X
 08.11.2017 Образование

Благоја Несторовски ќе учи во Русија на факултет основан од Катерина Велика

Благоја Несторовски дипломирал на Машинскиот факултет во Скопје, а во моментов се наоѓа во Русија каде што ќе продолжи со последипломски студии. Еден од неговите најголеми успеси е освоеното второ место на Меѓународна студентска олимпијада организирана од компанијата Qform.




Машинскиот факултет од Скопје годинава учествуваше на Меѓународна студентска олимпијада организирана од компанијата QForm, а Благоја Несторовски освои второ место во конкуренција на 103 учесници од 39 универзитети од 13 различни земји. Несторовски во моментов е во Русија, каде што го учи јазикот, а потоа ќе продолжи на последипломски студии на Saint Petersburg Mining University, факултет основан од познатата Катерина Велика.
За натпреварот, вели дека се одвивал во две етапи и дека е голем настан и за студентите и за професорите.
- Тоа беше олимпијада организирана од QForm, компанија која развива софтвер за симулација и оптимизација на процеси за обработка со обликување. Конкретно станува збор за проектирање технологија за ковање, што всушност претставува примарна обработка и се користи кај масовно и големо сериско производство. Олимпијадата се одвиваше во две етапи. Првата етапа претставуваше натпревар помеѓу колегите од Машинскиот факултет – Скопје. Добивме задача на која работевме шест часа, а потоа комисија од факултетот ја оцени. На овој натпревар мојот проект беше оценет со највисоки оцени и врз основа на тоа беше испратен во втората етапа каде што продолжи да се натпреварува со победниците од 13 земји. Овие проекти беа оценувани од членовите на меѓународниот комитет составен од 12 члена од осум земји. Конкуренцијата беше голема, со оглед на тоа дека се натпреварувавме со студенти од универзитети кои претходно учествувале на овој настан. Нашиот факултет оваа година првпат се приклучи на Олимпијадата.



* На Олимпијадата го освоивте второто место во конкуренција на 103 учесници од 39 универзитети од 13 различни земји. На што конкретно работевте?
 - Практично сите учесници имавме иста задача, односно добивме технички цртеж со финален производ за кој требаше да развиеме технологија на производство. Најважни критериуми врз кои се донесе одлука за победниците на овој натпревар беа: пресметката и дизајнот на отковката, упростување на дизајнот на отковката и ефикасност и ефективност на предложената технологија базирано на резултатите од симулацијата во QForm. Она што нѐ донесе до постигнување добри резултати на оваа олимпијада се интензивните подготовки кои траеја речиси три месеци, но и знаењето и стручноста на професорите и асистентите од катедрата за обработка со деформација. Значаен придонес за постигнување на овој резултат има ссс. м-р Огнен Тутески, асистент-докторанд на Машинскиот факултет – Скопје, кој со целата своја енергија и знаење се посвети на овој натпревар.
* Споменавте дека Машинскиот факултет првпат учествува на оваа Олимпијада. Од какво значење е всушност овој натпревар за факултетот?
 - Овој натпревар беше шанса за Машинскиот факултет - Скопје да си ги измери силите за спојување на теоријата и праксата со другите светски факултети од областа. Но, исто така претставува и можност за промоција на квалитетното знаење што се стекнува на овој факултет, со што може да се привлечат повеќе, како странски така и домашни студенти. Понатаму, имајќи го предвид постигнатиот резултат, факултетот се охрабрува да учествува во повеќе интернационални проекти и натпревари бидејќи е евидентно дека го поседува потребниот квалитет.



* Продолжувате со последипломски студии на една од најстарите високообразовни институции во Русија. Што беше пресудно за избор на руско образование?
- Да, во моментов сум во Санкт Петербург. Оваа година учам руски јазик, а од 2018 година почнувам со последипломските студии. Добив целосна стипендија за студии од Министерството за образование и наука на Руската Федерација и примен сум на „Санкт-Петербургский Горный университет“ (Saint Petersburg Mining University), кој  претставува најстара високообразовна институција посветена на инженерството во Русија и е основана од царицата Екатерина Втора. Најмногу ми привлече внимание тоа што образованието во Русија има голема поддршка од индустријата. Во таа смисла, овдешните универзитети со помош на компаниите се опремени со современи специјализирани лаборатории, но и студентите имаат можности да изведуваат пракси во компании каде што добиваат месечен надоместок во висина од околу 60 отсто од една инженерска плата. За жал, тоа не е случај во Македонија.
* Дипломиравте на Машинскиот факултет, какви услови имавте за студирање, дали држиме чекор со светските практики?
 - Моите студии на Машинскиот факултет-Скопје оставија голем белег во мојот живот и се основа за мојата кариера. Како во текот на студиите така и до ден-денешен јас сум во контакт со професори и асистенти од факултетот со кои имаме одлична соработка. Зборуваме за факултет каде што има одлична релација студент-професор, факултет каде што има квалитетен кадар кој на најдобар начин им го пренесува своето врвно знаење и искуство на студентите. Едноставно, тоа е факултет кој на светски натпревари постигнува одлични резултати. Со оглед на сето ова можам да кажам дека држиме чекор со светските практики.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование