X
 23.03.2015 Култура

Што научив од предавањето англиски во Северна Кореја

1

 

Родена и порасната во Сеул, Суки Ким била професорка по англиски јазик во еден од машките универзитети во Пјонгјанг; таа таму поминала 6 месеци предавајќи им на 19 годишните синови на владеачката класа на Северна Кореја. Овој извадок е од нејзините мемоари, во кои таа го опишува нејзиното искуство.


„Есеј“ беше страшен збор меѓу моите ученици. Во есента во 2011 година, предавав англиски јазик на Универзитетот за наука и технологија во Пјонгјанг во Северна Кореја. 270 млади луѓе, и околу 30 наставници, сите христијани освен мене - бевме изолирани во обезбедуваниот комплекс, кадешто нашите часови и движења беа постојано надгледувани. Секоја лекција требаше да биде одобрена од група на Севернокорејци. Со надеж дека ќе дознаат некоја информација за надворешниот свет, за кој не смеевме да дискутираме, ми беше дозволено студентите да пишуваат есеј.

На моите студенти им реков дека есејот ќе биде исто толку важен колку и завршниот испит во пресметувањето на нивната крајна оценка. Требаше самите да измислат тема и да прикажат теза и аргументи. Кога ги прашав како им оди, сите ми рекоја „Катастрофално“.

Им ја потенцирав важноста на есеите, затоа што еден ден кога ќе бидат научници, тие ќе мораат да пишуваат трудови за да ја докажат својата теорија. Но, во реалноста, ништо не беше докажано во нивниот свет, бидејќи се' беше во рацете на големиот лидер. Нивите вештини за пишување беа слаби исто како нивните вештини за истражување. За нив пишувањето неизбежно се состои од едно бесконечно повторување на достигнувањата на нивниот лидер, со тоа што тие немале никаков концепт за барање и истражување на доказите.

 

2


Основниот есеј кој се состои од пет параграфи за нив беше нешто непознато. Посебно им беше тежок воведот. Затоа им го претставив како еден вид на „здраво“, такашто тие тоа здраво мораа да го претстават на доста креативен начин за читателите да се навлечат на самиот есеј.

Бидејќи немаа извори од кои би можеле да црпат информации, им реков дека можат да прочитат од есеј од 1997 година во кој беше цитиран Бил Клинтон во кој вели колку е важно училиштата да имаат интернет. Групата на Севернокорејци го одобри извадокот бидејќи беше поврзан со тема за високо образование. Исто така, им дадов четири неодамнешни статии од „Princeton Review“, „The New York times“, „Financial Times“ и „Harvard Magazine“ во кои беа споменати Марк Цукерберг, Твитер и Фејсбук. Нитуеден од извадоците не предизвика некаков одговор. Ниту пак реченицата дека Цукерберг заработува 100 милијарди долари од нешто за коешто сонувал додека бил на факултет. Можно е сето тоа што го читале да го сметале за лага.

Следниот ден, неколку студенти дојдоа на консултации. Сите сакаа да ја променат темата на нивниот есеј. Интересно беше тоа што новите теми што тие ги предложија беа поврзани со злото на американското општество. Еден од студентите изрази желба да пишува за физичката казна во американските и јапонските средни училишта. Друг студент ја предложи темата „И покрај штетното дејство на нуклеарното оружје, некои земји како што е Америка, продолжуваат да развиваат нуклеарно оружје“. Трет студент сакаше да пишува за злото кое овозможува луѓето да поседуваат оружје, секако во Америка. Така се редеа илјадници теми: „Кои земји произведуваат најмногу компјутерски хакери“, „Застапеноста на разводот во Америка“ и тоа како од разводот доаѓаат сите ментални болести. Тоа ме поттикна да го прашам студентот: „Што се случува тука кога еден човек не е среќен во бракот?“. Студентот ме гледаше бледо. На крајот еден студент ме праша дали може да пишува за тоа дека Мекдоналдс е ужасен. Истиот тој ученик ме праша: „Каков вид на храна прави Мекдоналдс?“

 

4


Една работа беше јасна. Нивната колективна одлука да ги променат темите за есеј и да ја осудат Америка беше поттикната од статиите за Цукерберг. Она што јас сметав дека за нив ќе биде инспиративно, тие го гледаа како фалење и се чувствуваа омаловажени. Национализмот кој се градел во нив со децении, предизвика граѓани со кревко его кои одбиваат да го признаат останатиот дел од светот.

Моите напори да ја проширам нивната свест постојано завршуваа лошо. Кога им реков да го изразат ставот за кимјанг (годишна традиција за правење кимчи), тие ми доставија еден куп пофалби. Половина од студентите напишаа дека кимчи е најпознатата храна во светот, и дека сите други народи им завидуваат. Еден студент напиша дека американската влада ја именува како официјална храна во 1996 година на Олимписките игри во Атланта. Кога го прашав за ова, тој рече дека сите го знаат овој факт, и дека го пишува во учебниците. Меѓутоа, брзото интернет пребарување покажа дека кимчи е јапонска храна која била предложена како официјална храна на Олимписките игри меѓутоа барањето било одбиено. Некако оваа вест им била пренесена на луѓето во извртена форма, и сега се третира како генерален факт.

За да ги поправам моите студенти и да им укажам на нивните дезинформации, понекогаш морав „да навлезам“ во опасна територија. Еден професор ме советуваше: „Немој. Не допирај ништо од тоа. Ако нивната книга вели дека е вистина, тогаш не можеш да им кажуваш дека е лага“.

Понекогаш студентите ме прашуваа зошто не јадам многу ориз. Тие секогаш во нивните чинии ставаа многу ориз, додека јас секогаш ставав малку. Се интересираа каков вид на храна јадам освен ориз. Секако дека не можев да им ги набројам разните видови на храна, така што им реков шпагети и хот дог. Еден студент во неговиот есеј за кимчи напиша: „Оние Корејци кои повеќе сакаа хот дог и шпагети од кимчи се срам за својата татковина затоа што забораваат на супериорноста на кимчи“. Се чинеше дека ништо не може да ја пробие нивната воинствена изолација; нивниот став не оставеше простор за никаков аргумент, бидејќи сите патишта водеа до само еден заклучок. Му го вратив есејот со коментар: „Зошто да не е возможно човек да сака и шпагети и кимчи?“

 

5


После неколку лекции за есејот, еден студент ми рече: „Чудна работа ни се случи за време на нашиот час по општествени науки. Моравме да напишеме есеј за Чуче“.

Потоа објасни дека вообичаено пишуваат кратки домашни задачи за Кореја, меѓутоа овој пат било чудно.

„Зошто беше чудно?“, го прашав јас.

„Не знам“, рече тој паузирајќи. „Гледав на задачата како на есеј, и сфатив дека сега е различно. Пишувањето на англиски и пишувањето на корејски е многу различно, а сепак исто. Постојано размислував за структурата на есејот што го пишував и тоа ме натера да се чувствувам чудно“, рече тој.

Не искоментирав ништо, но мислам дека сфатив. Сигурно за него било длабоко збунувачки да пишува за Чуче во вид на есеј. Во неговата земја не постоеја докази, проверки или рамнотежи. Нивниот систем беше дизајниран на начин на кој неговата структура не смее да се доведува до прашање и да се има критичко размислување. Значи, формата на есејот во која тезата мора да биде докажана, беше антитеза на целиот систем. Писателот на есејот ги признава аргументите против неговата теза и ги побива. Овде нема опција за опозиција.

Зјапав во студентот и почувствував болно чувство. Можеби ова беше само почетокот. Прашањата кои тие ги имаат. Прашањата кои тие треба да ги поставуваат. Прашањата со кои ќе сфатат дека не ги поставувале бидејќи не ни замислувале дека можат да ги постават или бидејќи поставувањето на прашања би значело дека тие нема да можат да постојат во нивниот систем.
Подготвил: Тамара Мисирлиевски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура