X
 28.03.2017 Образование

УГД одбележа 10 години од своето основање

Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип одбележа 10 години од своето основање. Јубилејот се прослави со низа манифестации, кои започнаа со полагање цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев пред Ректоратот на УГД, каде реч за Гоце Делчев одржа доц. д-р Кирил Барбареев, проректор за настава на УГД. Ректорот проф. д-р Блажо Боев изјави дека десет години не е голем период за постоење на една високообразовна установа, но е доволен да се потврди таа со квалитетот и основаноста за нејзиното постоење.



 - Oвие десет години ги поминавме во исклучително напорна работа, во креативна работа во делот на зајакнувањето на нашите установи и знаете дека имаме 15 факултети, тоа бараше огромен ентузијазам и бараше огромна работа за да можеме тоа да го направиме. По 10 години сме горди на она што го направивме, УГД е респективна установа со солиден квалитет во делот на наставата и во делот на едукацијата на студентите, перспективна во делот на истражувањата и меѓународната соработка и мислам дека градот Штип и Република Македонија со оваа установа добиваат многу голем придонес во делот на квалитетот на високото образование во Република Македонија. Јас се надевам дека годините кои доаѓаат ќе го потврдат ова во уште поголема креативна насока и се надевам дека УГД во периодот што доаѓа ќе биде една од најреспектабилните установи во  Република Македонија  изјави ректорот Боев.

На свечената академија ректорот на Универзитетот упати порака дека развојот на една држава зависи од образованието на младите луѓе и од нивото на нивното знаење.

Иднината на една земја не зависи толку од големината на нејзините вкупни приходи или таканаречениот БДП, ниту од убавината на разните градби, туку од бројот на образовани млади луѓе, од нивното знаење, карактерот што тие во себе го носат, односно од интелектуалниот потенцијал, рече ректорот на УГД во својот говор.



    Присутните кои дојдоа на свечената академија имаа можност да уживаат во неверојатниот уметнички настап на виртуозот Влатко Стефановски и деканот на музичката академија при УГД Тони Китановски. Покрај Свечената академија и уметничкиот настап, имаше и презентација на победниците од Конкурсот за фотографија и изложба на слики од Ликовната академија.
Од настаните кои се однесуваа на прославата се одржаа и предавање за сите заинтересирани од професорот Венко Андоноски кој по овој повод беше гостин на Филолошкиот факултет.



    Универзитетот на својата прослава одвои и простор за своите најдобри студенти и за нивните приказни. Во свечената сала на Правниот Факултет дел од студентите на УГД ги презентираа своите успешни приказни. Тоа се студенти кои се едни од најдобрите и кои денес се успешни како вработени во компании или институции и со јавноста ги споделија своите успешни приказни преку кои ги мотивираа останатите.

Славеничката атмосфера на УГД беше пренесена и низ градот Штип, со настап на студентите на Музичката академија на УГД. На плоштадот „Слобода“ настап имаа студентите од Одделот за џез студии, а на просторот пред штипскиот Музеј, студентите од Катедрата за етнокореологија.

Традиционално се одржаа и студентските спортски игри каде преку 500 студенти се натпреваруваа меѓусебно во различни спортови неколку дена, а се во чест на јубилејот на Универзитетот.



Прославата заврши вчера со спектакуларна велосипедска трка на која присуствуваа преку 200 велосипедисти - рекреативци и професионалци. Трката оваа година беше меѓународна и на неа се натпреваруваа и велосипедисти од соседните земји.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование