X
 26.12.2017 Образование

Во оваа европска земја децата среќни влегуваат во училиште, а уште посреќни излегуваат


Насмеано детенце со боици в раце
(Фото: Pixabay)

„Си го поставивме прашањето што добиваат децата, а и ние, како држава, кога ќе завршат со 12-годишното образование. Колку се подготвени за живот и работа тие деца? Оттука и ја поведовме иницијативата во која им даваме прилична автономија на наставниците, сами да ги поврзуваат предметите со практичната и теоретската настава. На пример, децата да учат за физичките закони, а наставниците им ги покажуваат додека одржуваат настава во природа“, вели во едно интервју државниот секретар во министерството за образование на Португалија, Жоао Кошта.

Спроведувањето на овие мерки е само почеток, се одвиваат бавно и варираат од училиште до училиште, но исходот секаде е успешен. Образованието во португалското општество не е најсјајната точка, но станува сѐ поуредно, а јасниот план и стратегиите се нешта на кои и ние би можеле да се угледаме. Не треба да се превиди и фактот дека во оваа земја демократијата стигнала пред 40 години, а со неа и првите вистински професори, така што стручниот кадар долго време бил голем проблем на образовниот систем.

Инаку, училиштето во Португалија е задолжително. Трае 12 години и е поделено на четири дела – до четврто одделение со децата работи еден учител и во најголема мера тоа го претставува она што ние го подразбираме како предучилиштен циклус; потоа настапуваат два подготвителни периода за средното образование, кои траат две години, кога се избира меѓу 300 различни насоки, вклучувајќи и уметнички. Школувањето е номинално бесплатно. Во поголемиот дел од училиштата храната се плаќа, и тоа во зависност од материјалниот статус на родителите. Средниот слој од населението дава максимално 80 евра месечно за ужината на своите деца, а просечните плати се околу 1.000 евра. Како што велат професорите, министерството во голема мера го менува материјалот, не од година на година, но кога ќе се промени власта, се менува и она што го учат децата. Секоја власт сака да остави свој печат во образованието.

Државата вложува многу во образованието, но трошоците за овој најважен општествен сегмент се големи. Главен проблем им е недостигот од помошен персонал, кој го сочинуваат психолози, социолози, логопеди.

Постојат два вида приватни и два вида државни училишта. Тука се приватните училишта што високо котираат бидејќи самите ги избираат учениците кои ќе ги примат, обично деца од семејства што уживаат економска благосостојба и социјален углед, и приватни училишта отворени за сите што можат да го понесат финансискиот товар на школувањето, а во кои успехот на ученикот не е пресуден. Слично е и со државните училишта, затоа што постојат одредени критериуми според кои учениците се запишуваат. Но, во поглед на квалитетот на образованието што го нудат, нема големи разлики помеѓу приватните и државните училишта.

Со приемот во Европската Унија, Португалија не морала да прави големи измени во образовниот систем. Образованието во Унијата има голема автономија и нема некои обврзувачки правила. Припадноста во големото европско семејство нуди предност во поглед на усвојување искуства од другите земји-членки и размена на знаења кон унапредување на образованието.

Извор
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование