X
 27.12.2017 Живот

Предновогодишно со премиерот Зоран Заев: Сакав да учам, ама и да возам мотор по планините

Премиерот Зоран Заев во интервју за Факултети.мк раскажува за неговите студентски денови, за омилените предмети во училиште, но отворено кажува и што му пречи во денешното образование. Вели дека е на страната на учениците и смета дека кога тој бил ученик, сите биле далеку порастоварени. „Не може по цел ден децата да бидат на училиште и да имаат огромен број предмети, па сакаме да ни се весели и спокојни“, вели тој.



Премиерот Заев учествувал на натпревари по математика и по физика

- Сакав да учам. Ама сакав и да другарувам, сакав и слободно време за работи што ми значат, до денес. На пример, возење мотор. На почетокот гледав, читав за тоа, потоа почнав и да возам, па и по планините – вели премиерот Зоран Заев во предновогодишното интервју за Факултети.мк. Тој раскажува каков ученик бил, што го интересирало додека студирал, како си ги остварил соништата. Економскиот факултет во Скопје го студирал со голема желба да научи, а не со мисла „што ќе стане“ во животот. Вели дека секогаш е на страната на учениците и на младите.
- Сакаме да ве мотивираме да учите, да работите и да живеете во Македонија, вели Заев.

Додека растевте, дали некогаш помислувавте дека секој Македонец ќе го знае Вашето име и презиме, имавте ли такви детски желби?
- Имав желби како и секое дете, поврзани со нешта или личности што ме правеа среќен. Ми се чини дека индивидуалните постигнувања се директно поврзани со тоа колку ни е силна желбата да дојдеме до тоа што нѐ прави среќни. До денес, повеќе сум посветен на патот отколку на самата цел. Така што, не, не сум размислувал конкретно за тоа секој да ми го знае името и презимето. Но, секому му е убаво да почувствува дека се вреднува она што го сработил, а јас многу од тоа што го постигнав е низ личен труд и многу соработки.


Секогаш е на страната на учениците

Родителите денеска често знаат да се пожалат дека децата се преоптоварени во училиште, но и дека новото време им носи малку слободни мигови за дружење со пријателите. Како Вие ги поминувавте ученичките и средношколските денови?

- Имав поддршка од родителите и тогаш, како што ја имам и сега. И колку и да немам простор да сум дневно, активно присутен до моите деца, се обидувам таа поддршка и тие да ја чувствуваат затоа што таа родителска поддршка е многу важна за сигурноста и спокојот на детето. Без нив, тешко успех. И затоа сум им благодарен на моите родители. Како ги поминував? Ученички, студентски, со сѐ што тоа значи. Сакав да учам. Ама сакав и да другарувам, сакав и слободно време за работи што ми значат, до денес. На пример, возење мотор. На почетокот гледав, читав за тоа, потоа почнав и да возам, па и по планините.

Каков ученик бевте?
- Одличен ученик бев. Ми одеше математика, професорите велеа дека ми лежат природните науки. Одев и на натпревари по математика и по физика, завршниот испит за матурата ми беше математика. Но, сите предмети ги учев, немав некој предмет што не ми оди, или кон кој имав одбивност.


Сакал да учи, но и да другарува

Сте дипломирале на Економскиот факултет на УКИМ, а на истиот универзитет ги завршивте последипломските студии по монетарна економија и финансии. Што Ве привлече кон изучувањето на економијата?
- Почетоците си покажуваат дека ете, имало некој првичен потенцијал кон разбирање на математиката, што е основа сепак за економијата. Ама да, да се одлучиш тоа да ти биде животна определба, треба и нешто друго. За мене, тоа беше желбата да придонесувам за некое пошироко добро. Моето семејство работеше земјоделство, потоа отворивме и фирма, тоа значеше и други вработени, и давање плати. Mе заинтересира начинот како може да се постигне успех, сите да се задоволни. Веројатно тоа бил мотивот, затоа што навистина Економскиот факултет го студирав со желба да научам, а не со мисла „што ќе станам“.

За многумина студентските денови се најубавиот период во животот, какви спомени Ви будат?
- Убави. Секој период од животот е убав, и со другарите на улица во детството, и со другарите во студентските денови додека потцртувавме материјали до доцна во ноќта и се смеевме, или си дошепнувавме во амфитеатарот за тоа кој каде бил претходната вечер, па си правевме шеги и на своја сметка, или додека споделувавме некои незгодни искуства со некој испит, или со нечија симпатија. Студентските денови се сметаат за најубавиот период во животот можеби поради тоа што сме доволно возрасни за да учиме кога сакаме, да излеземе кога сакаме и со кого сакаме, а сепак доволно млади за „под капата“ на родителите да се чувствуваме сигурно, без да мислиме посебно на сериозни обврски. Иако јас во слободното време помагав и дома во работата, што ми помогна многу во практичните искуства за она што го учевме на факултет. 


Премиерот повторно во клупите пред прославувањето 20 години од матура

Го искусивте ли студентскиот живот во Скопје? Живеевте тука во студентските денови или останавте во Струмица?
- Да, живеев во Скопје, со тројца цимери во населбата Капиштец, на улицата „Иво Лола Рибар“. Супер искуство е ваквиот студентски живот, малку оддалечен од дома. За родителите можеби не е баш најпријатен, ама големо училиште е тоа, уште еден факултет, животен овој, затоа што насочува кон одговорност и самостојност, кон избор на навики што може да нѐ направат горди, или да извлечеме „дебела“ поука. А животот покажува дека колку порано научиме или извлечеме поуки за тоа што е вредно, толку побрзо можеме да им се посветиме на вредностите. А ако им се посветиме на вредностите, нема шанса тоа да остане без резултати.

На кои професори што поминале во Вашиот живот им се одушевувате и зошто?
- На професорите што имаа трпение, тие најмногу ми го привлекуваа вниманието. Бидејќи има ученици, си се знаеме меѓу себе, нели, кои на пример знаат, ама не можат да се искажат. Или изгледаат незаинтересирани, или недисциплинирани, а всушност треба само да им се посвети соодветното внимание, да бидат испровоцирани да го дадат тоа што надворешно не може да се види. Ете тие професори до денес ги паметам и мислам дека таквите професори носат вистинско знаење и развој за младите.



Кој Ви беше најтешкиот испит на факултет, а што Ви предизвикуваше мака во средното училиште?
- Кога немаше да научам, тогаш имав мака - дали да се појавам на испитот и да одам на среќа или воопшто да не појдам. Инаку, ако беше подготвен испитот, не ми беше проблем, кој и да беше. А во средно, за мака не знам, ама се сеќавам дека недела и понеделник ми беа тешки. Мислам и денешните ученици ќе се согласат, недела посебно, ако мора да се доучи, а понеделник, после некој релаксиран викенд.



Во кој период од животот ги запознавте најверните пријатели со кои и денес делите и лошо и добро?
- Имам другари од раното детство до денес, тие ми се многу значајни. Ама имам и многу другарства што ги стекнав низ животот, кои исто така се вредни. Искуството ми кажува дека денес може да постојат искрени пријателства, со срцето се чувствува тоа.

Образованието денес и сега? Вашето искуство и искуството на Вашите деца со македонскиот образовен систем секако не се исти. Кои грешки во нашето образование ги уочувате како родител?
- Јас сум на страната на учениците, иако сум родител. Ние, како ученици, бевме далеку порастоварени, не може по цел ден децата да бидат на училиште и да имаат огромен број предмети, па сакаме да ни се весели и спокојни. Јас сум за тоа да ги видиме добрите образовни практики во Европа, од држави слични на Република Македонија. Бројот на предмети мора да се намали. Кога ќе бидат фокусирани учениците на помалку предмети, ќе имаат повеќе слободно време, со тоа и повеќе можност не само да го учат тоа што им е сервирано по програмите, туку и сами ќе истражуваат, ќе читаат за тоа што ги интересира. Тие знаења, стекнати со добра волја, а не затоа што се мора, се драгоцени понатаму, особено ако станат работна животна определба. Потребни ни се креативност и критичко мислење во образованието. Учениците ниту се машини ниту се со еднакви капацитети, и затоа мораме да обезбедиме образовен систем во кој има место и шанса за секое дете, и за помалку успешните и за талентираните, ама задолжително за сите. Треба да поттикнеме дискусија на школскиот час, да дозволиме и да мотивираме учениците да дискутираат за материјата, да прашуваат, да преиспитуваат, да дебатираат, да се спротивставуваат. Само така се доаѓа до повеќе знаење и до вистината.



Една од областите што претрпеа огромни измени во последните петнаесет години е токму образованието, за жал, според многумина, на штета на учениците и на наставниците. Од Вас и од Владата се очекува да направите чудо од образовниот процес. Кога реално може да очекуваме позитивни резултати?
- Имате право. Експерименти во природните науки се добредојдени, ама не може да се експериментира со цел образовен систем. Нашиот приоритет како Влада е да поставиме одржлив образовен систем. И веќе ги отворивме првите дебати, подготвени сме сите да бидат вклучени, студенти, професори, наставници, ученици, родители, експерти, да видиме компаративни модели, што можеме да примениме во Македонија од држави кои веќе имаат успешни образовни модели, Словенија, Финска, Естонија, Канада, има и други држави со квалитетни образовни системи. Мора да го поставиме образованието на здрава основа затоа што вие, младите, сте во прашање. Вие сте наши деца, но вие сте и носечка и движечка сила во општеството. И ве уверувам, заедно, ќе поставиме темели за квалитетен образовен систем. Веќе почнавме преку Министерството за образование со ревизија на наставните планови и програми. Започнати се и процеси на ревизија на учебниците, како и на менување на законите што се однесуваат на образованието. Учествуваме во меѓународните студии ПИСА 2018 и ТИМСС 2019, знаете, преку тестови учениците треба да покажат што знаат, ќе се види практичната применливост на знаењата, па така ќе ги утврдиме и факторите поврзани со постигнувањата на учениците и со она што придонело до послаби резултати. Следната година ќе почне и опремувањето на основните и средните училишта со современи лаборатории, преку практичната настава секогаш поинтересно и полесно се учи. Планираме да го намалиме и бројот на предмети во училиштата. Ќе се фокусираме и кон квалитетно средно стручно образование, со повеќе пракса. А, во високото образование, размислуваме да има и пократки студиски програми, од три години. Нашата цел е да развиваме квалитетна високообразована научна сила, но и стручна работна сила, бидејќи на пазарот на трудот, независно дали во Македонија или во Европа и светот, потребни се и едните и другите. Ние сакаме да ве мотивираме да учите, работите и да живеете во Македонија. Сето ова во голем дел е поврзано со образованието и затоа многу внимание ќе посветиме за да придонесеме кон овие цели.



Што ќе им посакате на младите во 2018 година?
- Бидете свои, бидете креативни, борете се за тоа што сметате дека е вредно, критикувајте го тоа што сметате дека треба да се промени, размислувајте, бидете активни. Општеството е на сите, а вие сте му потребни, да го создадеме какво што го замислувате, модерно, современо, достоинствено, во какво што сака да живее секој од нас, независно од возраста, ама посебно вие, младите, на кои ви треба простор да се изразите и да дејствувате. Тој простор е ваш и на нас е да ви го осигуриме. Во 2018 година уште почесто да се гледаме, да соработуваме и да споделуваме. Наполнив 43 години, но потребата од другари е постојана. Подготвен сум интензивно да соработувам со младите, младинските заедници и организации и од нив да учам новини што ќе го трасираат патот на иднината на Македонија.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот