X
 22.03.2023 Наша тема

Пијанистот Арда Мустафаоглу освои две награди во Франција: „Ми беше мило што бев во друштво со такви ѕверови на клавирот“

Младиот македонски пијанист Арда Мустафаоглу освои две значајни награди на меѓународниот натпревар „Piano Campus“ во Франција, една од жирито за најдобра интерпретација на задолжително дело од Рахманинов, а другата од асоцијацијата "Piano retrouvé aux musicales d'Arnouville" - рецитал во Арнувил (Париз), потврдувајќи го големиот талент.

- Натпреварот беше на многу високо ниво. Имаше кандидати од моја возраст, но и постари пијанисти. Се работи за 12 кандидати кои се избрани во полуфиналето на натпреварот. Сакав чисто од љубопитност да настапам и да проверам на какво ниво е натпреварот. Ми беше мило што бев во друштво со такви „ѕверови“ на клавирот, енергијата беше навистина посебна и ми се смени мислењето за натпреварите и атмосферата таму. Се изненадив кога слушнав дека имам награда за концерт во Париз, градот кој често го посетувам и мислам дека е најубавиот во Европа. За другата награда се шокирав бидејќи се работи за дело кое го свиреа сите 12 кандидати. Комисијата сакаше да види од секој од кандидатите нешто свое во изведбата - ги сподели импресиите пијанистот Арда Мустафаоглу.

Тој запиша петти семестар на Факултетот за музика и театар на Универзитетот во Хамбург, кој е еден од 50. највисокорангирани образовни институции од областа на уметностите, а учи во класата на познатиот пијано-педагог и изведувач Ана Виницкаја.

- Професорката Виницкаја е една од најдобрите во светот и знаењето што можам да го добијам од неа е многу вредно. Огромна чест е да се учи од неа за интерпретација и сценски настап. Таа има победено на еден од најголемите пијано-натпревари „Квин Елизабет“, кој е еден од највисоко рангираните натпревари и е една од моите следни цели - вели Арда.



Во Хамбург е веќе две и пол години и има можност да живее во градот на големите композитори Брамс и Менделсон.

- Уште пред да дојдам во Хамбург ми се допаѓаше тука, првично поради најубавата концертна сала Елбфилхармонија. Тоа е град на Брамс и Менделсон, има голема традиција во класичната музика. Малку е студен за мене, но научив од градот дека ако немаше студено време, немаше толку многу да уживам во сонцето. Факултетот е на високо ниво, добро организиран од аспект на семинарите и студентите имаат голема поддршка од вработените. Условите се фантастични, има инструменти за вежбање кои се во добра состојба - раскажува Мустафаоглу.

Иако има интернационална кариера и долга низа успеси и награди, Арда смета дека студирањето и живеењето сам, далеку од семејството, го променило како личност, а му го променило и кариерниот план, што за него е момент на зрелост.
Единствено што не е променето е неговата скромност и благодарноста кон семејството кое му било огромна поддршка во текот на целиот живот.

- Успехот се должи на љубов, истрајност и неизмерна поддршка од родителите. Јас уште од бебе сум со музиката, мајка ми ме воведе во овие води и тоа ми беше природно. На семејството му се заблагодарувам бидејќи без него не би знаел како би било. Ова се должи на макотрпна работа, не само со инструментот, туку надвор од него. Не се состои само од вежбање и седење на инструментот - истакна Арда.



Тој е добитник на десетина награди на престижни регионални натпревари во Бугарија, Србија и во Албанија, а на 15 години одржува солистички рецитали. Настапувал со Македонската филхармонија, имал солистички настапи во Србија, Италија и во Германија.
Младиот пијанист ужива да експериментира подготвувајќи се за концертните настапи преку ментално вежбање, медитација и преку техники на имагинација.

- На секој уметник му е достигнување да патува, да свири во најдобрите концертни сали. Многу ме исполнуваат настапите пред публика. Важно е човек да се чувствува добро во секој момент од тоа што го прави и приоритет во моментов ми е да се изградам како уметник - додава пијанистот.




Фото: приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема