X
 20.10.2020 Образование

Првите оценки учениците ќе ги добијат до 20 ноември. Ќе се оценуваат онлајн, а по потреба и во училница

Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование ги известија училиштата за начинот на следење и оценување на учениците во периодот на реализација на наставата во услови на пандемија. При формирањето на оценката ќе се следат упатствата утврдени од БРО на почетокот од учебната година. Наставниците тука имаат јасно утврдени насоки со кои ќе се заштити квалитетот на процесот на формирање на оценката, информираат од Министерството за образование и наука.
Во случаите каде што од различни причини не може да се формира оценка онлајн, треба да се организираат индивидуални средби со овие ученици, преку кои наставниците ќе ги проверат нивните постигнувања и ќе ја формираат оценката.

Со оглед на тоа што оваа година наставата почна на 1 октомври, препораката на БРО и на Државниот просветен инспекторат е првите сумарни оценки за секој ученик да бидат изведени до 20 ноември. МОН и БРО апелираат до наставниците да го приспособат оценувањето на учениците согласно учењето на далечина.

- Потребно е да се постават јасни насоки во врска со очекуваните резултати од учењето и начинот на следење, контролирање и вреднување на постигнувањата на учениците во овој период. Во рамките на формирањето оценка треба да се задаваат автентични задачи кои ја елиминираат можноста за готови одговори од наставните материјали, или од други извори на информација, а во задачите со кои се проверува познавањето и разбирањето на фактите треба да се обезбеди контрола на времето за решавање - информираат од МОН.

Дополнително, наставникот може да направи табела за докази/продукти што ученикот ќе ги испрати како дел од електронското портфолио што ќе се оценува. Притоа критериумите за оценување, начинот на достава и роковите за достава треба да им бидат јасно претставени на учениците и родителите.

Учењето во виртуелна училница е предизвик од неколку аспекти, но истовремено е и можност да се направи исчекор во оценувањето - да се стави акцент на посложените когнитивни процеси, односно на издвојување, разбирање, анализа и помнење на она што е навистина важно, наместо усвојување фактографско знаење, велат од МОН.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование