X
 26.09.2017 Образование

Професорскиот Пленум расправа за новиот Закон за високо образование, какви промени ќе има?

Почна интерната расправа за нацрт текстот на новиот Закон за високо образование, изготвен од експертската група на Професорскиот Пленум.



Тие информираат дека принципот на автономија на високообразовните установи, во текстот е аплициран во одредбите со кои што се уредуваат основните постулати на високото образование (воведните членови), финансирањето, изборите и напредувањето на академскиот кадар, организацијата и управувањето на високообразовните установи, како и во обезбедувањето квалитет во високото образование.

Ќе има нов начин на финансирање кој ќе се остварува преку Советот за финансирање и развој на високото образование. Финансирањето на дејноста ќе се остварува првенствено преку надоместување на цената на чинење на студиско место, согласно утврдена методологија којашто ги отсликува спецификите на различните студиски програми.

Од Пленумот информираат дека деловите на законот за избор и напредување на академскиот кадар се значително променети, при што се предлага со закон да се уредат условите и начелно да се постават критериумите за избор во звања. Поспецифично уредување ќе направат универзитетите преку нивните форми за соработка, земајќи ги предвид спецификите на научните и уметничките подрачја.

Се предлага и интегриран наспроти досегашниот централизиран универзитет. Според Пленумот, ваквиот модел на функционална интеграција на универзитетот овозможува внатрешна автономија и демократизација во управувањето и одлучувањето, наспроти досегашната практика на централизација на моќта.

Прашањата за осигурување на квалитет во високото образование се уредени на начин којшто поддржува висок квалитет на високообразовната дејност, а за истите ќе се грижи Агенција за квалитет во високото образование. Таа, пак треба да биде акредитирана во Европската агенција за осигурување на квалитет.

Од Пленумот потенцираат дека статусот на студентите, нивните права и обврски и особено, начинот на нивно организирање и учество во управувањето се изработува во соработка со студентите како засегната страна.

Новиот Закон нема да предвидува кривична одговорност, а глобите за сторени прекршоци нема да бидат непропорционални со финансиската состојба во високото образование.

Инаку, основа за изработка на нацрт текстот е концепт за Закон за високото образование, претходно усвоен од комисија формирана од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а составена од претставници на Ректоратот на Универзитетот, на Студентскиот пленум и на Професорскиот пленум.

- При изработката на текстот групата се водеше од уставно загарантираната автономијата на високото образование (Универзитетот), околу што главно се судираа ставовите меѓу академската заедница и претходната влада. Неопходно беше таа автономија во законот да се одрази преку рамка која ќе поддржи висок степен на само-регулација, заснована на принципите на одговорност и отчетност во вршењето на оваа дејност од јавен интерес. Професорскиот пленум продолжува со расправата по доставените предлози и забелешки од страна на своите членови. По нивното усвојување, ПП ќе го презентира својот предлог за нов Закон за високо образование пред академската и пошироката јавност – пишува во соопштението на Пленумот.
Подготвил: М.А.М.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование