X
 19.05.2021 Образование

Ковид-протокол за полагање државна матура. Еве ги правилата

Jасно дефинирани правила предвидува Протоколот за заштита на учениците во услови на пандемија, во деновите кога ќе полагаат испити во матичните средни училишта

Протоколот за постапување на средните училишта при реализација на испитите од државната матура е објавен на веб-страницата matura.gov.mk и во него прецизно е посочено што точно треба да преземат надлежните во средните училишта со цел да бидат спроведени сите мерки за заштита на нивните ученици во услови на пандемија.

- Во најголем број училишта се обидуваат да направат организација во една училница да има помалку од 15 ученици - вели Елизабета Наумовска, директорката на Државниот испитен центар.

Училиштата се одговорни за почитување на протоколот

- Во средните училишта каде што се реализира државната матура потребно е да бидат обезбедени санитарно-хигиенски услови.



- Средствата за дезинфекција да се постават пред училиштето и да се врши задолжителна дезинфекција на рацете на сите ученици и сите вклучени во реализацијата на државната матура пред да влезат во училиштето.

- При влегување во училиштето да се врши мерење на температурата на секој ученик и секој вклучен во реализацијата на државната матура, како и дезинфекција на рацете.

- Сите учесници во реализацијата на државната матура (ученици, тестатори, набљудувачи и членови на училишните матурски комисии, редари, хигеничари) задолжително да носат заштитна маска на денот на испитите, за цело времетраење на истите.

- Учениците согласно утврден распоред влегуваат во училниците во периодот од 9:15 до 10 часот.

- Учениците задолжително да носат документ за лична идентификација и прибор за пишување.

- Да се означат влезовите за влез и излез од местото каде што ќе се одржува полагањето, како и патеки за еднонасочно движење, со поставени ознаки со кои се означува правец на движење и запазување на минимум потребното растојание при чекање ред на учениците пред и внатре во училиштето.

- Да има организирана редарска служба во училиштето, со цел спроведување на редот и одржување на потребното растојание меѓу учениците од минимум 2 метра пред влегувањето и внатре во училиштето, и тоа 2 редари пред влезот на училиштето и 2 редари за во училиштето. Редарите да се ангажираат од редот на вработените во училиштето, за што одлучува директорот на средното училиште.

- Да биде организиран просторот во училниците, со цел спроведување на редот и одржување на потребното физичко растојание меѓу учениците од минимум 2 метра со присуство на максимум 15 кандидати во една просторија. Задолжително да се врши дезинфекција на клупите и столчињата во просториите каде што ќе се врши полагањето на учениците, со дезинфекционо средство кое дејствува на вируси според упатство од производителот.

- Просториите во кои се реализира државната матура, пред почеток на испитите, се проветруваат или доколку овозможуваат временските услови, се остава отворен прозорец.

- По завршување на полагањето учениците да го напуштат просторот движејќи се по означените насоки на движење.

- Редовно одржување на тоалетите со задолжително водење евиденција за спроведеното чистење и употреба на горенаведените дезинфекциони средства.

- На крајот од секој ден задолжително е механичко чистење и дезинфекција со средство кое дејствува на вируси според упатство од производителот. Алтернативно може да се користи 0,05 % натриум хипохлорит (5 % белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) или 70 % алкохол за дезинфекција на горни површини.

- Организаторите на полагањето на државната матура ќе сносат целосна одговорност за контрола и правилно спроведување на протоколните мерки.

На кој датум ќе се полагаат испитите

Екстерните испити од државната матура во јунската испитна сесија во 2021 година ќе се реализираат во неколку термини. Сите испити почнуваат во 10 часот.

На 5 јуни ќе полагаат македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература.
На 11 јуни ќе го полагаат испитот за вториот екстерен предмет што го избрале матурантите, како математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија, естетика.

Интерните испити како естетика, филозофија, хемија, физика, биологија, историја, социологија, бизнис, информатика или географија ги планира и ги организира училиштето и тоа ги одредува роковите за полагање.

Дополнителните термини за полагање на екстерните испити од државна матура поради вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди) се полагаат дополнително.

На 25 јуни ќе полагаат македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература;
На 28 јуни ќе полагаат математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија, естетика.
Подготвил: Радмила Заревска / radmila.zarevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование