Вршам контрола на производи, меѓупроизводи и почетни суровини, преку користење на современи апарати и техники (ICP-OES, XRF, TRISTAR итн.). А од следниот месец започнувам со работа во друг дел од лабораторијата како SCAT инженер, каде се врши симулација на издувни гасови со цел проверка на степенот на конверзија на истите при нивното протекување низ катализаторите – вели Мартин Стојчевски, еден од најдобрите диполомирани студенти од ТМФ.
Кога започнал со студии, не ни помислил дека ќе биде еден од ретките студенти кои Технолошко металуршки факултет успеал да го заврши со просек 10. Едноставно се фокусирал на испитите и на надградба на своето знаење. Ова можеби и звучи лесно, но Мартин Стојчевски секако дека се соочил со многу предизвици за време на студирањето. За среќа успеал да си го оствари сонот. Тој сега е во друштво со оние студенти кои завршиле студии на ТМФ со просек 10, а таквите на прсти може да се избројат. Во разговорот со Факултети.мк на идните матуратни им порачува да изберат да студираат факултети согласно нивните желби.
-Навистина е голема реткост и ми претставува голема чест што сум еден од ретките кои успеале да постигнат ваков успех на Технолошко-металуршкиот факултет. Кога започнав со моите студии никогаш не помислував дека можам да завршам како најдобар студент, туку само се фокусирав на испитите и на надградбата на моето знаење. Која е тајната? Потребно е да го сакате она што го студирате, затоа им препорачувам на сите матуранти и средношколци да се запишуваат на факултети кои се согласно со нивните животни желби. Јас се запишав на ТМФ затоа што сакам да да се занимавам со решавање на задачи и проблеми од хемиски процесни области. Затоа, никогаш не ми претставуваше проблем и не ми создаваше одбивност да ги изучувам предметите и сега сфаќам колку добра одлука сум донел. Изборот на соодветниот факултет е многу важна, бидејќи после завршувањето на истиот следува работата како долготрајна етапа во животот, а потребно е да го работиме она во што гледаме лично задоволство- вели тој.
Стојчевски дипломирал на насоката Дизајн и менаџмент на технолошки процеси. Објаснува дека оваа насока е во склоп на Институтот за хемиско и контролно инженерство која создава инженери-технолози подготвени за водење, анализа и оптимизација на различни хемиски/индустриски и сродни процеси. Како главни предмети на оваа насока се Математички методи во хемиско инженерство, Основи на хемиско реакционо инженерство, Мерење и автоматска регулација во процесна индустрија, Технолошки операции, Термодинамика и голем број на други слични предмети, каде речиси во сите предмети е вклучена компјутерска поддршка за моделирање и симулација.
- Може да се заклучи дека во сите предмети доаѓа до испреплетување на хемијата, математиката, природните закони/процеси и економските аспекти. Со тоа се создаваат инженери кои се подготвени за решавање на различни проблеми, бидејќи хемиското инженерство е примена на науката за добивање на економични производи. Затоа и се одлучив да студирам на ТМФ. Но, ТМФ исто така има соработка со голем број на комании, со што им се овозможува на студентите уште по завршувањето на втората година да започнат со практична работа во некои од нив. Со тоа, покрај теоретските знаење, студентите започнуваат практично да се запознаваат со нивните идни професии. Поголем број од фирмите како и Министерството за образование и наука обезбедуваат голем број на различни необврзувачки стипендии со кои се помага самиот процес на студирање. Јас уште од прва година добивав стипендија од МОН наменета само за студентите запишани на ТМФ. Што се однесува до подготовката, задоволен сум како факултетот ги дава потребните основи и расположливата литература кои е потребно самиот да ги анализираш и примениш – вели тој.
Завршувањето на студиите со највисок просек, на Мартин му донело и бенефиции. Тој им се заблагодарува на Деканот, Деканатската управа, како и на Наставно-научниот совет и сите професори кои вложиле напор за да му обезбедат еден вид стипендија, односно да го ослободат од плаќање на партиципација за последипломски студии на ТМФ.
- Ова искрено се надевам дека во иднина ќе стане пракса за сите најдобри студенти. Исто така, имам одлична соработка со голем број на професори кои ми овозможуваат подлабоко да навлезам во научно-истражувачкиот свет и подобро да ја изучам мојата професија.
Додека студирал, Стојчевски поминал практична работа во рафинерија ОКТА во секторот Здравје, безбедност и животна средина каде започнал со стекнување на неговотопрактично знаење. Потоа два месеци продолжил со практична настава во Johnson Matthey Catalysts, во секторот Контрола на квалитет. После неговото дипломирање, започнал со работа како аналитичар во лабораторијата.
-Вршам контрола на производи, меѓупроизводи и почетни суровини, преку користење на современи апарати и техники (ICP-OES, XRF, TRISTAR итн.). А од следниот месец започнувам со работа во друг дел од лабораторијата како SCAT инженер, каде се врши симулација на издувни гасови со цел проверка на степенот на конверзија на истите при нивното протекување низ катализаторите. Иднината е доста непредвидлива, бидејќи можностите се насекаде. Има поголем број на можности за кои подетално нема да дискутирам и да ги откријам. Она што е сигурно е дека кон крајот на летото сакам да магистрирам и соодветно да се вклопам во новото работно место- завршува Стојчевски.