X
 23.09.2017 Здравје

Епидемија на мали сипаници во Гази Баба! Како и кога заразуваат морбилите?

Ограничена епидемија на морбили на територија на Гази Баба прогласи Комисијата за заразни болести во Министерството за здравство. Епидемијата е прогласена откако пет лица со симптоми на морбили се примени на Клиниката за инфективни болести.



- Докажано дека станува збор за морбили, со серолошка специфична реакција – велат од Министерство за здравство.

Ќе се вакцинираат невакцинираните

Од Комисијата информираат дека пациентите се во стабилна и добра општа состојба.

Министерството, во соработка со Центар за јавно здравје-Скопје и Институтот за јавно здравје преземаат активности меѓу кои вакцинација на сите на возраст од 6 месеци до 60 години, доколку не се вакцинирани или не се потполно вакцинирани, а кои живеат на територијата на општина Гази Баба во областа „Кванташка депонија". Центарот и Институтот ќе спроведат засилен епидемиолошки надзор, проверка на вакциналниот статус и стручно-методолошка помош на превентивните тимови за имунизација на целата територија на Скопје. Се подготвуваат и информативни флаери за морбили кои ќе бидат доставени до матични лекари, градинки и училишта, а ќе бидат поставени и на веб страниците.

Од Комисијата препорачуваат дека во болничките здравствени установи е потребно е почитување на режимот за посетата, согласно интерните одлуки на здравствената установа, дека треба да се засилат мерките за спречување интрахоспитално ширење на болеста и да се зајакнат општите мерки за дезинфекција и проветрување во воспитно образовни установи и установи за згрижување деца.

Може да поминат лесно, но и да направат компликации

Малите сипаници може да се поминат многу лесно, но и да предизвикаат воспаление на белите дробови, менингит, па и да бидат фатални кај организми со слаб имунитет. Тие се шират преку директен контакт и по воздухот, преку кашлица и кивање.

Вирусот останува активен и заразен на инфицираните површини до 2 часа.

Првите знаци на инфекција обично се висока температура и симптоми на настинка, како течење на носот. По неколку дена се појавува исип, обично прво на лицето и на вратот, а потоа по телото.

Лесно пренослив вирус

Вирусот на морбили се смета за многу заразен или лесно пренослив. Заради забрзаното ширење на вирусот во Европа, Светската здравствена организација уште пред неколку месеци предупреди да се зголеми опфатот за вакцинирање за да се создаде колективен имунитет.

Во Македонија е опаднат бројот на деца кои ја добиваат вакцината против морбили, рубеола и паротит-МРП, а со зголемување на бројот на невакцинирани деца, велат здравствените власти, расте и ризикот за ширење на болеста. Имено, токму тие може да се разболат.

Давањето на вакцини кај децата се намали поради силната антивакцинална кампања. Родители или не ја даваат или ја одложуваат МРП вакцината, чија прва доза се прима на 13 месечна возраст. Вакви одлуки носат поради страв, кој го предизвикуваат информациите што ги добиваат од противниците на вакцините, кои, пак, ги поврзуваат со тешки болести и аутизам.

Инаку, во првата половина од годинава најголем број на заразени со мали сипаници во Европа, се забележани во Италија и Романија, а во повеќе европски држави имало раст на број на заболени во споредба со минатата година.
Подготвил: Н.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје