X
 23.02.2018 Образование

Тања Бајрактарова-Веда: Со математички приказни децата несвесно се вљубуваат во оваа наука

По една изведба наменета за 4. и 5. одделение едно од дечињата ми рече: „Претставата беше многу смешна и интересна. И воопшто немаше математика во неа!“ Тоа беше комплимент бидејќи тоа е всушност целта на овие приказни и претстави: суптилно, ненаметливо да се научи или да се повтори математиката, објаснува Бајрактарова-Веда


Тања Бајрактарова-Веда на една од едукативните презентации

Многумина имаат негативен став кон математиката затоа што не ја разбираат. Ја поимаат исклучиво како формули, корени, равенки или броеви. Математиката е многу повеќе од тоа, вели Тања Бајрактарова-Веда, наставник по математика и писателка за деца. Токму оваа девиза ја поттикнала да почне да пишува математички приказни – дела во кои на ненаметлив начин се вметнати математички операции. Децата внимателно ги слушаат, ги впиваат, а воопшто не се свесни дека учат математика.

Што Ве предизвика да почнете да пишувате математички приказни?
- За да се учи математиката, прво треба да се има позитивен став кон неа. Потоа останува да се привлече вниманието и да се разбуди интересот кон оваа наука. Многумина имаат негативен став кон математиката затоа што не ја разбираат. Ја поимаат исклучиво како формули, корени, равенки или броеви. Математиката е многу повеќе од тоа. Нејзините најелегантни атрибути -, логичкото и аналитичкото размислување и нивниот развој ја издигнуваат над сите броеви, операции или релации. Ова е најголемата причина да ги пишувам овие математички приказни. Целта е да се обидам да го променам ставот кон оваа наука од минус кон плус.


И децата се радуваат

Вие сте наставник по математика. Раскажете ни некоја анегдота, како реагираат децата на овие приказни?
- Приказните и нивната драмска интерпретација нудат нешто забавно, интересно, игриво, а поради имплементираниот хумор, предизвикуваат и смеа. Како може да реагира едно дете на игра и забава? Со нетрпение го чекаат следниот наставен час. Во декември, во соработка со „Колектив ветерница“ ја изведувавме претставата „Волшебен свет“, каде што акцентот беше поставен на читање од мапа, поделба на цело, операции со размери и дропки. По една изведба наменета за 4. и 5. одделение едно од дечињата ми рече: „Претставата беше многу смешна и интересна. И воопшто немаше математика во неа!“ Тоа беше комплимент бидејќи тоа е всушност целта на овие приказни и претстави: суптилно, ненаметливо да се научи или да се повтори математиката. На овој начин може да се изучува која било наука. Често обработувам теми од општествениот живот, од природните науки, од музиката. А сите науки меѓу себе се тесно поврзани и некогаш не може да се види границата меѓу нив. А математиката и мајчиниот јазик како пајажина се испреплетени низ сите други.

Колку овој начин на презентација на математиката е застапен во основно образование во земјава, особено во пониските одделенија?
- Oва е нов наставен приод во учењето математика во нашата земја. Со години ги пишувам овие математички раскази за реномирани детски списанија и собирам повратни информации за нивната искористливост во наставата. Имаше одличен фидбек, па пред една година решив првпат да презентирам како можат овие приказни да се употребат на часот. Учествував на балканскиот едукативен фестивал КРЕФ со претходно подготвено едукативно видео. Стануваше збор за час по математика во прво одделение. Преку приказна и интеракција, учениците совладуваат наставна единица за 2Д и 3Д геометриски форми. Во западните земји, но и во Србија, овој методолошки пристап во учењето веќе е прифатен и поддржан од министерствата за образование. Се надевам дека и кај нас повисоките образовни органи ќе ги согледаат убавината и полезноста од оваа нова методологија.


Едукативните работилници се и за наставниците

Сте учествувале на многу едукативни работилници. Како реагираат наставниците? Ги применуваат ли понатаму овие методи во програмата?
- Сум била дел од многубројни промотивно-едукативни работилници, анкети и слични активности, во училиштата и на Саемот на книгата во Скопје. Така се опипува пулсот на наставниците и на учениците во однос на понудениот методолошки пристап и неговата примена и искористливост во воспитно-образовниот процес. Повратните информации се секогаш позитивни, а добронамерните забелешки од наставниците се имплементираат во содржините и концептите во следните работилници. Едукативните работилници не се наменети само за децата, туку и за наставниците. Така тие претставуваат и своевидна обука. Наставниците се воодушевени од поинаквиот пристап кој носи резултати. Тие се отворени за нови иновативни промени. Примарно, наставниците сакаат да ги научат децата на почитување, толеранција, соработка, сочувство, да им пренесат знаење, а тоа најдобро се постигнува преку приказните и нивната драмска интерпретација. Тогаш учениците се дел од севкупниот наставен процес на часот, а не само статисти. Така, и наставниците за возврат го добиваат истото. И задоволството е заемно.


Приказна со „Колектив ветерница“

Се најавуваат многу програмски измени во основното образование. Имало ли иницијатива математичките приказни да бидат дел од редовната програма и каков ефект би предизвикало тоа?
- Постојано се надградувам и го следам современиот тек на настава и методолошки пристап. Употребата на математичките приказни во наставата е мојата најголема поддршка да продолжам да ги пишувам, да ги усовршувам и да се надевам дека ќе станат дел од наставната програма, како начин на учење на лекциите по математика во основното образование. На почетокот на декември бев поканета од мојата драга професорка Ирена Стојкоска од ПМФ да одржам предавање за она што го работам, т.е. поинаквиот начин и пристап во учењето математика. Предавањето „Совладување на наставата по математика преку приказни и театарски претстави“ беше во рамките на семинарот „Математика и примени“. Реакцијата на присутните наставници беше позитивна и потврдна. Некои од нив што веќе примениле приказна на часовите по математика велат дека без исклучок сите деца се вклучуваат со интерес и внимание на часот. Навистина имам голема поддршка од Природно-математичкиот факултет. Напролет ќе учествувам на Конференција за образованието по природни науки и математика каде што ќе се дискутира за потребите на учениците и на наставниците, знаењето, оценувањето и постигнувањата на учениците, наставните планови и програми, методолошките пристапи и многу други работи поврзани со образовниот процес. Таму ќе го предочам и мојот предлог-концепт за поинаков и интересен наставен час.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование