дека побарувачката за сместување во Скопје за периодот од 7 до 9 август е зголемена за дури 137%, поради што ги советуваат сите заинтересирани навреме да си резервираат сместување во тој период.   

Странците, пак, се „тепаат“ за да најдат слободен кревет во Скопје во периодот околу атрактивниот натпревар од Суперкупот имајќи предвид дека официјалните хотели се речиси целосно распродадени за овој период, а цените на ноќевање со појадок во нив на онлајн сервисот за резервирање „Букинг“ достигнуваат и до 3.000 евра.

Според огласениот простор за изнајмување на „Ер би ен би“, цените за ноќевање од 7 до 9 август се движат од девет до 203 евра, во зависност од тоа дали се издава само кревет, соба или цел  апартман. Цената дополнително ја одредува и тоа дали собата или апартманот се делат со други луѓе, како е опремен просторот, на која локација се наоѓа, што нуди дополнително и сл. Така, на оваа страница во Скопје се огласени кревети во соби со осум лица, каучи во дневна соба во семеен дом, старински куќи, модерни пентхауси. Во моментов на „Ер би ен би“ се огласени вкупно 306 објекти за сместување во Скопје, а нивната бројка беше многу помала пред да се знаат имињата на тимовите кои ќе учествуваат на Суперкупот.

Се очекува побарувачката за овој вид сместување уште повеќе да се зголеми кога ќе заврши продажбата на влезниците за атрактивниот натпревар и точно ќе се знае кој успеал да набави билет. Освен мал број гледачи од земјава, за натпреварот во Македонија ќе допатуваат навивачките групи на двата тима, нивни фанови од други земји, официјални претставници на УЕФА и на фудбалски федерации од европските земји, како и новинарски екипи од цел свет.              
Подготвил: Д.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија