X
 03.12.2017 Образование

Јавен повик за избор на „Најдобар млад научник“ за 2017 година

ivanov

Објавен е Јавниот повик за избор на „Најдобар млад научник“ за 2017 година, признание што осма година по ред го доделува Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.

Јавниот повик за избор на „Најдобар млад научник“ за 2017 година е отворен до 31 декември за сите млади луѓе до 30 години, кои во досегашната научна работа имаат постигнато значајни научни резултати.

Услов за конкурирање на заинтересираните е да имаат добиено награда или признание за научно-истражувачка работа, резултатите од научно-истражувачката работа да се објавени и применетост на резултатите од научното истражување за тековната 2017 година.

Апликацијата за учество на јавниот повик треба да содржи биографија, реализирани проекти во 2017 година со кои се конкурира (во еден печатен и еден електронски примерок - CD) и доказ за државјанство на Република Македонија.

Заинтересираните своите документите треба да ги достават до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија најдоцна до 31.12.2017 година.

Доделувањето на признанието „Најдобар млад научник“, по иницијатива на претседателот Иванов, има за цел да го поттикне развојот и да ги стимулира вложувањата во науката, да ги поддржи научните установи и младиот научен кадар, но и да ги награди врвните научни достигнувања.

Признанието „Најдобар млад научник“ беше прв пат доделено од страна на претседателот Иванов во 2010 година, на м-р Никола Златанов.

Во 2011 година признанието му беше доделено на д-р Трифче Сандев, кој своето високо образование го има стекнато на Институтот за физика, на Природно-математичкиот Факултет – Скопје, каде и ја одбрани неговата докторска теза.

Во 2012 година признанието „Најдобар млад научник“ беше доделено на д-р Катерина Бачева, која своето високо образование го има стекнато на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет.

Во 2013 година признанието го доби м-р Петар Стојанов, биоинформатичар кој во Броуд Инститјут, Бостон, САД се занимава со биоинформатичка анализа на генетските промени кај малигните заболувања.

Носител на признанито „Најдобар млад научник“ за 2014 година е м-р Даниел Денковски, кој работи на полето на електротехника и информациски технологии.

Во 2015 година признанието „Најдобар млад научник“ го доби д-р Михаела Ангелова, која работи во полето на биоинформатиката.

Носител на признанието „Најдобар млад научник“ за 2016 година е д-р Христијан Ѓорески, кој работи на развивање на алгоритми за обработка на сензорски податоци за градење на интелигентни системи кои што наоѓаат примена во спортот, здравството, грижа на стари лица, итн.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование