X
 04.09.2017 Живот

Северна Кореја тестира хидрогенска бомба: Зошто оваа бомба е многу поопасна од атомската?

koreja

Северна Кореја вели дека успешно тестирала нуклеарно оружје што би можело да биде ставено на проектил со доста голем дострел.

Мистериозната комунистичка држава соопшти дека нејзиниот шести нуклеарен тест бил „совршен успех“, по неколку часа откако сеизмолозите откриле копнено вибрирање.

Пјонгјанг соопшти дека тестирале хидрогенска бомба, која е многу помоќна од атомската бомба. Аналитичарите велат дека тврдењето треба да се земе со резерва, иако нуклеарната способност на оваа земја јасно напредува.

Северна Кореја последен пат спроведе нуклеарен тест во септември 2016 година. Таа ти отфрли санкциите на ОН и меѓународниот притисок и продолжи со развивање нуклеарно оружје и тестирање проектили што потенцијално би можеле да стигнат до Америка.

Јужнокорејските официјални лица изјавија дека најновиот тест се случил во округот Килиџју, каде што се наоѓа нуклеарното место за тестирање на Северна Кореја.

„Вештачкиот земјотрес“ бил 9,8 пати помоќен од потресот од петтиот тест на Северна Кореја.

Откако Пјонгјанг изјави дека минијатуризирала хидрогенска бомба за употреба во проектил со долг дострел, на државните медиуми беше прикажан лидерот Ким Јонг-ун до нов вид хидрогенска бомба. Државните медиуми објавиле дека уредот би можел да биде натоварен со балистички проектил.

Северна Кореја претходно тврдеше дека има минијатуризирано нуклеарно оружје, меѓутоа, експертите се сомневаат во тоа. Исто така, постои скептицизам во врска со тврдењата дека Северна Кореја развила хидрогенска бомба.

Сепак, ова се чини дека е најголемиот и најуспешниот нуклеарен тест на Северна Кореја до денес - и пораката е јасна. Таа сака да покаже дека знае да направи веродостојна нуклеарна боева глава.

На нуклеарното тестирање реагираа повеќето држави низ светот. Претседателот на Јужна Кореја изјави дека на шестиот нуклеарен тест на Северна Кореја треба да се одговори доста силно, охрабрувајќи го Советот за безбедност на ОН да преземе санкции и целосно да ја изолира Северна Кореја.

И Кина, единствениот голем сојузник на Северна Кореја, го осуди тестот.

Јапонскиот секретар на претседателскиот кабинет, Јошихид Суга, изјави дека санкциите против Северна Кореја треба да вклучуваат ограничувања за трговијата со нафтени производи.

Русија изјави дека тестот се спротивставува на меѓународниот закон и ги повика сите инволвирани страни да започнат со разговори, бидејќи тоа е единствениот начин за решавање на проблемите на Корејскиот Полуостров.

Иако Северна Кореја и претходно изведуваше нуклеарни проби, меѓународната заедница овој пат е многу позагрижена.

hidrogena
Фото: Tanjug

И двете бомби, и атомската и хидрогенската, се вид нуклеарно оружје, што значи дека енергијата се ослободува поради нуклеарна реакција. Сепак, начинот на кој тие ослободуваат енергија е различен, што доведува до разлики во силата на двете бомби.

Една од најголемите разлики е тоа што атомската бомба користи нуклеарна фисија, која го дели поголемиот атом на два помали за да генерира енергија. Хидрогенската бомба, од друга страна, користи фузија, односно два или повеќе помали атоми ги спојува во еден голем.

Хидрогенската бомба во себе има и фисионо оружје што служи да активира ослободување на енергија и фузија. Ова е неопходно бидејќи фузиското оружје бара огромна количина енергија за да функционира - онолку колку што може да ослободи атомската бомба. Ѕвездите исто така произведуваат енергија преку фузија.

2
Фото: Tanjug

„Замислете што се случува во Сонцето. Теоретски, процесот е потенцијално бесконечен. Количината на енергија е огромна“, вели Такао Такахара, професор по меѓународна политика и мир на Универзитетот „Меиди Гаукин“ во Токио.

„H-бомбата“, позната и како термонуклеарна и „супербомба“, според експертите, може да биде и до 1.000 пати помоќна од атомската бомба што беше фрлена во Јапонија во Втората светска војна.

Хидрогенската бомба го добила името од водородот (Hydrogen). Поради начинот на кој се направени, хидрогенските бомби обично се помоќни од атомските.

Затоа светот е загрижен поради објавата на Северна Кореја, која сега првпат тестирала хидрогенска бомба.

Северна Кореја својот прв нуклеарен тест го извела во 2006 година, а оттогаш уште двапати испробала нуклеарно оружје. Огромната сила на хидрогенската бомба е една од причините што аналитичарите се скептични во врска со објавата на Северна Кореја.

Детонирањето на ваквата бомба под земја би предизвикало голем земјотрес - но силата на тестираната бомба била помала од онаа што била фрлена во Хирошима.

Колку е силна хидрогенската бомба, покажува огромната грешка што им се случила на Американците во 1954 година. Кон крајот на февруари на еден вештачки остров била тестирана првата американска термонуклеарна бомба што можела да се исфрли од бомбардер - експеримент познат како „Castle Bravo“. Ова бил најголемиот нуклеарен тест и истовремено најголемиот нуклеарен инцидент во американската историја. Неочекувано големата експлозија од 15 мегатони, во комбинација со неповолните временски услови, предизвикала радиолошка контаминација на над 7.000 квадратни километри. Иако многубројни острови биле итно иселени пред да се случи радиоактивната магла, не се спасиле сиромашните жители. Во текот на наредните децении луѓето масовно умирале од рак и од други болести предизвикани од радијација.

Сепак, Севернокорејците тврдат дека ја „минимизирале“ бомбата и ја намалиле силата на ниво на атомската.

Факти зошто хидрогенската бомба е многу поопасна:

1. Хидрогенската бомба е многу помоќно нуклеарно оружје;

2. Енергијата што ја ослободува хидрогенската бомба е поголема од атомската. Хидрогенската бомба може да уништи цели градови во само една експлозија.

3. Водородната бомба црпи енергија од атомската фузија, а атомската од фисијата.

4. „H-бомбата“ е многу посложена за производство бидејќи бара многу повисока температура - неколку милиони степени.

5. Полесно е да се произведе „Н-бомба“ во помали големини, и затоа е полесно да се стави во проектилите и така да се насочи на друг континент.

6. Во Хирошима и Нагасаки биле фрлени атомски бомби, а до денес „H-бомбата“ не била користена ниту еднаш, во ниту една војна.

7. И атомската и хидрогенската бомба користат радиоактивни материјали, како што се ураниум и плутониум, но „Н-бомбата“ бара поголема контрола и прецизност поради поголема количина енергија што се ослободува.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот