X
 24.01.2022 Наша тема

„Девојката од автобусот“: Приказна за оние што патуваат со автобус, а најмногу за тие што се возат во „41“

Еден ден во 2018 година, додека одев на факултет, во автобус на седиштето пред мене имаше девојка со марама на главата. Претпоставив дека е од друга вера. Контролорот ни ги побара билетите, ние двајца истовремено ги подадовме картичките и тој се збуни. Токму тој момент ми беше клучната идеја, раскажува Трифуновски за Факултети.мк

Младиот автор Душко Трифуновски ја израдува читателската публика со ново дело. Книгата „Девојката од автобусот“ е приказна која раскажува за шест трагачи, за сите осамени кои на крајот од романот си го наоѓаат својот партнер. Дејството е динамично, а ликовите постојано се вртат во круг. Секој крај е нов почеток. Трифуновски е дипломиран професор по македонски јазик и литература, наставник во Основното училиште „Лазо Ангеловски“ во населба Аеродром.

Што раскажувате во „Девојката од автобусот“?

- Романса која никогаш не би се случила во реалноста поради различните карактери на ликовите, за расипаниот однос меѓу родителот и детето, за кои мислиме дека никогаш нема да се соединат, па дури и за оние луѓе што си имаат ветено дека нема да се заљубат, но го прават тоа несвесно. Романот е преполн со интрига, хумор, сплетки, многу замки во кои потпаѓа девојката од автобусот додека да стигне до целта.



Како се ткаеше оваа книга, од првиот збор, преку насловот до впечатливата корица?

- Еден ден во 2018 година, додека одев на факултет, во автобус на седиштето пред мене имаше девојка со марама на главата. Претпоставив дека е од друга вера. Контролорот ни ги побара билетите, ние двајцата истовремено ги подадовме картичките и тој се збуни. Токму тој момент ми беше клучната идеја, со помешани билети да направам мешаница во животите на двајцата. Приказната ја пишував неколку години со поголема пауза бидејќи бев во Америка и можам да кажам дека тамошното опкружување постојано ми даваше идеи кои овде ги немав. Впивав сè околу мене за да излезам од рамката дека можам да напишам само романтична комедија. Идејата за насловот си дојде сама по себе бидејќи романот така и започнува, со девојката од автобусот. А корицата, пак...хм! И таа дојде спонтано од главата на мојот дизајнер. Целата корица е приказна, сите ликови се реални, оживеани, автобусот сообраќа на реална релација...



Што велат читателите, дали им се допаѓа?

- Првите впечатоци се позитивни и најмногу коментари овие денови добивам за изгледот на корицата. За сите беше неочекувано фокусот да се стави на автобусот како предмет, кој секако е важен елемент во целата приказна. Ова е приказна за сите што редовно патуваат со автобус, а најмногу за тие што се возат во „41“. Ха-ха. Приказната на главните ликови започнува токму во автобус и идејата на дизајнерот му дојде сама по себе.

Дали новите генерации го негуваат, го сакаат македонскиот јазик?

- Јас како наставник го имам т.н. седмо сетило, а тоа е правилниот/неправилниот изговор, па така учениците може да препознаат на што помислувам во моментот кога некој од нив ќе направи грешка. Го сакаат јазикот преку творење, преку мои, но и нивни авторски експерименти кога на часовите имаме писмена вежба на тема што тие самите си ја задаваат.

Како се одвиваат часовите по македонски јазик?

- Со многу работа, многу забава, интеракција, но и многу хумор и анегдоти. Учениците сакаат да ги знаат моите шеги и непријатни ситуации за време на телевизиски гостувања, промоции, искуство... Секој предмет е важен и за секој наставник неговиот предмет е важен, а на сите нам најважно ни е учениците да имаат желба да станат наутро и да дојдат на часови. Моите ученици веќе се навикнати дека еден дел од часот е наменет за работа, а другиот дел од часот е наменет за слободни креативни активности во кои слушаме музика поврзана со содржините по литература, твориме, разговараме за мојата втора професија како автор и книжар, за нивните проблеми итн. На некој начин ние сме другари.



Дали децата денес знаат да прочитаат слободна литература?

- Да, читаат книги и мислам дека тринаесет-четиринаесет се клучните години кога тие ја стекнуваат навиката за читање. Токму во овој период се оформува и стилот на пишување, се збогатува вокабуларот, учат за јазични правила... На часовите често разговараме за омилени книги, жанрови... Неодамна со осмоодделенците ја работевме лектирата „Марта“, но не на оној традиционален прераскажувачки начин, туку преку техниката „дебата“. На децата им се виде интересно бидејќи секој може да каже што мисли, а притоа да биде побиен од туѓ коментар или да побие некого со сопственото мислење.

Не е првпат да бидете инспирирани од личност од Вашето опкружување, се случува ли некој познајник/пријател да побара да напишете книга за него?

- Многу често ме прашуваат и тоа е важен момент за да добијам некаква идеја, но верувајте ми дека не може секоја личност да биде ставен на хартија или можеби опеан во песна. Мора да има нешто посебно во него, некоја случка со авторот, некоја карактерна особина... Не е потребна само приказната што ќе ја зацртаме во глава или на хартија, туку важно е ликот да се совпаѓа со приказната, со описите, но и според жанрот кој го пишуваме.



Како наставник на основци, сте размислувале ли да напишете книга за деца, можеби сликовница?

- Летово објавив илустриран минироман за деца од 5 до 8 години под наслов „Бела и Зборко“, но таа група на деца не е на возраст со учениците на кои им предавам. Хм, интересно прашање на кое немам размислувано досега. Колку би било убаво доколку наставникот го погоди вкусот на учениците спуштајќи се неколку скалила подолу...

Душко Трифуновски во 2015 година го објави својот прв роман „Слана“, за кој доби награда за книга со трајни семејни вредности, а во 2016 година ја објави драмската преработка на романот. Истата година го објави електронски романот „За два дена рече да“, за кој доби награда од УНЕСКО за најчитан роман на млад автор.

Фото: приватна архива
Подготвил: Александра Овчарска-Бела

Издвојуваме

Наша тема