X
 15.03.2019 Култура

Требенишките великани повторно почиваат заедно - отворена големата изложба во Скопје

Додека ја разгледувате поставката, ги уочувате предметите со исти карактеристики и декорации, па сосема исчезнуваат денешните граници, културниот круг од пред 27 века самиот се затвора. Тоа е зенитот на поставката

Треба да сонуваш за да достигнеш големи височини. Неколку генерации археолози од Македонија, Бугарија и од Србија еден век мечтаеја за изложбата што синоќа беше отворена во Археолошкиот музеј во центарот на Скопје. „Сто години Требениште“ е насловот на изложбата која обединува повеќе од 400 артефакти откриени на охридските некрополи во неколку археолошки кампањи во изминатиот век. По сто години Требениште стана симбол на обединување на трите земји. Првпат заедно, на едно место, се изложени златните посмртни маски, ракавици, сандали и други апликации направени од злато, сребрените ритони, килибарните ѓердани, прекрасните бронзени садови, оружјето, керамичките наоди. Додека ја разгледувате поставката, ги уочувате предметите со исти карактеристики и декорации, па сосема исчезнуваат денешните граници, културниот круг од пред 27 века самиот се затвора. Тоа е зенитот на поставката.

Пред присутните се обрати Горан Санев, директор на Археолошкиот музеј

Фоајето на Археолошкиот музеј синоќа беше преполно. Сите трпеливо ги слушаа говорите на археолозите, директорите на музеите, претставниците на ресорните министерства од трите земји. Атмосферата кулминира во последните говори, кога веќе говорниците, понесени од возбуда, не му оставија простор на преведувачот да го пренесе делот на англиски јазик. Насмевки, меѓусебни кимнувања, сè беше во духот на едно големо помирување.

Изложбата ја отвори покровителот, премиерот Зоран Заев, кој нагласи дека раководителите и кустосите на овие институции направиле важен историски чекор за да се прослави стогодишнината од откривањето на првите артефакти од овој археолошки локалитет.

Златна погребна маска

Од безбедносни причини, присутните во групи влегуваа да ја разгледаат поставката. Изложбата се отвора по повод 100-годишнината од откривањето на некрополата во 1918 година.

Автори на изложбата се Перо Арџанлиев од Скопје, Вера Крстиќ од Белград и Крсто Чукалев од Софија. За изложбата е подготвен ексклузивен каталог на околу 400 страници, со текстови од 26 автори, музејски работници од нашата земја, Србија, Бугарија, Чешка и од Германија.

Од историјатот на археолошките ископувања

Некрополата е случајно откриена во мај 1918 година. Бугарските војници воспоставувале патна комуникација Охрид-Кичево за потребите на воените операции. Откопувале камења од блиските пунктови, кои како купишта се забележувале по површината недалеку од патот, кога наишле на првите гробни прилози. Така се откриени првите пет богати гробници. Два месеца подоцна на местото на откритието дошло првото стручно лице, археологот Карл Шкорпил од Народниот музеј во Софија. Тој откопал само уште два гроба.

Од 1930 до 1934 година истражувањата ги продолжил српскиот археолог и филолог Никола Вулиќ. На почетокот, во два наврата открил пет гроба, а во 1933 година го открива последниот „кнежески“ гроб. Следната година во северниот дел од некрополата открива уште 9 гроба кои ги нарекува „сиромашни“.

Бронзен кратер

Во 1953 и 1954 година по третпат се вршат истражувања на некрополата Требениште. Овој пат систематските истражувања ги изведува Народниот музеј во Охрид под раководство на Васил Лахтов и Јоже Кастелиц. Тие откриле вкупно 11 гроба. Во 1972 година последен пат се вршени сондажни заштитни и систематски археолошки истражувања на локалитетите Сува Чешма, Три Чељусти и Вртуљка. Тоа се трите локалитети на кои се протегала некрополата. Истражувањата ги спровел Заводот за заштита на спомениците на културата во Охрид, а со нив раководел археологот Владо Маленко. Резултатите од истражувања во вид на извештај се публикувани во 1975 година. Тогаш на локалитетите Три Чељусти и Вртуљка се откриени нови 23 гробни конструкции, некои со двојно погребување. Овие истражувања во монографија се публикувани во 1985 година.

Тимот кој во 2002 година ја откри последната златна маска на Горна порта во Охрид

Според Аџанлиев, требенишката некропола е значајна за светската археологија. Првпат таму биле откриени вакви богати гробови од архајскиот период. Потоа вакви погребувања се откриваа и на други локалитети на просторот на т.н. Централен Балкан – на локалитетите Петилеп-Беранци близу Битола, Синдос близу Солун, Архонтико кај Пела и на други места и секогаш беа споредувани со хронолошки првото откритие – Требениште. - И по 100 години од откривањето вниманието за овој локалитет и за наодите сè уште не стивнува. Напротив, со организирањето на оваа јубилејна изложба се надевам дека дополнително ќе поттикнеме голем број истражувачи повторно и повторно да се позанимаваат со мистериите што ги крие Требенишката некропола - вели Арџанлиев.

Изложбата од денеска е отворена за јавноста. Во Скопје ќе биде отворена шест месеци. Потоа ќе биде поместена во Белград и во Софија. Музеи од Париз, Берлин, Виена и Загреб веќе се интересираат да ја преземат.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура