X
 18.03.2018 Образование

Марија Давчева, најдобар дипломец на Филозофскиот факултет со оценка 10: Психологија мора да изучува секој средношколец!

Стипендијата на програмата „Еразмус Мундус“ во областа на психологијатa на труд, организација и менаџмент на човечки ресури на Универзитетите во Валенсија и Коимбра е моментален предизвик за амбициозната Давчева


Скопјанката Марија Давчева со просечна оценка 10 е најдобриот студент на Филозофскиот факултет. Таа дипломира на Институтот за психологија во 2015/2016 година, а денес е на постдипломски студии во Валенсија, Шпанија. Од неодамна е на размена во Португалија, каде еден семестар престојува на Универзитетот во Коимбра, вториот најстар универзитет во Европа, после Болоњскиот.
Средно училиште завршила во „Раде Јовчевски – Корчагин“, каде воопшто не изучувала предмет психологија, ама проучувала тематика од таа област, па така ја засакала. За стекнатото знаење, но и предизвиците со кои се соочува во новата средина, поразговаравме со 23-годишната амбициозна девојка.
Најубавиот период во животот ми претставуваат студентските денови, а со оглед на тоа дека сум на постдипломски студии, тоа сѐ уште трае. Студирањето на Филозофскиот факултет на Институтот по психологија ми донесе прекрасни моменти, многу предизвици и уште повеќе пријателства, нагласува Давчева. Таа е еден од основачите и некогашна потпретседателка на Здружението на студенти по психологија ПСИХЕСКО.
- Ова здружение им даде дополнителна искра на студентските денови. Проектите и соработките кои ги остваривме со голем број здруженија, локални и европски, како и со матичниот Филозофски факултет, овозожија простор за стекнување многу вештини корисни за професионален и личен развој. Кога студирате психологија нурнувате во комплексноста на психичкиот живот на човекот, се обидувате да го објасните користејќи одредна теорија и методологија и самиот факт дека осознавате нешто повеќе за човекот, претставува извонредно искуство. Четирите години поминати на Филозофскиот факултет беа патешествие сами за себе, научив многу за психологијата, односите со луѓето, но пред сѐ, научив многу за себе – вели најдобрата студентка.


Марија е стипендист на програмата „Еразмус Мундус“ во областа на психологијатa на труд, организација и менаџмент на човечки ресури. Станува збор за уникатна магистерска програма финансирана од Европската Комисија, која го следи едукацискиот модел на EUROPSY (Европски квалификациски стандард за психолози), а поддржан од EFPA (Европската асоцијација на здруженија на психолози).
- Програмата овозможува двегодишни студии во Шпанија со период на размена во Португалија и интернационална пракса. Се стекнуваат многу професинални компетенции кои треба да ги поседува секој организациски психолог, но најинспиративната страна на програмата е интернационалната околина. Заедно со уште 20-ина студенти од цел свет посетуваме часови и вежби на реномирани професори од областа на организациската психологија во Шпанија, како и професори на посета од САД, Англија, Бразил и тн. Ми претствува огромно задоволство што сум дел од оваа програма и како што ми кажаа, всушност, и прва Македонка во рамките на оваа програма – среќна е Марија, која истакнува дека во оваа фаза од животот сака да се посветува на практичната работа, односно да работи како организациски психолог во областа на менаџмент на човечки ресурси.
Интересно е што таа во средното училиште воопшто не изучувала предмет психологија, а токму оттогаш и се јавила љубовта кон оваа наука.
- За жал, немав можност да ја изучувам психологија како предмет во средното образование, но проучував тематика од таа областа. Се решив да се запишам на психологија, иако немав големо предзнаење за оваа наука и почнав речиси од нула. Се сеќавам на првиот час кога ја учевме дефиницијата за оваа наука, но на тоа гледав како на предизвик. Да се разбере човековото однесување, тоа е интересната загатка која до ден денес ме влече кон оваа наука. Затоа сметам дека е многу важно секој средношколец да го изучува овој предмет барем една година, без разлика дали е во гимназија или некое стручно – вели Марија.


Ја прашавме што би сменила во нашиот образовен систем, кога би имала таква моќ.
- Нашиот образовен систем најмногу се базира на теорија, недостига пракса. Се надевам дека во иднина тоа ќе се промени и ќе се обрне повеќе внимание на практичната настава. Мора да се развие подобар систем на пракса која се изведува во летниот период, но исто така и повеќе практични вежби за време на предавањата. Исто така, би препорачала да се воспостави поголем пристап до современата литература која овозможува да сте во тек со брзиот напредок на науката – категорична е Давчева.
Сега кога може да се спореди со студенти од цел свет во сосема нова средина, Марија вели дека во голема мера има солидна основа за студиите во странство.
- Процесот на селекција кој го поминав за магистерските студии исто така покажа дека знаењето кое сум го стекнала на Филозофскиот факултет е добра основа врз која може да се надогради постдипломско ниво. Имав инспиративни професори кои со својот професионализам неизмерно ја пренесуваа својата љубов кон психологијата. Најмногу ме инспирираа професорите кои бараа критички пристап при совладување на материјалот, бидејќи на тој начин, со отворен ум, најефикасно се стекнува знаење – категорична е Давчева. Признава дека ѝ значело да има добри оценки.
- Тие претставуваа знак на часови и часови труд кој го вложував, но истовремено претставуваа и мотивација да продoлжам да се надоградувам. Да бидам искрена, јас сум перфекционист, па секогаш се преиспитувам што можам да направам подобро – вели Марија.
Ја замоливме да им упати препорака на актуелните студенти по психологија:
- Да не се ограничуваат на материјалот совладан на час, да се надоградуваат, да прашуваат, да покажат интерес и активност, да преземат иницијатива и критички да го преиспитуваат тоа што го учат. Студирањето е прекрасен период кој нуди многу можности. Би им препорачала да му се придружат на ПСИХЕСКО кое нуди можности за студентско активирање, учество во проекти и настани на локално и интернационално ниво.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование