X
 06.04.2018 Култура

Прослава на јубилејот – 50 години од „2001: Одисеја во вселената“ на Кјубрик


Сцена од „Одисеја во вселената“
(Фото: Youtube screenshot)


Сонот на љубителите на научната фантастика наскоро ќе се оствари: можност да влезат во репродукцијата на славната спална соба од филмот „2001: Одисеја во вселената“ која ќе биде изложена во Вашингтон во чест на 50-годишнината од почетокот на прикажувањето на ова ремек-дело на Стенли Кјубрик.

Посетителите на прочуениот Национален музеј на авијација и астронаутика во главниот град на САД ќе можат да прошетаат низ таа просторија со големина од 80 квадратни метри во која на крајот на филмот доктор Дејвид Боуман старее пред повторното раѓање.

Наместена идентично, само без црниот монолит, репродукцијата на собата импресионира со нападна светлина каква што Кјубрик ја пренесе на филмот.

Посетителите ќе можат да „уживаат во просторот околу изложените предмети“, креветот, столиците, сликите и скулптурите, објаснува Мартин Колинс, кустос на музејот.

„На Кјубрик му беше важно светлината да не доаѓа од проектор туку да биде интегрирана во самата сцена“, додава тој, објаснувајќи го интензитетот кој го нуди собата во неокласицистички стил.

Со инсталација која обезбедува илузија на реализам на британскиот уметник Сајмон Бирч, музејот му оддава почест на делото на Кјубрик, кое се смета за еден од најголемите филмови во историјата на филмот.

Пред „Војна на ѕвездите“ или „Истребувач“ американскиот режисер ја почна револуцијата во научната фантастика со овој долгометражен филм чие сценарио, освен Кјубрик, го потпишува и британскиот писател Артур Кларк.

Филмот „2001: Одисеја во вселената“ почнал да се прикажува во април 1968 година во САД, обележувајќи го своето време со филозофски осврт на темата освојување на вселената и развојот на човечката раса.

Изложбата ќе биде отворена од 8 април до 28 мај.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура