X
 18.05.2022 Живот

Киното е разонода само за скопјани - лани од 10.741 кинопретстава во Македонија 10.492 биле во Скопје

Минатата година во 11 кина во Македонија биле прикажани 735 филма, а бројот на кинопретстави е 10.741, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Во соопштението на ДЗС е наведено дека во 2021 година бројот на прикажани кинопретстави бил зголемен за 78,4%, што веројатно се должи на постепеното олабавување на ковид-мерките.

Статистиките покажуваат дека во Скопје има 4 кина, по две во Центар и во Карпош, кои заедно имаат 2.424 седишта. Според статистиките, најголем капацитет во земјава има битолското кино, кое има 954 седишта, а не се мали ниту киното во Струга, кое може да собере 630 гледачи, киното во Штип, кое има 615 седишта или она во Охрид каде што во филмската магија може да уживаат 540 лица. Светиниколското, пак, има 420 седишта, додека киното во Крива Паланка има 376, а она во Гевгелија 340 седишта.

Но, покрај солидниот капацитет, најголемиот број филмови и кинопретстави се прикажани во Скопје, покажуваат податоците. Така, во четирите кина во Центар и Карпош во Скопје се прикажани вкупно 636 филма. Колку за споредба, во цела Македонија биле прикажани вкупно 735 филма. По Скопје, најширок репертоар имало во битолското кино, каде што лани биле прикажани 74 филма. На третото место е охридското со 10 прикажани филма, а сите други имаат по едноцифрен број прикажани филмови.

Инаку, од 735 прикажани филма во македонските кина, 578 се странски, 63 се домашни и 94 се во копродукција.

Фото: ДЗС

Податоците за кинопретставите ја нагласуваат разликата во животот на жителите во престолнината и оние во внатрешноста. Имено, од 10.741 кинопретстава во 2021 година, 10.492 биле во скопските кина. Потоа следува битолското кино со 210 кинопретстави, што изгледа и како голем број во споредба со кинопретставите во охридското (14), гевгелиското (10), штипското (7), струшкото (5), кривопаланечкото (2) и светиниколското кино каде што во цела 2021 година имало само една кинопретстава.

Соодветно на бројот на прикажани филмови и кинопретстави, така и бројот на посетители е најголем во скопските кина. Од вкупно 170.567 посетители, 146.757 биле во некое од скопските кина. Потоа следува битолското кино со 22.752 посетители, а веќе следното, штипското кино, имало само 500 посетители. Гевгелиското имало 250, охридското 171, струшкото 74, светиниколското 50 и кривопаланечкото само 13 посетители на двете кинопретстави.

Фото: ДЗС

Насловна фотографија: Freepik

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот