X
 31.03.2018 Култура

Цензурата во уметноста е како да ви ги исекле крилјата, како да ви мавнале жешка шлаканица

Со продеканката на Ликовната академија при УГД од Штип, Јана Јакимовска, разговараме за проектот „Не е шега: дискриминација и цензура“, кој ќе се реализира од 1 до 10 април во Музејот на Македонија


проф. Јана Јакимовска

Ликовната академија и Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип го иницираа проектот „Не е шега: дискриминација и цензура“, кој ќе го реализираат од утре (1 април) до 10 април во Музејот на Македонија, една од институциите-соработници. Изложби и дебати на овие скокотливи теми ќе се одржат во текот на наредните десет дена. Во проектот се вклучени и Дебатното кино „Контра кадар“ и Музичката академија при УГД.
Повеќе за програмата и идејата поразговаравме со продеканката на Ликовната академија, Јана Јакимовска.

За поздрав е фактот дека повеќе институции се вклучени во проектот. Како се роди идејата за „Не е шега: дискриминација и цензура“?

- Идејата потекна од реални соработки што ги направивме со Правниот факултет при УГД во текот на 2017 година. На покана на доц. д-р Ана Никодиновска-Крстевска (која со своите студенти од Правниот факултет организира активност на тема „Говор на омраза и дискриминација“), Ликовната академија направи тематски поврзана изложба, каде што со неколку студент(к)и од студиските програми класично сликарство и вајарство, изработивме плакати и ги покажавме на изложба наречена „Дискриминација?“ Резултатите беа толку успешни, што направивме и втора соработка истата година, на тема слобода на изразување и цензура, каде што повторно се претставивме со изложба под наслов „Цензура“. Судбината сакала изложбата да ја посети д-р Гоце Наумов, надворешен соработник на Факултетот за образовни науки при УГД, археолог кој е вработен во Музејот на Македонија. Негов беше предлогот изложбата да се донесе во Скопје и оттаму произлезе соработката со неговата матична институција. Решивме на скопската изложба да се изложат плакатите од двете изложби, а денот на отворање, 1 април, ни го наметна и насловот, „Не е шега: дискриминација и цензура“.



Низ разговор со Гоце заклучивме дека, за жал, изложбите кај нас се најчесто посетени на отворањето, а другите денови салите зјаат празни. Затоа решивме изложбата да ја збогатиме со различни активности. Во текот на десетте дена (од 1 до 10 април) во кои изложбата ќе биде отворена, ќе се одржат трибина и работилница, ќе се промовира публикацијата на студентските трудови од двете активности (текстови на студентите од Правен факултет и плакати на студентите од Ликовна академија), ќе има концерт и проекција на филм со дискусија. Со идејата за концерт веднаш се поврзавме со Музичката академија при УГД, а за филмската проекција сметавме дека е убаво да се организира во соработка со Дебатно кино „Контра кадар“ од Скопје, кое веќе докажано прави убав избор на филмови, како и на гости за дискусиите по проекцијата и од неговите филмски вечери секогаш може да се научи нешто ново.
Исто така, морам да потенцирам дека Универзитетот потпиша меморандум за соработка со Музејот на Македонија, што значи продлабочување на оваа соработка, а исто така сме безмерно благодарни што имаа слух и отворен дух да го прифатат и разработат овој концепт заедно со нас.

Цензурата нѐ погодува сите, а посебно уметниците. Се борат ли македонските уметници доволно со цензурата, а уште повеќе со автоцензурата?

- Сметам дека многу пострашно од цензура на уметноста е цензура на вистината и цензура на реални релевантни општествени информации, особено што како општество минавме и низ таков период. Но, ако се занимавате со уметност (а и уметноста знае да биде некогаш многу вистинита), цензурирањето на вашата работа е како да ви ги исекле крилјата, како да ви мавнале жешка шлаканица, како да ве понижиле и ви го зеле достоинството. Цензурата на уметноста не е нова и секогаш е врзана со табуата и непријатностите што произлегуваат од некои општествени трендови, секако диктирани од големите политики. Затоа, и „неполитичката“ уметност е политичка, оти контекстот на живеење е политички, а политичкото е општественото. Голотијата е лична, но и политичка, религијата е лична, но и политичка, сексуалноста е лична, но и политичка и оттаму сите табуа што произлегуваат се лични, но и политички. Низ минатите години сме биле сведоци на успешни и неуспешни обиди за цензура на автори кои се обиделе критички да се постават кон разни општествени ситуации. Прашањето на автоцензурата е многу важно прашање кое не верувам дека сме си го поставиле доволно и се надевам дека ќе се осврнеме и на него на трибината која ќе се одржи на 4 април, на која ќе учествуваат реномирани уметници и научници од Македонија и ќе зборуваат на тема „Цензура во уметноста и науката“.


Кажете ни повеќе за работилницата за плакат што ќе ја водите Вие и кој сѐ може да учествува?

- Уште при првата покана за соработка со Правниот факултет решив со моите студенти да се претставиме со плакати наместо со стандардниот ликовен израз на кој се навикнати – цртежи, слики и скулптури. Тоа го сторив, пред сè, затоа што кога се одговара тематски и тоа на таква специфична тема, треба да се биде максимално јасен и недвосмислен. Плакатот, со возможноста да „истрпи“ текст или, пак, да биде крајно минималистички, ја нуди таа можност. За разлика од делата изработени во класичните ликовни техники, кои се комплексни технички, симболички и концепциски и чија порака може да се интерпретира индивидуално, плакатот може да прозбори многу директно, без простор за „погрешни“ интерпретации.
Освен ликовни познавања, познавања од областа за која плакатот се изработува, пожелно е и познавање на одредени софтверски програми кои значително го олеснуваат реализирањето на идеите.

Работилницата ќе се одвива на 5 април во две сесии. Учесниците ќе бидат запознаени со начинот на размислување, компонирање и осмислување ефектни плакати преку низа примери што ќе им ги покажам. Потоа, ќе се информираме за проблематиката на мигрантите и ќе се соочиме со некои црни статистики по тие прашања, бидејќи за да се изработи плакат за која било тема, темата треба да се познава. Понатаму, ќе се изработат скици (секој учесник ќе ги изработува индивидуално) кои потоа ќе ги разгледуваме и ќе се обидеме да ги подобриме, т.е. да го прочистиме изразот (од моето досегашно искуство, проблемот најчесто лежи во тоа што честопати со еден плакат сакаме да кажеме сѐ, а тоа не само што е невозможно туку и нема ефект). Последната фаза ќе биде дигитална изработка на плакатите со помош на Adobe Фотошоп и Илустратор и сл.
Иако работилницата ќе биде од отворен тип, бројот на учесници е ограничен на 20 заради оптимална комуникација меѓу сите нас. Секако, во фокус ми се студентите од Ликовната академија на УГД, па во моментов сме во фаза на пребројување на доброволци. Штом се дефинира бројката, ќе биде пуштен и отворен повик на фејсбук-страницата на настанот, а заинтересираните слободно нека ја следат страницата за да знаат колку места за учество ќе останат.

Каков е интересот за Ликовната академија при УГД?

- Со оглед на тоа дека сме релативно нова институција, која полека влегува во шестата година од започнувањето на првата студиска програма, можам да кажам дека интересот е задоволителен. Уметничките факултети се малку специфични и наставата е индивидуална, така што работење со големи бројки не е од полза никому – ниту на професорите ниту на студентите. Според мене, идеални се класите од 5 до 7 студенти, за со секого да може да се работи оптимално.
Оваа пригода ја користам да ги поканам сите средношколци заинтересирани за студии од областа на ликовните уметности да дојдат и да ги посетат нашите простории, можеби токму нашиот концепт на студирање ќе биде тоа што го бараат од високото образование.

Учат ли студентите на академија дека треба да бидат слободни во изразот и да не се ограничуваат да го кажат преку делото она што искрено го мислат и чувствуваат?

- Правото на слобода на изразување го почитуваме и кај нашите колеги-професори, така што секој наставата по својот предмет ја гради онака како што смета дека е најдобро. Она што на Ликовната академија сакаме да им го пренесеме како знаење на студентите има повеќе нивоа, но главно сме фокусирани на практичниот и технички дел – пренесување на „занаетот“. Тој фокус природно се наметна и со фактот дека на Академијата предаваат професори и од Русија и од Украина, а тоа се школи познати по фантастично систематизираното знаење од областа на уметностите.



Но, секогаш има простор и за дискусија за изразот и пораката – со тоа што мојот личен став е дека за да се прекршат правилата, тие мора прво да се знаат, така што изучувањето на правилата е она што ќе нѐ направи и добри „кршачи“.
Понатаму, за пораката добро да се пренесе, нужно е јазикот со кој таа се пренесува да се познава беспрекорно – во случајот станува збор за ликовниот јазик. Верувам дека со овој пристап оние студенти што во иднина се гледаат како уметници во чиј фокус би била општествената ангажираност, ќе ги „вооружиме“ со знаење, а идеите и ставовите кои ќе сакаат да ги пренесат зависат од нив, нивните интереси, информираност и лични ставови.

Дали Ве очекуваат слични проекти до крајот на учебната година?
- Секако, но не од овој обем, бидејќи за проекти и настани од ваков обем се потребни многу време, енергија и подготовка „зад кулисите“. Имено, работилницата за плакат која ќе ја држам се надевам ќе произведе добри решенија на тема миграции, а најдобрите ќе бидат изложени на следната соработка со Правниот факултет, која е планирана во Штип за 9 Мај, Денот на победата над фашизмот.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура